Постот како начин на живот, дел прв

Pobeda-na-Pravoslavieto

Постот е темел на секоја добродетел, почеток на духовната борба, венец на оние што се во воздржание, украс на девственоста и светоста, светлост на целомудрието, начело на христијанскиот пат, мајка на молитвата, источник на целомудреноста и благоразумноста, учител на тихувањето, патеводител на секое добро дело. Вака ја започнува премудриот Исаак Сирин својата пофалба на постот. И како што тогаш таа служеше да ги ободри и охрабри неговите соподвижници во духовната борба, таа и нам денес подеднакво ни ја открива бескрајната полза од постот и нè повикуваат на благоразумна ревност.

Постот е навистина темел на секоја добродетел, зашто ништо посилно не го брани нашето достоинство, нашето првородно, едемско достоинство како подвигот на воздржанието. А какво беше тоа наше достоинство? Пред сè господарско. Зашто Бог го создаде човекот како круна на сето создание, го украси со дарот на образот и подобието Свое, и го постави за господар и пазител на сето она што го создаде, како што се вели во Писмото: „И, земајќи го Господ Бог човекот, кого го создаде, го воведе во градината Едемска, за да ја обработува и да ја пази“. Тој беше повикан да биде сотрудник во Домостројот Божји, а неговиот позив беше свештен. Но оваа власт од Бога, го обврзува човекот на особена духовна дисциплина. Тој треба да ја образува својата љубов кон Бога раснејќи во достоинството. А што значи за човекот тоа, да ја образува во себе љубовта? Каков треба да биде тој образ? Тоа значи дека, човекот треба да ѝ се уподобува на љубовта Божја и тоа на тој начин што ќе ја оличноснува, ќе ја ипостасира, односно, самиот ќе се преобразува во образ, олицетворение, воплотување на таа сила Божја. Зашто, љубовта, како највозвишена добродетел, во енергија е тогаш, кога со својот ослободувачки и креативен динамис го преобразува и оживува човекот во еден возвишен, христоподобен квалитет на битие. Нејзиниот совршен образ е вистинољубието, то ест Богољубието. Зашто, да љубиме, тоа значи на Бога да Му се уподобуваме, бидејќи, Бог е љубов. Оваа сила од Бога го храни во нас растот на нашето достоинство и ги зрее плодовите негови, а тоа се: смирението, трпението и воздржанието. И сите три се во суштина љубов. И смирението е љубов, зашто Бог ни го откри во Себе образот на совршеното смирение и истоштение, и ни заповеда: „кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга; како што и Синот човечки не дојде за да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“. И трпението е љубов, зашто нема побескрајно трпение од она на нашиот Небесен Родител. И воздржанието, то ест постот е љубов, зашто ништо посилно од него не ја исповеда нашата благодатна сродност со Бога, нашето синовство содржано и засновано во сеискупителната и спасителна жртва на Синот Божји. Воздржанието од гревот, од таа суштинска деградација на нашата природа, нè одржува на сигурниот пат на единството со Бога. Тоа нè чини вистински господари над она што Бог ни го поверил. Превасходно господари над самите себе си. Трудбеници и пазители на Едемот на нашето спасение.

Постот е и почеток на секоја духовна борба. Да го отфрлиме критериумот на суетниот свет, да не се допираме до неговата пропадлива привлечност, тоа значи пред сè да застанеме наспроти стихиите кои му непријателствуваат на нашето достоинство. Да застанеме и да стоиме цврсто на бојното поле на нашето спасение, зашто во аскетскиот етос на нашето витешко предназначение е содржано ветувањето за сигурната победа. На оној, што победува, – вели Бог, – ќе му дадам да јаде од дрвото на животот, кое е среде Божјиот рај. Да му ја претпоставиме, затоа, оваа небесна и живототворна храна на телесното прејадување и препивање кое води кон пропаст.

Не приклонувај го срцето кон земните сласти, зашто тие се привремени и трулежни, – вели Свети Димитриј Ростовски, – и радоста своја не ја полагај на пиењето и на земното јадење, туку тежнеј кон подобото во Бога – кон небесното. (…) Отфрлај ги привремените телесни уживања, за да не бидеш лишен од вечната наслада и да не го загубиш вечниот живот. Угодувањето на плотските желби не е ништо друго, туку терет за душата и смрт за совеста; во тоа нема толку утеха, колку тага, ни толку сладост колку потоа горчина. Ништожна е утехата која во истиот миг ја стигнуваат болка и стардание. (…) Победувај ги сластите и овладеј со нив, за да не те победат тие и да не завладеат со тебе – доколку сакаш слободно да го достигнеш вечно блажениот живот.

Вистинскиот господар на телото и душата, својата власт најпрвин ја покажува над сластите и похотите и војува против нив како против најлути непријатели, како кон поткопувачи и уривачи на ризницата која Бог му ја поверил. За овој љубовен подвиг, Бог ги наградува своите верни сотрудници со непропадливи дарови, според кажаното: „добар и верен слуго, во малку си бил верен, над многу ќе те поставам: влези во радоста на својот Господар“.

Постот е венец на оние што се во воздржание. Венец на славата и украс кој блеска со незалезната светлина на ангелската чистота. Ете со каква убавина е удобрен човекот низ постот. И таа не е нешто што на човекот не му е својствено. Венецот на воздржанието е царска круна која човекот ја доби од Бога во оној ден кога беше создаден според образот и подобието Божјо. Затоа и Свети Василиј Велики пишува:

Постот е дар древен, кој не изветвува и не старее, туку непрестано се обновува и цвета во својата убавина. Зарем мислиш дека неговата древност се смета од времето на востановувањето на Законот? Постот е постар од Законот. Ако повнимаваш, ќе се увериш во вистинитоста на кажаното. Не мисли, дека денот на очистувањето, востановен за Израилот во седмиот месец, во десеттиот ден од месецот (Левит 16,29), е почеток на постот. Нурни се во историјата и испитај ја древноста на неговиот происход. Постот не е нов пронајдок, туку скапоценост на отците. Сè што се одликува со старот се почитува. Уважи ја затоа староста на постот. Тој му е современ на човекот. Постот е озаконет во рајот. Ваква прва заповед прими Адам: од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади (Битие 2,17). А ова: не јади, е озаконување на постот и воздржанието.

Но и самиот престој во рајот е образ на постот, не толку според тоа што човекот, водејќи рамноангелски живот, и уподобувајќи им се на Ангелите преуспевал во тоа, да биде задоволен со малку, туку и според тоа што живеејќи во рајот не му дошло на мисла она што подоцна било измислено од човечката мисла; таму не било употребувано ни вино, ниту биле колени животни, ни сето она што го мати умот човечки. И бидејќи не сме постеле, затоа и сме биле истерани од рајот. Затоа и треба да постиме, за повторно да влеземе во рајот.

Овие зборови на Великиот Василиј нè упатуваат на тоа, дека преку постот, човекот не само што возобновува и чува своето возвишено достоинство, туку ја стекнува повторно својaта првородна убавина.

Митрополит Методиј Златанов
Вавилон и Ерусалим

Оставете коментар

1 Comment on "Постот како начин на живот, дел прв"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Постот како начин на живот, дел прв […]

wpDiscuz