Зошто за Бога велиме дека е Господ?

Зошто христијанинот на својот Бог Му се обраќа со зборот Господ(и)? Одговорот е јасен – затоа што неговиот Бог е и негов Господар. Со тоа, пак, се отвора и веднаш се затвора друго прашање: што е тој човек кој својот Бог го нарекува Господ? Се рабира, тој човек е Негов раб или слуга.

Ако првите две прашање без мака ќе си ги одговориме, при следново, ќе ни треба малку подолго време за да стигнеме до неговиот одговор: зошто човекот Му се обраќа на својот Бог токму со тој збор и кое е неговото значење?

Бидејќи денес немаме многу време – еве еден обид за краток одговор на тоа прашање:

Старословенскиот збор од кој и нашиот, современ македонски збор Господ (-и, -ин, -ѓа) во сите свои варијанти потекнува, го има речиси потполно истиот облик – Господъ. Од него, се разбира, водат потекло и формите за истиот збор во сите словенски јазици кои притоа, исто како во нашиот јазик, речиси не се разликуваат од него воопшто. За одговор на поставеното прашање меѓутоа, овој звор, претставува ќор сокак, сѐ додека не „излеземе“ од нашиот јазик и не побараме некаква врска, со некој несловенски, во случајот, еве на пример, одамна вдомен збор со туѓо потекло во нашиот јазик како зборот деспот.

. . . Гос-под. . . дес-пот. . .

Споредбата со овој збор, на прв поглед кај нас можеби ќе предизвика непријатно, одвратно чувство, поради неговата негативна обременетост. Но, да го оставиме тоа за миг и да видиме тој збор од каде потекнува и што значи, за да ја оправдаме неговата споредба со нашиот збор. Зборот деспот има старогрчко потекло и значи во превод токму тоа -„господин“ – ст.-грч. Δεσ-πότ-ης /дес-пóт-ис/

. . . Δεσ-πότ-ης. . . Гос-под-ин. . .

Да видиме сега, што ги поврзува овие два зборови освен нивното значење? Одговорот е: нивниот корен што е ист и што го определува нивното значење. Коренот –πότ– односно –под– го среќаваме и во уште еден „мртов“ јазик – во латинскиот, например во зборот potestas т.е. pot-estas што значи „сила, моќ“. Токму тоа е и основното значење на овој индоевропски корен *pod-/*pot – „сила, моќ, власт“, што го забележуваме во сите три јазици – старословенскиот, старогрчкиот и латинскиот.

Сега веќе можеме подобро да го разбереме и да го објасниме значењето на нашиот збор, а кога би требало да го преведиме, би го добиле следново: „Гос-под“ е „[Оној Што има] власт, право, сила“.

Кога го спомнавме веќе старогрчкиот и латинскиот, сега да видиме уште како на тие јазици христијанинот Му се обраќал на Бога. Иако токму старогрчкиот збор Δεσ-πότ-ης /дес-пóт-ис/, како што видовме, е најтесно поврзнан и му соодветствува во најголема степен на словенскиот збор „Господ“, кападокијските отци, на пример, но и сите останати отци на Црквата и верници од првите векови сѐ до денес, користат друг збор, кога Му се обраќаат на Бога.

Тој збор е имено Κύριε /Кирие/ во падежот за обраќање односно Κύριος /Кириос/ во номинатив. Како што гледаме, сосема различен збор од Δεσ-πότ-ης /дес-пóт-ис/, но кога ќе видиме од каде води потекло и според тоа што значи – во суштина потполно ист по значење. Имено, тој е тесно поврзан со зборот κῦρος /кирос/ што има сосема исто значење како коренот на нашиот збор – Гос-под т.е. власт, право, сила

. . . κύρ-ιος . . . κῦρ-ος . . .

Зборовите на христијаните во Рим упатени кон Бога биле повторно различни: Domine, т.е. Dominus. Господ Бог за нив бил значи „[Оној Што] го устроил [целиот свет]“, местото во кое сите живееле, нивниот дом (лат. domus) – Господ бил нивниот „Дом-аќин“.

. . . Dom-inus. . . dom-us. . .

На крај уште да видиме како во романските јазици што водат непосредно потекло од латинскиот гласи зборот за „Господ“. Италјанецот, Французинот или Шпанецот во своите молитви, со следниве зборови Му се обраќаат на Оној за Чии слуги се објавуваат себе си: Signore (итал.), Seigneur (фрц.), Señor (шпан.)

Во суштина сите тие на Бога Му се обраќаат на еден ист начин, со еден ист збор во различни облици чијшто потекло ќе го најдеме, се разбира, во нивниот прајазик – латинскиот: таму, зборот на когошто сите претходни потсеќаат, со каков и акцент да се изговорат и од когошто водат потекло, се разбира, е зборот senior што претставува еден степенуван облик (sen-ior – „по-стар“) од зборот senex што значи „стар, старец“.

. . . Signore, Seigneur, Señor . . . senior. . .

За нив, Бог е значи Оној „по-стар“од нив или „Отец“ Кому тие „помлади“ или „чеда“ Негови Му се обраќаат токму на тој начин, со тој збор.

Кристијан Ташевски

Оставете коментар

2 Comments on "Зошто за Бога велиме дека е Господ?"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

taka e

taka e 🙂

wpDiscuz