Зошто пишувам?

Кога станав Епископ се соочив со многу незнаење, дури и таму каде што не требаше да постои. Отците велат дека незнаењето е најголемо зло. Почнав да се борам против тоа зло, согласно опитот и силата што ја имав. И со личен пример, и со говорење, и со пишување. Такво ми беше и служењето, или барем должноста. Такво ми беше и местото и обличјето во Црквата, на Светите Отци.

Знаев и дека знаењето (познанието) е и опит и Божја благодат. Што и да напишам, ако некој прочитаното не го претвори во опит, и тоа не каков било туку срдечен опит, повторно сè ќе падне во заборав. Но Господ не ме остави без утеха. Секогаш имаше некој кој прочитаното го претвораше во опит и познание. И утеха.

Знам дека дури и тоа не е доволно. Опитот мора да биде континуиран, постојано да се живее. Ако не, благодатта ќе се скрие, а и знаењето со неа ќе се изгуби. Иако не потполно. Ама, едно е живо знаење, а друго е мртво знаење. Од живото знаење произлегува слово во сила.

Не ги промовирав моите книги. И пишаното слово во сила, не е секогаш со ист интензитет на сила. Интензитетот на сила зависи од начинот на нашиот живот. Моето покајание е најдобра промоција на она што сум го напишал. Ја исполнувам ли волјата Божја – моето слово е во сила. Не ли ја исполнувам, истото тоа слово ја губи својата сила. Се покајам ли, силата е повторно присутна.

Писание

Потполно сум свесен дека силата на моето слово конечно ќе зависи од мојот крај. Ако мојот крај Ја успокои мојата Владичица Богородица и Секогашдева Марија, ако со мојот крај се прославува мојот Господ – Отецот и Синот и Светиот Дух, и ако мојот крај е поттик за спасение на моите ближни, тогаш словото ќе биде со уште поголема сила, па дури и тоа најобичното. И со постојана.

Местото во Црквата ми е такво што не е возможно, а да не ги поучувам луѓето. Верувам дека тоа што го пишувам е добро, произлезено и од добриот опит (дури и од промашувањата) и од добрата намера што ја имам. И вообичаено поучувам и пишувам како да се најдеме и правилно да живееме на првиот степен од духовниот раст – очистувањето на срцето од страстите.

Знам дека конечниот суд за моето дело го има Господ и треперам од тоа, ама не од страв. Сигурно дека мојот опит не е заокружен и не знам кога и дали тоа ќе биде. А сега пишувам, оти кога ќе отидам од вас, веќе не ќе можам. Ова не е некакво пророштво. Ова не значи и дека брзо ќе заминам. Ова е само логика.

А начинот на кој пишувам или времето кое го одбирам за пишување, тие и за мене се тајна. Дури за мене поголема отколку за тие околу мене, што ме гледаат и слушаат. И што очекуваат. Затоа што, колку-толку, се знам себеси. Но тоа е тема за друг аудиториум. Битно е дека, без тие – собраните околу мене, којзнае дали воопшто и ќе беше нешто напишано. На крај, нашето заедничко давање, нашиот заеднички опит преточен и во слово, е секогаш и, пред сè, наш дар за вас, во и од, Богочовекот Исус Христос.

Митрополит Струмички Наум
Преземено од: МПЦ-ОА

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz