Зошто ни е Црквата?

Честопати се случува од драги луѓе да слушнам „Верата во Бога е едно, а Црквата друго“. Како да се разбере ова?

Доколку го разгледаме значењето на ваквиот исказ, ќе видиме дека тој е вистинит – „верата во Бога“ е едно, а „Црквата“ е друго. Најверојатно, секој човек барем еднаш во животот размислувал за Бога на ваков или онаков начин. Дури и атеистите не се рамнодушни кон Бога – си спомнувам за зборовите на еден верник со кои им се обрати на атеистите „Ако Бог не постои, тогаш зошто се борите со Него?“

Набљудувајќи ги луѓето кои ѝ припаѓаат Црквата, а и оние „скитниците“, сфатив дека има луѓе кои веруваат во Бога, но не сакаат да ѝ припаѓаат на Неговата Црква, а има и онакви кои се крстени и се декларираат како членови на црковната организација, но од нивниот живот не може да се забележи дека Бог им е важен. Се разбира дека секоја надворешна опсервација може да предизвика потенцијално да ги осудиме луѓето, да ги етикетираме или да донесеме конечна пресуда за нив. Да не осудуваме, туку да се расудуваме, откако ќе се помолиме на Бога, да ни дарува вразумување; впрочем и за сѐ сме така должни да постапуваме.

И јас често среќавам луѓе коишто велат „Јас верувам во Бога, но Црквата не ми е потребна“. И ги споделувам моите скромни размисли. Условно, таквите луѓе може да се поделат на три категории.

Првата група се обични малограѓани, кои некогаш со шолја чај или пиво, во пријатно друштво, не пропуштаат да позборуваат на тема религија, но со прст не мрдаат за да го изменат својот живот во таа насока, да се потрудат со мислите или срцето да Го побараат Бога. Тоа дека верата значи доверба во Бога и во Неговите заповеди, како и тоа да му бидеме верни во тешките животни искушенија, ним им е непознато, и затоа не сакаат да се раководат според истото. Тие имаат право на тоа, тоа е нивна слобода, и за нив ние нема да зборуваме.

Втората група се луѓе кои во срцето, во умот, во животот не се рамнодушни кон Бога, луѓе за кои Бог навистина зазема некое значајно место, но кои не разбираат потполно што сака Бог од човекот, што е тоа Црква и каква е нејзината смисла. Тие велат: „Важно е човек да биде чесен и добро да се однесува. А на Бога можеме да се молиме на кое било место. Бог е насекаде близок на човекот и затоа не ми требаат какви било обреди и ритуали!“ Во нивните зборови има вистина: Бог може да биде со човека насекаде – дома, на работа, на отворено поле. Зар Му се потребни Нему свеќите кои ги ставаме пред иконите? Не, Тој има сонце и ѕвезди. Потребни ли Му се молитвените правила? Човеку, имам несоница – читај ми го псалтирот ноќва. Или Бог не умее да ни ги чита срцето и мислите, па потребно е ние да Му ги кажеме нашите барања на глас и во строго одредена форма, зашто поинаку нашите молитви нема да стигнат до Него? Повторно не. Потребно ли Му е на Бога, тоа што ние постиме, и што не јадеме вакво или онакво јадење? Не, напротив, всушност Он ни дава храна. Сака ли Он од нас некаков дар или жртва? А можеме ли ние да Му дадеме на Бога, нешто што Тој нема? Ние сме родени голи и сѐ што поседуваме од Бога ни е дадено. Тогаш, што е она кое Бог го сака од нас? Бог нѐ сака нас самите. Бог е Татко, а ние Негови деца. „Сине, дај ми го твоето срце…“

Што сака мајката од децата? Петки на училиште? Тоа не е лошо, но за мама тоа не е најважно. Мајката ги љуби своите деца. Поради што? Да, поради ништо. Поради љубовта. И од детето само љубов и чека. А сите останати подробности, водат до она главното, до главната заповед: да се љуби Бог. И ближните како самите себе си. Па, ближните, тоа се другите деца, родните браќа и сестри, а мајката сака и тие меѓусебно да живеат во мир, слога, заемна помош и љубов. Просто кажано, да бидат семејство.

Ете, кога зборуваме за семејство, прашањето за смислата на Црквата значително се разјаснува. Да, има луѓе невоцрковени кои можат да бидат многу пати подобри, почисти, поправедни, поталентирани од нас, членовите на Црквата (зборувам за тоа како ние гледаме на тоа, а како на тоа гледа Бог, е потполно друго прашање). Но, ние сме дома. А тие – сѐ уште сираци, живеат во засолништа, скитајќи по светските крстопати.

Зошто токму на Црквата ѝ даваме роднинска, крвна, семејна основа? Што е тоа во Црквата, кое на крстопатите на светот, во засебното човеково битисување го нема? Што има воцрковениот човек, што го нема оној подобар човек, кој живее по принципот „Бог е и на отворено поле“ или „Бог го имам во душата“? Во Црквата човек има можност да застане поблизу до Бога, да се соедини со Него (без при тоа да ја изгуби својата личност), и тоа не во мислите или мечтите, како што често е случај кај веќе споменатите невоцрковени луѓе, туку сосема реално, во сите поединости на неговиот состав, и духовен и телесен. Поблизу не само со своето срце и ум, чувства и мисли, туку и со рацете, и нозете, и желудникот, и со црниот дроб – со сѐ.

Примитивна претстава? Можеби. Но, токму за Црквата како за Тело Христово во своите посланија говори апостол Павле и за тоа дека ние сите сме членови на тоа вистинско живо Тело. А што имаат заедничко различните членови на телото, што ги одржува во живот? Заедничко снабдување со крв. Еден член на телото, на пример палецот, ако во него нема крв, може да добие гангрена и да умре. Крвта Христова – тоа е она кое им е заедничко на членовите на Црквата. Токму поради тоа – за да дојдат што поблиску до Христа, да Го примаат Неговото вистинско Тело и Крв, по неговата заповед – христијаните се собираат на Евхаристија. Поради неа, се изградени цркви, се вршат обреди, се цртаат икони, се кади со темјан, се пеат молитословија и е создадено сѐ она што го има во Црквата. Да се молиме, да ја читаме Библијата и добро да се однесуваме – тоа можеме и на нашето скришно место (за исповед нема ни да зборувам – има такви христијнски деноминации, кои се одрекуваат од неопходноста на исповедта. Но, тоа е нивна работа, слободна волја. Можеби е можно да се остане чист, без некогаш да се очистиме, но мене не ми се случило…). Но за најважното – причестување со Телото и Крвта Христови – мора да појдеме во црква на Литургија, и тоа не е човекова измислица, туку повик на Самиот Христос – прочитајте го Евангелието според Јован.

Да, Христос нѐ вика, нѐ чека. И еве, тука ќе кажам за третата (повторувам, ова јас само за себе си го определив) категорија невоцрковени луѓе: оние кои сѐ уште го слушаат повикот. Кои конечно не се задушиле во својата самодоволна нецрковна вера, кои не бараат самооправдание, туку вистина, и самите немаат спокој во потрагата по Бога. И тие разбираат дека Црквата не е општествена организација, туку сопствен дом, ним им е дадено ова да го знаат поради горкиот плач на сираците, кои им одекнува во срцата. Тие можат да бидат и подобри и од најдобрите. Во крајна мера, јас грешникот, спремен сум пред таквите да се поклонам доземи.

Оставете коментар

1 Comment on "Зошто ни е Црквата?"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

zosto ni e crkva

wpDiscuz