Зошто е потребен постот?

post

Постот е древна добродетел. Заедно со молитвата тој го подготвува христијанинот за распетие и воскресение. Постот е храна за душата.

Постот нè учи на воздржување, кое му е потребно на секој човек. Нè учи да се одрекнеме од прекумерното, од раскошот и изобилието. Можеби човекот само постот може да го принесе на Бога како „дар“.

Се разбира дека Бог од ништо нема потреба, и постот пред сè ни е потребен нам. Ползата од воздржувањето е многуобразна: постејќи, ние пребиваме во трезвеност и сосредоточеност, а нашата молитва станува повнимателна, срдечна и длабока. Постот е нашиот призив кон Бога, свидетелство за тоа дека ние сакаме Он да влезе во нашиот живот.

Постот нераскинливо е поврзан со покајанието. Тоа е можност дадена од Бога, која не треба да се пропушти.

Треба да постиме доброволно и радосно, а не формално, со тешко срце, гледајќи на постот како на должност. Треба постот да Му го принесеме на Бога со сето срце.

Адам и Ева го изгубиле Рајот поради нивното невоздржание. Постот одново ни ги открива Рајските двери.

Постот не треба да се сведе на ниво на одрекување од одредени јадења, туку треба да го направиме следниот чекор – да се воздржуваме од нашите гревовни страсти и зла. Тогаш посниот период за нас ќе стане значаен и пресуден момент на нашиот пат кон Бога.

Постот ни дава морална чистота, раѓа покајание и ни помага да го презреме гревот. Постот не е цел сам по себе, туку средство за достигнување на целта – средба со Бога. Според свети Василиј Велики, постот е отуѓување од злото, зауздување на јазикот, избегнување на гневот и одвикнување од злите навики.

Оној кој е тешко болен, нема потреба од пост. Воздржувањето од храна е неопходно за смирување на телото. Кога телото боледува, тоа така се смирува и нема потреба од дополнително измачување. Во секој случај, тоа е прашање кое човек треба да го реши советувајќи се со својот духовник.

Некои луѓе живеат за да јадат. Тие „патуваат“ од маса до маса, одат по банкети и ресторани. На крајот се разболуваат од многу јадење. Неумереноста во јадењето е причина за вишокот тежина и разни заболувања.

Но ние не постиме поради телесното здравје (иако постот ни помага и во тоа), туку поради духовното здравје. Постот нема ништо заедничко со диетите кои луѓето ги држат за убава и стројна фигура. Постот е брат на добродетлите од воздржувањето. Да не ги забораваме зборовите на свети Јован Златоуст, кој повикал на тоа парите кои ќе се заштедат од посната храна да се искористат за да се нахранат гладните и сиромасите.

Нека постот биде проткаен со молитва и љубов. Тогаш ќе добие вредност, смисла и значење.

Монах Мојсеј Светогорец

Оставете коментар

1 Comment on "Зошто е потребен постот?"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Зошто е потребен постот? […]

wpDiscuz