Зошто треба да одиме в Црква секоја недела?

Треба да се наспиеме, да бидеме со семејството, да ги завршиме домашните обврски, а вие велите дека треба да станеме рано и да појдеме в Црква. Зошто?

Секако, за да се оправда сопствената мрзеливост, може да се пронајдат секакви аргументи [против одењето в Црква секоја недела]. Меѓутоа, на почетокот треба да го сфатиме смисолот на одењето в Црква секоја недела, за потоа со него да го споредиме нашето себеоправдување. Затоа што оваа потреба [за одење в Црква] не ја измислиле луѓето, туку се наоѓа во една од Десетте заповеди: „Помни го денот за одмор, за да го празнуваш. Шест дена работи, и сврши ги во нив сите работи свои; а седмиот ден е ден на одмор на твојот Господ Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни волот твој, ни ослето твое, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе. Оти за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и се’ што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети“ (2 Мојс. 20,8-11). За прекршување на оваа заповед во Стариот Завет се наложувала смртна казна, исто како и за убиство. Во Новиот Завет, неделата станала голем празник затоа што Христос, станувајќи од мртвите, го осветил тој ден. Според црковните правила, човекот којшто ја нарушува оваа заповед бива одлачен од Црквата. Согласно со 80-то правило од Шестиот вселенски собор: „Епископ, или свештеник, или ѓакон, или било кој друг, којшто припаѓа на клирот, но исто и лаик, кој нема никаква неодложна работа или нужда поради која мора да биде оддалечен од својата Црква, туку пребива во градот, а три седмици не сака да дојде в Црква во трите неделни денови, – ако е клирик, да се расчини, а ако е лаик, да биде изопштен“.

Тешко дека Творецот би започнал да ни дарува безумни заповеди. Дури ни црковните заповеди не се напишани со цел да ги измачуваат луѓето. Тогаш, во што се состои смисолот на оваа заповед?

Севкупното христијанство се раѓа од Самооткривањето на Бог Троица, обавен преку Господ Исус Христос. Влегувањето во Неговиот внатрешен живот, учествувањето во Божјата слава – тоа е самата цел на нашиот живот. Меѓутоа, затоа што „Бог е љубов, и кој во љубовта пребива, пребива во Бога и Бог во него“ (1 Јн. 4,16), тогаш и навлегувањето во заедничарењето со Него возможен е единствено низ љубовта.

Според зборовите Господови, сиот закон Божји се темели на две заповеди: „А Исус му одговори: “Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси! На тие две заповеди се крепат целиот Закон и Пророците.” (Мт. 22,37-40). Но, зарем е можно да се исполнат овие заповеди без одењето в Црква? Кога сакаме некој човек, зар не тежнееме често да се среќаваме со него? Зар можете да замислите дека луѓето кои меѓусебно се љубат би ја избегнувале заедничката средба? Секако, можеш да разговараш и по телефон, но многу подобро е да се говори лично. Така и човекот кој Бога Го љуби тежнее кон средбата со Него. Како пример да го земеме светиот цар Давид. Како владетел, водејќи безброј војни со непријателите, делејќи правда, тој говорел: „Колку се мили Твоите живеалишта, Господи на силите! Копнее душата моја сакајќи да е во Господовите дворови; срцето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог. И птичката си наоѓа живеалиште, и ластовичката гнездо, каде што ќе ги положи пилињата свои, а јас при олтарите Твои, Господи на силите, Цару мој и Боже мој! Блажени се оние, кои живеат во домот Твој тие постојано Те фалат. Блажен е оној човек, кој заштита бара кај Тебе и во чие срце се патиштата Твои. Преминувајќи ја долината на плачот, тие наоѓаат извори во неа, и дожд ја покрива со благослови; минуваат од сила во сила, се јавуваат пред Бога, на Сион. Господи, Боже на силите, услиши ја молитвата моја, послушај, Боже Јаковов! Боже, заштитнику наш, погледај и види го лицето на твојот помазаник! Зашто еден ден во Твоите дворови е подобар отколку – илјада дни надвор. Повеќе сакам да бидат на прагот пред Божјиот дом, отколку да живеам во населбите на грешниците“ (Пс. 83, 1-10).

Ете, токму таквиот однос ја раѓа потребата за посетување на домот Божји, и ја чини да биде внатрешна неопходност.

И тука нема ништо чудно! Оти, очите Господови се постојано свртени кон Црквата Божја, во која и Самиот Тој пребива со Своето Тело и Крв. Во неа Тој не’ раѓа во Крштението, така што Црквата е наша мала небесна татковина. Во неа Бог ни ги простува гревовите во Светата тајна Исповед. Во неа Тој Себеси ни се дава во најсветата Причест. Зар на некое друго место може да се најде изворот на животот нетрулежен? По зборовите на еден древен подвижник, луѓето коишто во текот на седмицата се борат со ѓаволот, тежнеат во сабота и недела во Црквата да прибегнат кон изворот на водата жива – Причеста – за да ја заситат жедта на нивното срце и да се очистат себеси од нечистотиите на извалканата совест. Според древните зборови, елените ги напаѓаат змиите и со заби ги кинат, но отровот започнува да ги гори нивните утроби, и тие прибегнуваат при изворите. Исто така и ние треба да тежнееме кон Црквата, за низ заедничката молитва да ја изладиме надразнетоста на нашите срца. Според зборовите на свештеномаченикот Игнатиј Богоносец: „Трудете се почесто да се собирате за да принесувате Евхаристија [благодарење] и славословење на Бога. Оти, доколку често се собирате заедно, се обессилува сатаната и преку едномислието на вашата вера се уништуваат неговите погубни дела. Нема ништо подобро од мирот, оти преку него се уништува секоја борба на небесните и земните духови“ (свештеномаченик Игнатиј Богоносец, Посланица до Ефесјаните, 13 глава).

Свештеномаченик Даниел Сисоев

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz