Значењето на Литургијата (1)

Зборот литургија значи заедничко дело или соборно чинодејствие. Божествената Литургија е заедничко дело на Православната Црква. Таа е јавно чинодејствие на Црквата, формално собрана заедно како избран Народ Божји. Зборот црква означува собирање или собрание на народот, особено избран и издвоен да изврши одредена задача.

Божествената Литургија е соборно чинодејствие на Православните Христијани, кои јавно собрани ја објавуваат Православната Црква. Таа е дело на Црквата, од Бога собрана со цел заеднички, во една заедница да богослужи, да се моли, да пее, да Го слуша Божјото Слово, да се поучува на Божјите заповеди, да се принесе себеси со благодарење во Христа кон Бога Отецот, и да се здобие живиот опит на Божјото вечно царство преку причестување со Оној ист Христос, Кој е присутен во Својот народ преку Светиот Дух.

Божествената Литургија Православните Христијани ја совршуваат во Божјиот Ден, што значи недела, „денот по Шаббат“, кој символично го претставува првиот ден од создавањето и последниот ден истовремено – или како што се нарекува во Светото Предание, осмиот ден – на Царството Божјо. Тоа е денот на Христовото воскресение од мртвите, денот на Божјиот суд и победа, како што е речено преку пророците, Денот Господов кој го предвестува пришествието и силата на „царството што доаѓа“ уште сега, во животот од овој свет.

Црквата ја совршува Божествената Литургија и на посебни, празнични денови. Во манастирите е вообичаено да се совршува секојдневно, како и во некои големи соборни или парохиски цркви, со исклучот на редовните денови во Великиот Пост, кога не се служи поради нејзините пасхални обележја [се мисли на Литургијата, м.з.].

Како соборно чинодејствие на Народот Божји, Божествената Литургија може да се совршува само еднаш дневно во една Православна Христијанска заедница. Сите членови на Црквата мора да бидат собрани заедно со нивниот свештеник, на исто место и во исто време. Тука се вклучени дури и малите деца и новороденчиња кои земаат целосно учество во литургиското заедничарење од денот на нивното влегување во Црквата преку крштевањето и миропомазувањето. Секогаш сите, секогаш заедно. Вакво е преданското учење на Православната Црква за Божествената Литургија.

Поради нејзините соборни обележја, Божествената Литургија никогаш не може да се соврши издвоено, единствено од свештенството. Таа никогаш не може да биде отслужена само за некои, а не за други, туку единствено за сите. Никогаш не може да биде отслужена само за некакви интимни цели, или пак за одредена или посебна намера. Оттаму, може да има, како што и вообичаено има, одредени ектении во Божествената Литургија за болните или за упокоените, или за некои конкретни цели или дејствија, но никогаш не може да се отслужи Божествена Литургија која ќе се соврши исклучиво за одредени поединци или изолирани цели и намери. Божествената Литургија е секогаш „од сите и за сè“.

Бидејќи Божествената Литургија постои единствено за да биде јавно севклучувачко чинодејствие на молитва, богослужење, учење и заедничарење на сета Црквата на небесата и земјата, таа не може да се смета за само уште еден облик на побожност меѓу многуте други, ниту пак за највелика меѓу великите [облици на побожност, м.з.]. Божествената Литургија не е пројава на личната побожност. Таа не е молитвена служба. Не е ниту „една од Светите Тајни“. Божествената Литургија е eдината заедничка Света Тајна на самото битие на Црквата. Таа е единствената светотаинска пројава на суштината на Црквата како Заедница Божја на небесата и земјата. Таа е единственото светотаинско откровение на Црквата како мистично Тело и Невеста Христова.

Отец Томас Хопко
(продолжува)

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz