Значењето на Литургијата (2)

Како централно светотаинско чинодејание на сета Црква, Божествената Литургија е секогаш воскресна по дух. Секогаш е пројавување на Воскреснатиот Христос на Неговиот Народ. Секогаш е излевање на живототворниот Дух. Секогаш е заедничарење со Бога Отецот. Тому затоа, Божествената Литургија никогаш не е тажна ни покајна. Таа никогаш не е израз на темнината или смртта од овој свет. Секогаш е израз и искусување на вечниот живот на Царството на Благословената Троица.

Божествената Литургија која ја совршува Православната Црква се нарекува Литургија на св. Јован Златоуст [Златоустова, м.з.]. Таа е пократка од ткн. Литургија на св. Василиј Велики [Василиева, м.з.], која пак се совршува само десет пати во Црковната година. Овие две литургии својот сегашен облик најверојатно го добиле по деветти век. Најверојатно, во денешен облик не биле напишани од светителите чии имиња ги носат. Сепак, евхаристиските молитви во секоја од овие литургии со сигурност се напишани околу четвртиот и петтиот век, кога овие светители живееле и делувале во Црквата.

Божествената Литургија има два главни дела. Првиот дел е собирањето, наречено синаксис. Неговото потекло е во собирањето на старозаветната синагога, и е насочено кон објавувањето и созерцувањето на Словото Божјо. Вториот дел од Божествената Литургија е евхаристиската жртва. Неговото потекло е во старозаветното богослужење во храмот, свештеничките жртви за Народот Бижји, како и во средишниот спасителен настан од Стариот Завет, Преминувањето (Пасхата).

Во Новозаветната Црква, Исус Христос е Живото Слово Божјо, и христијанските евангелија и апостолски писанија се објавуваат и созерцуваат во првиот дел од Божествената Литургија. Во Новозаветната Црква, средишниот спасителен настан е едната совршена, вечна и седоволна жртва на Исуса Христа, единствениот велик Првосвештеник кој е и Јагне Божјо заклано за спасение на светот, Новата Пасха. На Божествената Литургија верните христијани учествуваат во доброволното Христово себепринесување на Отецот, извршено еднаш за сите, на Крстот, преку благодатта на Светиот Дух. Во и преку оваа неповторлива Христова жртва, верните христијани земаат удел во заедничарењето со Бога.

Ангели
Ангели, Божествена Литургија

Со векови постоела практика во Црквата да се допушта присуството на сите луѓе во првиот дел од Божествената Литургија, додека вториот дел да се зачува единствено за оние кои формално биле посветени во Христа преку крштението и миропомазанието во Црквата. На некрстените не им било дозволено ниту да го присуствуваат на принесувањето и причестувањето на христијаните со Светите Тајни. Оттука, првиот дел од Божествената Литургија бил наречен Литургија на Огласените, односно, литургија на оние кои биле огласени, кои се подготвувале да станат членови на Црквата преку крштение и миропомазание. Исто така, очигледно, овој дел бил наречен и Литургија на Словото. Вториот дел од Божествената Литургија бил наречен Литургија на Верните.

Макар што денес општоприфатена е праската да им се дозволува на неправославните, па дури и на оние коишто воопшто не се христијани да присуствуваат на Литургијата на Верните, сепак, вистинското учество во тајната на Светата Причест е дозволено единствено на членовите на Православната Црква, кои целосно се постветени во животот и учењето на православната вера каква што е предадена, објавена и практикувана од Црквата низ историјата.

Во толкувањето на Божествената Литургија коешто следи, нашето внимание ќе го насочиме кон она што се случува во Црквата како „заедничко чинодејствие“. Правејќи го ова, ќе се обидеме да навлеземе во основното и најважното значење на литургијата за човекот, неговиот живот и неговиот свет. Ова ќе биде целосно отстапување од она толкување на Божествената Литургија, кое на богослужението гледа како на драма во која клирот глуми, на која што народот „присуствува“, толкување според кое секој дел од литургијата пренесува некој аспект од Христовиот живот и дел (на пр., проскомидијата го прикажува Христовото раѓање, малиот вход е почеток на Неговата јавна мисија, читањето на Евангелието е Неговата проповед, великиот вход е всушност Влегувањето во Ерусалим, итн.). Овој начин на толкување на Божествената Литургија претставува една новотарија која, иако е можеби интересна и вдахнувачка за некои, сепак е нешто целосно туѓо на изворното значење и цел на Божествената Литургија во Православната Црква.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz