Злите завери

Параноја

Кога одев на училиште, професорот по историја нѐ предупредуваше за теориите на заговор. „Тие“ – велеше тој – „сe усвојуваат од луѓето со слаб ум кои не можат да прифатат дека глупавиот, неправеден начин на кој се одвиваат работите во светот е логички исход од човечката конфузија во него“. Наместо тоа, тие веруваат дека таа состојба е исход на одлуките на некоја си злокобна група на светски завереници.

Тоа беше првиот пат кога слушнав за поимот „теорија на заговор”. Предупредувањата на учителот имаа „природен”, спротивен ефект на мое привлекување кон теориите на заговор. Претходно имав читано дека непостоењето на вештерството било ништо друго туку тактика на ширење на гласини од самите вештерки за нивна заштита. Следствено на тоа, оваа сомнителна информација ме водеше до помислата дека нашиот учител ја игра истата игра. Зашто би ни забранувал да ги истражуваме теориите на заговор, освен ако и тој не е можеби вмешан во нив?

Во еден период од мојот живот, ослободен од стегите на академскиот свет, навлегов прописно во темата. Започнав со читање на озлогласената „Протоколите на сионските мудреци”. Трактат, кој во основа е причината за гонењата и убиствата на Евреите во модерна Европа. Се претпоставува дека делото е напишано од руски анти-болшевички монах Нил, кој се инспирирал за темата од некој си претходен писател на фиктивни тематики. Основната идеја која преовладува во Протоколите е тоа дека одредена злокобна елита (најчесто се наведува дека тоа се еврејските „мудреци”), сакаат да внесат конфузија и корупција помеѓу обичниот народ (христијаните), да го натераат да ја исмева религијата, да се сврти против неговите „природно избрани и законити владетели” и да ја изгуби верата во своите сопствени животни инстинкти и вредности. Со тоа жртвите на оваа зла шема би станале лесни жртви на заверениците.

Протоколите се измислено дело, но сепак многу моќно. Дури и доколку „еврејските мудреци” би биле извадени од приказната, централната догма сепак останува да провејува низ историјата. Нашиот професор по историја беше во право кога нѐ предупредуваше за теориите на заговор. Сепак, тој направи една грешка. Теориите на заговор не се отров за луѓето со слаб ум и разум. Туку напротив. Големите мислители, учители, научници и теолози, сите тие биле цврсто убедени дека таму некаде постои организирана, целисходна светска зла сила. Дури и кај денешните либерали кои што се во пораст во западниот свет, и кои повеќето, под претпоставка, не веруваат во Сатаната и злите сили, постои црвот на сомнежот. Овој црв ги полага своите јајца во умовите на луѓето, а подоцна кога тие доволно ќе се развијат, добиваат гротескни и чудовишни форми. Не постои човечки кој е целосно имун на овие паразити. Формулата на Нил за бестселер е сѐ уште актуелна и денес, како што и отсекогаш била.

Денес, Протоколите се дискредитирани, комунистичката опасност е надмината, а меѓународните банкари се видливо збунети исто како и сите нас. Сепак, завереничката манија е како хидра со многу глави и кога едната ќе ѝ биде отсечена, излегува нова уште погротескна и пофантастична. Како и сѐ останато, теориите на заговор ја следат модата, а во мода оваа сезона се повторно вонземјаните.

На едно мое неодамнешно патување во САД, секоја втора личност што ја сретнав, без оглед на нивните години животен стаж и академско искуство, ме убедуваше во постоењето на закана од инвазија на вонземјани, со детали за киднапирања, инфилтрирани шпиони, и тајни владини бази каде што се вршат испитувања на овие вселенски суштества. Ваквиот нонсенс, уште еднаш скромно да повторам, е дел од глобалната завера против здравиот човеков разум.

Но тоа што навистина сакам да го кажам е дека сите подржувачи на теориите на заговор, без разлика од кој тип се, патат од една иста состојба: Ја имаат загубено верата во Бога. Доминантната слика во нивните умови е сликата на злото, а неговото име е Легијата, затоа што се многу (Марко 5,9). Можете да го поминете сиот свој живот бркајќи демони и изложувајќи го нечестивото, но никогаш нема да постигнете ништо суштинско и реално, затоа што нивниот свет е светот на илузијата, а во тој свет не може да се постигне ништо реално. Единствената реалност, единствената вистина што вреди да се следи, не е Легијата, туку Тој.

Драги мои пријатели, со акцент на зависниците од теориите на заговор, ве молам, не се грижете премногу поради сплетките на Лукавиот. Додека тој постои, секогаш ќе биде само еден мал детаљ во целокупната Божја творба. И таков треба да биде и во вашиот ум. Заборавете го ѓаволот, поставете Го Бога за центар во вашиот живот, и од моментот кога ќе го направите тоа, ќе видите дека вашиот живот ќе стане поисполнет, посмирен и посреќен, впрочем како што и природно треба да биде.

Џон Мичел

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz