Живототворение, втор дел

(претходно: прв дел)

Мајка и дете

Гледишта, ставови, случаи

Според Американското здружение за плодност (AFS), во основа постојат три гледишта на етичкиот статус на ембрионот. Според првото, ембрионот што настанува веднаш после оплодувањето е, всушност, човек, што пак, повлекува и давање третман и права како на личност. Второто гледиште гледа на ембрионот како на ткиво, од кое произлегува и давање на статус на сопственост врз него, како и врз секој друг орган. Третото гледиште е нешто помеѓу, и според него, ембрионот не може да се третира како личност, но затоа, пак, треба да се третира како нешто многу повеќе од ткиво.
Застапниците на второто, и донекаде и третото гледиште, тврдат дека ембрионот е одделен од можноста да стане личност, низ многу „слоеви на веројатности“. Според застапниците на тоа гледиште, можностите достапни на една возрасна личност или, пак, новороденче не се достапни за ембрионот додека се наоѓа во ембрионална состојба. Само доколку ембрионот се развие на правилен начин, кој, пак, од друга страна, е само еден од сите можни начини на развој, само тогаш тој добива можност да се оствари како човек. Тоа би значело дека би бил потребен голем број на „случајности“ за ембрионот да се „очовечи“ и да добие права како и секоја личност. Според тоа тврдење, фетусот не размислува, не твори и нема лична иднина, па според тоа, не е ни личност со свои права (McInerney, P.K., 1990).

Како последица на ваквите гледишта произлегува и праксата да не се издава потврда за смрт на фетуси помлади од 24 недели, починати при спонтан абортус. Од друга страна, поборниците на првото гледиште тврдат дека ембрионот е човек во зачеток и дека не е можно да се вршат инвазивни процедури врз него, без да се наруши неговата слобода (Bouscarat, F., 1998).

Фетусот, како понапредна форма на ембрионот, за волја на вистината, во одредени медицински случаи се третира со инвазивни процедури. Но, освен методите за абортус и изолација на ембрионални клетки во пораните фази од развојот, постојат и медицински случаи на инвазивни постапки со цел за спасување или подобрување на квалитетот на животот на фетусот. Најраспространети такви интервенции се случаите на хируршки интервенции правени врз фетуси. Постојат повеќе документирани случаи за такви процедури (Harrison, M.R., 1982; Langer, J.C., 1989; Bruner, J. P., et al., 1999; Meuli, M., 1997). Во сите случаи фетусите се третирани како пациенти, личности на кои им е потребно лекување, а нивниот развој бил надгледуван пред операцијата, по операцијата, додека плодот сѐ уште бил во мајката, и одреден период после породувањето. Постои документиран случај на трансфузија на крв кај фетус (Walsh & Adzick, 2000).

Во едно истражување било утврдено дека постои значителен хормонален стрес и промени во циркулаторниот систем при практикување на инвазивни дијагностички и терапевтски методи кај фетуси на возраст меѓу 18 и 20 недели (Smith et al., 2000). Ваквите наоди покренуваат дебата во друг правец: дали при инвазивните интервенции врз фетуси треба да се користи фетална аналгезија (ублажување на чувството за болка). Од друга страна, едно истражување што е во тек ја испитува врската помеѓу стимулирањето со одреден тип стимулации кај фетусите стари меѓу 18 и 20 недели и нивното подоцнежно ниво на интелигенција (Hepper, 2000).

Сите овие факти укажуваат на ставот дека ембрионот, односно фетусот, не е само дел од телото на жената, туку нешто многу повеќе – еден човек во зачеток или, пак, потенцијал за човечка личност, во најмала рака. Поради тоа, би требало да бидеме внимателни пред да донесуваме какви било одлуки поврзани со прекинување на животот на фетусот или какви било други повреди.

Заклучок

Изборот отсекогаш бил наш. Човечки. Бог ни ја дал слободната волја како најголем дар и според Заветот Негов, никогаш нема да ни ја одземе. Инаку, Бог ќе создадеше роботи. Сите подготвени, по наредба, слепо, без поговор да ја извршуваат Неговата волја. Нашата слободна волја може да биде загрозена само од другите луѓе или од нашите сопствени патологизирани страсти. Вистина е дека жената како носителка и хранителка на плодот има право да одлучи дали сака да го донесе плодот на свет. И пред Пресветата Мајка Божја стоел избор: дали да го послуша Благовестието на архангелот и да го внесе во светот неговиот Спасител – Богочовекот, или да потклекне под многубројните стравови и пророштва, и да се реши да му ја затвори вратата. Нејзиниот избор понатаму влегува во нашата човечка историја.

Всушност, правото на избор и слободната волја никогаш и не биле спорни. Но, можеби е време да се потсетиме и да го наречеме абортусот со неговото вистинско име. Па кој што ќе избере, да знае што избрал.

Слободан Тофилоски, дипл. инж. по биологија

Извор: списание „Премин“, двоброј 115/116

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz