Жешко време

Зајдисонце на Кипар

деветто послание до нас, самите

Не се трпи, жешко е. До вчера не се трпеше, ладно камен беше. Па не се излегуваше, врнеше. Па дуваше. Темно е, светло е. Имав една стара баба комшивка, на прашањето дали ја сакаат дома и дали ја почитуваат останатите (живееше во заедница со синот и внукот со фамилиите), велеше: „Тие сонцето не го сакаат дома да влезе, не пак мене да ме сакаат“, алудирајки на тоа дека живееме само со спуштени завеси и ролетни.

Како и да е, денес само тоа се слуша, тоа се гледа, за тоа се зборува. Како и во зимата за студот. Во пролетта за дождот, во есента за ветерот…

Ништо или нешто не ни оди како што сакаме. А што сакаме?

Не знаеме. А незнаењето му штети на тој што не знае.

Не можeме да разбереме, да сфатиме, да осознаеме, да поверуваме, да завршиме еднаш за секогаш, да заклучиме, да ставиме точка, дека сѐ доаѓа од Створителот, од Оној Кој дава и вдахнува душа на сите нас и на сѐ околу нас. Оној Кој си игра со сонцето и со месечината како со џамлии, Кој ги храни и напојува океаните и морињата, Кој ги крепи горите и планините, Кој ги носи ветровите и дождовите, Кој ги оживотворува милионите околу нас, неброени живи суштества… Кој нѐ држи на тлото кога одиме, во сонот кога спиеме, градите кога дишиме, со солзите кога плачеме, со ведрината кога се смееме.

Дали малку познати и непознати чудеса се случиле, дали малку знајни и незнајни Светители се обзнаниле и пројавиле, дали малку се знае вистината од почетокот на времето до денес та ние да не ја гледаме и слушаме? Што сѐ не треба да се случи за конечно ние да согледаме и да поверуваме, да застанеме во линијата каде што се верува и ништо друго освен да се верува. Како што велел еден Светител: „јас не верувам дека Бог постои, јас знам дека Тој постои!“

Кога незнаењето ќе го замениме со знаење? Кога ќе поверуваме? Кога ќе ја потврдиме и утврдиме верата? Кога ќе се потврдиме самите и нашето постоење, нашето битие со тоа самото…

Кога ќе престанеме да не веруваме, да сме сомничави, да се плашиме и да стравуваме, да се трудиме да испитаме и да дознаеме, да негираме нешто, да сме саркастични и недоверливи, кога ќе престанеме да мрмориме, да се жалиме, да невелиме, да кукаме, да плачеме.

Кога ќе почнеме вистински и правилно да се молиме, да ги наполниме нашите храмови секоја недела, секоја вечерна, секој празник и делник. Вистински православно да веруваме, да ја живееме живата вера, да дишиме и да славословуваме во секој дел од нашиот живот. Да прифатиме сѐ од Троичниот Бог, сѐ она што ни распослал за нас, за да можеме да ги храниме нашите срца и души, но и нашиот разум со вистината на животот и на векот која е со нас насекаде и секогаш.

Да оставиме сѐ зад себе, сѐ кое не е од Него, кое произлегува од нашите маленкости, нашата суета, унинието на слабоумниот, од гордоста наша, од самоволието наше, непослушноста наша.

Да ги растргнеме и подигнеме завесите, нека влезат сонцето, светлината и топлината директно во нашите вистински центри на нашите животи, каде што нема ништо друго освен волјата Божја, содвижителот и бескрајната сила.

Па тогаш нека врне, нека грми, каменот нека се топи, мразот нека пука, поплава нека фати… Ништо не може да нѐ победи, ништо нема да може да нѐ скрши, да нѐ обесхрабри, сѐ ќе сториме, сѐ ќе сработиме, со песна и со насмевка, со добро… рајат.

Со молитва да легнуваме, со молитва да стануваме, со молитва да почнуваме. Нема да има посилни од нас, нема да има посреќни од нас.

Оставете сѐ, смирете се, расположете се, радувајте се, веселете се, работете, трудете се, насмевнете се, молете се и верувајте.

Кај што е местото на Господа е местото на целата вселена. На сѐ што дише, на сѐ што постои.

Не прашувајте и не прогнозирајте. Во молитва утре да нѐ осамне.

По Волјата и за името Господово.

Амин

Кочовски Ѓорги

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz