Зошто? – За жената во Црквата (3)

продолжува од првиот и вториот дел: Зошто? – За жената во Црквата

Секогаш ли жените не ги пуштале во олтарот?

Да се биде помошничка во олтарот – т.е. да зачистуваат во олтарот, да подаваат кадилници, да читаат, да излегуваат со свеќи – можат вдовици, девици или монахињи по 40-тата година. Во Светата Земја при храмот на Гробот Господов, во Кувуклијата – пештерата, каде воскреснал Христос и која служи како олтар на храмот – може да влезе секој поклоник или поклоничка и да го целива посмртниот одар на Спасителот, т.е. светиот престол. Многумина ги смутува фактот што при крштението момчињата ги внесуваат во олтарот, а девојчињата не. Сепак, познато е дека до 14 в. сите деца на 40-тиот ден од раѓањето ги воцрковувале – внесувале во храмот. Освен тоа, и момчињата, и девојчињата ги приклонувале кон светиот престол. Децата ги крштевале околу третата година, а бебињата – само во случај на опасност. Подоцна, откако почнале да ги кршеваат децата порано, чинот на воцрковување веќе почнал да се извршува не пред, туку веднаш по крштението, и тогаш престанале да ги внесуваат девојчињата во олтарот, а момчињата почнале да ги приклонуваат кон светиот престол.

Зошто жените не ги пуштаат на Света Гора?

Света Гора (Атос) е полуостров во Грција, на кој се распоредени 20 поголеми машки манастири (не сметајќи ги помалите монашки заедници). Во Византија на жените строго им бил забранет влезот во сите машки манастири. Света Гора се смета за земско наследство на Божјата Мајка – преданието говори дека Пресвета Богородица и евангелистот Јован тргнале на пат по море, но се нашле во бура и застраниле од патот и на крајот пристигнале во подножјето на гората Атос, на местото каде сега е расположен Иверскиот манастир. Поразена од убавините на тие места, Мајката Божја Го замолила Господа да ја направи Света Гора Нејзино земско наследство. Според заветот на Мајката Божја никоја жена, освен Неа, не може да стапи на атонската земја.

Во 1054 г. под византискиот император Константин IX Мономах бил прифатен устав за атонците, кој официјално им забранува на жените, па дури и на домашните животни од женски пол да се наоѓаат на територијата на Света Гора. Указот на претседателот на Грција од 1953 г. предвидува затворска казна од 2 до 12 месеци за жените што ја нарушуваат забраната (треба да се спомене, дека за време на граѓанската војна во Грција 1946-1949 г. на Света Гора прибежиште наоѓале жените-бегалки, како и често за време на турското владеење). Запазувањето на забраната било едно од условите што ги покренала Грција за влез во ЕУ. Без оглед на тоа, одвреме навреме разни органи на ЕУ се обидуваат да ја оспорат таа точка. До денес тоа не им успеало, бидејќи формално Атос се наоѓа во приватна сопственост – целата територија на планината е поделена на 20 делови помеѓу тука распоредените манастири.

Треба да се забележи, дека византиската забрана за посета на манастирите од страна на спротивниот пол во Грција, до денес се запазува доволно строго – не само на Атос, но и во многу машки манастири не пуштаат жени, а во повеќето женски манастири не пуштаат мажи (освен духовенството што служи).

Каде исчезнале ѓаконисите?

Ѓаконисите како особено женско црковно служење се појавило околу 4 в. по Христа (иако за ѓакониса Тива се споменува во посланието на ап. Павле до римјаните, историчарите сметаат дека во тоа време чинот на поставување ѓакониси сѐ уште не бил составен).

Богородица и мироносиците, детаљ
Богородица и мироносиците, детаљ

Во подоцнежната византиска традиција ѓакониси можеле да станат немажените жени постари од 50 г.: вдовици, девици, како и монахињи. Поредокот на чиновите на ракополагање на ѓакониса и ѓакон речиси не се разликувал (но молитвите на поставување, секако, биле различни) – на ѓаконот на крајот од поставувањето му ја давале Чашата и тој одел да ги причестува верните, а ѓаконисата ја ставала Чашата назад на светиот престол. Со тоа се изразувало дека ѓаконисата немала богослужбени должности (единствена позната самостојна улога на ѓаконисите во богослужението била поврзана со запазувањето на благопристојноста при крштението на жените: потоа, откако епископот или свештеникот излевал свет елеј на челото на онаа што се крштевала, останатите делови од телото ги помазувала ѓаконисата).

Ѓаконисите исполнувале административни функции во добротворните институции, раководеле со женските заедници. Во Византија ѓаконисите опстојале до 9 в. (во тој период ѓакониси можеле да станат само схимонахињите), на Запад тие исчезнале околу половина милениум порано – најмногу поради рушењето на социјалната структура, во чија рамка биле потребни. Во Византија потребата од ѓакониси опаднала од слични причини – социјалните добротворни институции престанале да имаат потреба од нив. Подоцна институтот ѓакониси не се обновувал, зашто немало потреба од нив.

Вистина е дека неколку ѓакониси биле ракоположени од свети Нектариј Егински (1846-1920), основачот на женскиот манастир на грчкиот остров Егина, но тој опит немал продолжение. Во Русија никогаш немало ѓакониси – во најдревниот словенски ракопис на чинови за ракополагање (архиерејски Требник на РНБ. Соф. 1056, 14 в.) чинот за поставување ѓакониси отсуствува.

Јулија Данилова
Приредил: М-р. Георгиј Глигоров

(продолжува)

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz