Зошто? – За жената во Црквата (2)

продолжува од првиот дел: Зошто? – За жената во Црквата (1)

Колку да се знае: првата жена „свештеник“ во историјата на Христијанството се појавила во една од црквите на Англиканското здружение (обединување на англиканските цркви од целиот свет). Таа се викала Флоренс Ли Тим Ој (1907-1992). Во 1941 г., откако стекнала богословско образование, таа станала ѓакониса и служела во општината на кинеските бегалци во Макао. Кога јапонската окупација на Кина привела до тоа општината во Макао да остане без прехрана за свештеникот, англиканскиот епископ Гонконг ја ракоположил неа во чин свештеник. Тоа било принуден чекор. Бидејќи тоа се случило 30 години пред некоја од англиканските цркви официјално да го дозволи женското свештенство, доктор Ли Тим Ој ја прекинала свештеничката служба веднаш по завршувањето на Втората светска војна. Таа умрела во 1992 г. во Торонто; околу тоа време женското „свештенство“ било воведено во повеќето англикански цркви, сѐ повеќе отстапувајќи од апостолските установи не само по тоа прашање. „Зошто протестантите се осмелуваат да воведат свештеници-жени? Тука постои внатрешна противречност – смета о.Јов (Гумеров), професор по Свештена историја на Стариот завет на московската Сретенска богословија. – Бидејќи во споровите со протестантите тие постојано прашуваат: ’А каде е кажано тоа во Библијата?‘ Но, по прашањето за женско свештенство постапуваат спротивно. Расудувањата дека, ако во Библијата не е речено ’не‘, значи, може – тоа е формализам, лукавство и откажување да се восприеме вистинскиот дух на Светото писмо“.

Блажено упокоениот митрополит Сурожски Антониј сметал дека од богословски аспект прашањето за повикот на жената само што треба да биде обработено. „Убеден сум дека треба да се задлабочиме во овој проблем со сите сили на умот, со потполно познавање на Писмото и Преданието, и да најдеме одговор“ („Православната црква и женското прашање“, Весник на РСХД, II-2002). За возвишеноста и одговорноста на свештеничкиот повик владиката вака пишувал: „Свештенството е состојба, исполнета со таков страв, што не е возможно да ја посакуваш. Тоа може да се прифати само со свештен трепет, со ужаснетост, и, според тоа, чинот на свештеникот не е предмет на статус, освен што ние го снижуваме свештенството на ниво на неквалификувана општествена работа, на проповед и своевидно ’христијанско социјално служење‘.“

Мироносици Жени
Мироносици Жени

Познати се зборовите од апостолските посланија за сите верни: „вие сте род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени, за да ги возвестите совршенствата на Оној, Кој ве повикал од темнина во Својата чудна светлина“ (1Птр 2,9). Како да се разберат овие зборови? Митрополитот Антониј Сурожски вака ја објаснува оваа мисла: „Чинам, може да се одговори дека сеопштото свештенство се состои во повикот на сите оние што припаѓаат на Самиот Христос, што преку крштението станале Христови… да се осветува овој свет, да се прави свештен и свет, да Му се принесува на Бога како дар. Таа служба првенствено се состои во принесувањето на Бога на сопствените душа и тело како жива жртва, и во тој принос самите себе да се принесуваме – сѐ што е наше: не само чувствата, и душата, и мислите, и волјата, и целото тело, но и сѐ што правиме, сѐ до што се допираме, сѐ што ни припаѓа, сѐ што со својата власт можеме да го ослободиме од ропството на сатаната – преку дејството на својата верност на Бога.“

Протопрезвитерот Николај Афанасјев во својот познат труд „Црквата на Светиот Дух“ службата на царското свештенство го дели на – општо за сите верни, и служба на управување – пастирството или „посебното“ jерархиско свештенство. Царското свештенство се поима исклучиво како сослужување на целата црковна општина во совршувањето на Литургијата. Но, собранието на верните не може да постои без претстојател, пастир кој примил особени дарови на раководење. „Управувањето им припаѓа само на посебно повиканите, а не на целиот народ, чии членови не примиле дарови на управување, а без благодатните дарови не може да има служење во Црквата. Затоа службата на пастирите е различна од службата на народот Божји.“ Имено, кон такво пастирско служење (презвитерско и епископско), според Преданието, не се допуштени жените.

Јулија Данилова
Приредил: М-р. Георгиј Глигоров

(продолжува)

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz