Зошто? – За жената во Црквата (1)

Во мај 2006 г. во Сан Франциско се одржa Задграничен собор на Руската православна црква. Сите поканети делегати беа мажи. Тоа предизвика незадоволство кај многу жени што активно учествуваат во црковниот живот. Тие составија писмо до митрополитот Лавр, поглаварот на РЗПЦ (Руската задгранична православна црква), со молба да се разгледа прашањето за правата на жените во Црквата: „Ние раководиме со хоровите, членови сме на црковните совети, возглавуваме црковни организации и предаваме во Богословиите…

Една од авторите на писмото беше Елена Зезјулина, правник, што повеќепати ги застапуваше интересите на РЗПЦ на суд. Ја замоливме да го изјасни нејзиниот став.

– Минатата есен излезе синодска одлука за начинот на избирање на делегатите за учество во Задграничниот собор. Речиси во последната реченица пишуваше дека претставниците од парохиите треба да бидат само од машки пол. Ние негодувавме поради тоа, но не му напишавме веднаш писмо на митрополитот. Прво ги прашувавме свештениците од нашите парохии. На пример, јас живеам околу Вашингтон, така што тоа прашање му го поставив на отец Виктор Потапов (црква „Св.Јован Крстител“ во Вашингтон). Отец Виктор беше во процедуралната комисија и тој ми кажа, дека Задграничната црква не дозволува делегати-жени по традиција, која била востановена во 1917 г. на соборот. И дека Црквата во Русија сѐ уште се придржува до тоа правило и, ако се обединуваме, или, во секој случај, ако го обновуваме литургиското општење, тогаш не можеме да се косиме со таа традиција.

Јас го покренав прашањево и во разговор со отец Серафим Ган, кој исто така беше во процедуралната комисија, и тој ми го одговори истото. Тоа прашање беше крајно актуелно за жените. Некои од нас, како на пример Надежда Киценко, ќерката на протоерејот Борис Киценко, предаваат во Богословија. Сите заеднички ги разгледувавме овие прашања и решивме да го потврдиме фактот дека не сме согласни со тоа решение.

Така се роди ова писмо. Тоа беше многу бргу напишано, во неработните денови пред почетокот на соборот.

Богородица и Христос, детаљ
Богородица и Христос, детаљ

За неколку дена на писмото се потпишаа повеќе од 50 луѓе од разни парохии. Во основа од парохии во САД. Истовремено, ако не и порано, беше напишано писмо од Лесненскиот манастир. Од учеството во соборот беа отстранети не само жените од парохиите, туку и монахињите. И тоа е особено неправилно, бидејќи тие сочинуваат 80% од монаштвото на Задграничната црква.

Јас од 1986 до 1995г. го претставував Синодот на Задграничната црква при решавањето на неколку правни прашања. Кај никого не се појави сомнеж во врска со тоа што сум жена. Јас сум родена и порасната во Њујорк, од детство одам во црква.

Ми се чини дека е потребно поглобално да се разгледа прашањето за учество на жената во црковниот живот, особено во 21 век. Тоа прашање не се појави порано, бидејќи имавме многу малку собори. Последниот се случи во 70-тите, тогаш бев мала. Но ситуацијата многу се промени и мора тоа да се има предвид. Жените кај нас учествуваат во црковниот живот на сите нивоа. Во обичниот парохиски живот – во детските кампови, неделната школа, на певница – секаде се жени, парохискиот живот се крепи на жените. Знаете ли, на пример, дека текстот на службата за новомачениците го напишала жена?

Зошто жената не го може она што може мажот? Зар таа е полоша од него? Ви предложуваме неколку забелешки по тој повод:

Жените на Помесните собори

Во поголемиот дел од црковната историја отсуството на жената на црковните собори е условено од зборовите на ап. Павле: „Жените ваши по црквите да молчат: ним не им е позволено да зборуваат, туку да се покоруваат, како што вели и Законот. Ако, пак, сакаат да научат нешто, нека ги прашаат мажите свои дома; зашто срамно е жена в црква да зборува“ (1Кор 14,34-35). Руската православна црква ова правило строго го пазела до 20 в. Дури само на познатиот Помесен собор од 1917-1918 г., на кои се предложувале многу црковни иновации, жените (и монахињите), иако можеле да присуствуваат, немале право на глас. За првпат во историјата на Црквата, жени зеле учество во Помесниот собор на РПЦ во 1971 г., кога се избра патријархот Пимен. Жени учествувале и во работата на Помесниот собор во 1990 г. што го избра патријархот Алексиј II.

Според каноните на Црквата, полноправни членови на Помесниот собор се само преемниците на апостолите – епископите. Канон кој би го предвидувал учеството на клирици и лаици на соборите – нема, иако такви случаи имало во историјата на Црквата, особено по падот на Византиската империја. Во Русија на почетокот од 20 в. се отвори широка полемика за учеството на соборите и на други лица, освен епископи. Сегашниот Устав на РПЦ што е во сила од 2000 г. исто така го предвидува учеството на клирици и лаици на Помесен собор. Сепак, епископатот ја задржува канонски основаната контрола за решенијата на Помесниот собор: секое решение може да биде прифатено од соборот само во согласност со мнозинството епископи, присутни на него.

Зошто жената не може да биде свештеник?

Многувековната православна црковна традиција никогаш не познава жени „свештенички“, праксата на „ракополагање“ на жени во свештенички или епископски чин не се прифаќа од Православната црква.

Против женското свештенство постојат неколку аргументи. Како прво, „свештеникот на Литургијата е литургиска икона на Христа, а олтарот е одајата на Тајната вечера. На таа вечера имено Христос ја зел чашата и рекол: пијте, ова е Мојата Крв… Ние се причестуваме со Крвта на Христа што Он ни ја дал Самиот, и токму затоа свештеникот треба да биде литургиска икона на Христос… Затоа свештеничкиот архетип (првообраз) е машки, а не женски“ (ѓакон Андреј Кураев, „Црквата во светот на луѓето“).

Како второ, свештеникот е пастир, а жената е создадена како помошница и самата има потреба од поддршка и совет, и затоа не може да ја носи пастирската служба во полнота. Својот призив таа е повикана да го оствари во мајчинството.

Не помалку тежок аргумент е и отсуството на самата идеја за женско свештенство во црковното Предание. „Светото Предание не е едноставно традиција – ни појасни професорот на Московската духовна академија А.И.Осипов. – Важна е умешноста да се разликуваат случајните традиции од традициите што имаат длабоки религиозни корени. Постојат одржливи аргументи во полза на тоа, дека отсуството на женско свештенство е суштинска традиција. Во историјата на Црквата првото столетие се нарекува век на извонредни дарби. Истовремено со крштението луѓето добивале дар, некои веднаш неколку: пророштво, дар на јазици, дар на исцелување болести, изгонување на бесови… Дарби, очигледни за сите, што ги поразувале паганите и ги убедувале во значајноста и силата на Христијанството. Во тој век забележуваме поинаков однос кон јудејскиот Закон, од кој историски (но не и онтолошки) произлегло Христијанството. Конкретно, гледаме поинаков однос кон жената. Меѓу светиите од тоа време биле рамноапостолните Марија Магдалина, Текла – жени кои, според своите дарови, биле на исто ниво со апостолите, се занимавале со истото – проповедта на Христијанството. Но, никаде и никогаш нивото на нивното црковно почитување не било соединето со дарување ним свештенство.

Освен тоа, кога во 2-3 в. во сектата на маркионитите се појавило женско свештенство, тоа предизвикало решителен протест на еден цел ред почитувани светии и учители на Црквата.

Божјата Мајка, почитувана повисоко од ангелите, не била свештеник

Прашањето за недопуштање на женско свештенство во богословската литература не е детално осветлено: постојат само одделни искази по тој повод. Но, во суштина, во науката се прифаќа нова теорија само тогаш кога има нови факти, што неа ја потврдуваат, и принципиелни недостатоци, воочени во претходната теорија. Богословието е исто така наука. Така што, според принципот на сите науки, богословските аргументи треба да ги претстават не противниците на женското свештенство, туку неговите заштитници. Тие аргументи можат да бидат само од два извора – Светото писмо и учењето на светите отци. Ниту во Писмото, ниту во светоотечката литература нема ниту еден факт, што би ја потврдил можноста за женско свештенство“.

Јулија Данилова
Приредил: М-р. Георгиј Глигоров

(продолжува)

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz