За зависта

По нашите божикни беседи, ја развиваме евангелската тема содржана во светото Евангелие читано денес. Спомнавме дека во времето кога светата фамилија со богомладенецот престојуваше во Египет, Ирод, царот јудејски, заповеда да се стават под нож сите дечиња од две години надолу. Се надеваше дека во тој масовен и брутален колеж на невини детски животи ќе го убие и детето од кое силно се беше исплашил. Нашата денешна беседа ќе го анализира духовно-душевниот аспект на мотивот што го натера Ирод да убие 14 000, како солза чисти, детски животи. Отрочето родено во Витлеем, по промисла Божја, го помина времето на монструозните колежи во туѓа земја – Египет. Мотивот заѕвероподобното крвопролевање е веста што Ирод ја слушна од трите мудреци. Тие патуваа следејќи ја ѕвездата од исток. Таа ги водеше до Витлеем, каде што требаше да стигнат за да му се поклонат на новородениот цар јудејски. Ирод помисли дека во Витлеем се роди земен, секуларен цар, кој ќе му го узурпира царскиот трон. Страхувајќи за царскиот престол, гладен и жеден за власт, ги активира механизмите на страста. До безумство се беше опохотил по власта и деспотијата. Деспотизмот како моќ и привилегија на царската власт, му стана рефлекс. Беше отруен од навиката моќно да господари не толку со просторите земски и со материјалните добра, туку пред сè и повеќе од сè со човечките души. Она што го исплаши силно беше можната опасност сето тоа да го изгуби. Стравот и зависта спрема оној за кого слушна дека се раѓа како цар, ги остреа канџите на злото. Ќе дозволи ли да се роди некој што ќе го истисне од светот? Надвор од светот се онеспособи да постои.

Но, драги мои, има ли место за ова прашање? Ирод не знаеше дека вистинскиот цар се роди во Витлеем. Вистинскиот цар и господар на светот и животот се роди, но како смирен слуга на луѓето, како последен меѓу луѓето, како човек незаинтересиран за царството на овој свет, за светот на Ирод. Се роди господарот и царот на вечното царство небесно, на Божјото царство, вечната татковина на човекот. Се роди и влезе во светов царот на славата за да го направи Ирода свет граѓанин на небесната држава. Доколку Ирод го знаеше тоа, не ќе посегаше по животот на младото отроче, предвечниот Бог.

Ирод е носител на синдромот на завист. А зависта е болест на духот и се темели во стравот од постоењето на човек чии квалитети го надминуваат заболениот. Само еден чекор го дели од Јуда, носителот на синдромот на предавство на братот, т.е. од братоубиството. Оваа тема е зафатена во старозаветната библиска историја за Каин и Авел. Таа е мошне битна за сите нас, бидејќи ретки се браќата што не заболеле од духовната болест завист. Еден на друг си завидуваме. Чаршијата и градов се преплашени од фактот дека зависта добива размери на епидемија. Расцветала и ја потиснала љубовта. Едни на други си стануваме камен на сопнување. И навистина, таму каде што љубовта замира, таму каде што љубовта гасне, гасне довербата на еден во друг и се раѓа и царува зависта. Потем, таа ги дефинира правилата на живеење во пошироката општествена заедница, во градот, во селото и во семејството. Како што гнојната рана, откако ќе созрее, пука и го инфицира здравото ткиво, така и зависта го разградува ткивото на духовниот организам. Таа станува причина за нови страсти. Тажно е што во црковната заедница се накотиле многу Ироди. Деперсонализирани од толпата, живееме по законот на омразата спрема братот свој. Немаме волја да го видиме во добро. Не сакаме да видиме луѓе силни по дух, исполнети од Дух Свети и поставени на длабоките темели на верата апостолска. Омразени ни се личностите што го подигаат народот наш. И во светите луѓе на Црквата сакаме да видиме господари со манири истоветни на световните. Парохијата го губи својот духовен белег и се претвора во географска и административна територија, која потем се става во нечиј џеб. Епископот ја присвојува благодатта Божја и заборава дека е гибелно нејзиното претворање во лична сопственост. Благодатта е соборна сопственост на целата Црква Божја. Точно е дека Господ преку епископот им ја раздава на сите по мерата од вистинската потреба на секоја личност посебно. Епископот е добар иконом на Црквата Божја. Но, стварноста одразува ничкосани духовни состојби. На што се должи сликата за изместените меѓучовечки односи во световниот свет и во Црквата? Нашава беседа не ќе може да ги анализира многубројните фактори на дезинтеграција. Ќе ја апстрахираме причината само преку денешната евангелска тема: проклетата болест наречена завист. Од неа извира омразата и оттуѓувањето на едни од други. Се губи паметењето на Бога и благословеното сеќавање на смртта.

Живееме како битија несмртни по природа. Трагаме по еликсирот на бесмртноста и живееме живот со папочна врвка врзан за космосот. Не сакаме да се родиме. Во јајцето на светов се чувствуваме сигурно и комфорно. Како да сме венчани за материјалните волшепства. По мерата од вљубеноста во нив, забораваме дека смртта на секој чекор нè демне. Но, забораваме и на тоа дека смртта е нашиот најдобар и најголем педагог за вистинскиот живот воден во Црквата. Затоа, Ирод како тип на човек стои пред нас и нè предупредува. Напомнува за тоа какви не треба да бидеме. Да не ни се случи гревот на таткоубиство и синоубиство. За да не се даде целив како Јуда. Со целив да не те предадам, брате! Со целив да не те убијам, брате! Зашто Христос Бог е нашиот заеднички татко и спасител, чие рождество копнежно го чекаме и го славиме во век и веков.

Амин.

Отец Стефан Санџакоски

Оставете коментар

1 Comment on "За зависта"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] на Пресвета Богородица За зависта Дванаесет Божикни […]

wpDiscuz