Заробеност во слобода

Јануари 24, 2014,
на полноќ
Извадок од личниот дневник

Во животот научив да се радувам, а во моменти на убост се чувствувам како дете. Иако не знам зошто сè уште го таам детето во себе, сепак се чувствувам убаво и исполнето. Чудна е моќта на детето, а јас ги љубам тие мали благородни души!

Ах таа нивна чистота! Таа нивна детска невиност!

Можеби поради нивната чистота и јас жеднеам да бидам подобен на нив, бидејќи тие не знаат за грев. Од нив учам да се радувам. Прават пакости омеѓени во нивната детска несвестност и без лоша намера. Доколку ги искараш, ќе се натажат и ќе се налутат, но без знаење да мразат, забораваат на својата лутина и продолжуваат да љубат.

Неретко се прашувам што значи да си дете на возрасни години, бидејќи знам како е да си возрасен на детски години.

И јас некогаш бев дете и во своите несвесни постапки „чепкав” на сите страни, не разликувајќи што е полезно, а што штетно. Се сеќавам правев грешки, бев искаран, мојот детски ум ѝ се налути на мама. А моето срце гореше од љубов кон неа. Крајот повторно беше ист секогаш, се вратив во нејзините прегратки. Во својата детска пргавост многу сакав да се галам, бев жеден за внимание и за љубов. Тоа ми остана до денес, детската љубов ме научи да бидам покомуникативен и поблизок со луѓето.

Имам потреба да проникнам во детското срце, кое гледа само убавина, чиста и отворена за секого, тоa е мое блаженство!

На почетокот напишав дека сакам да се радувам. Од денот на моето раѓање, до сегашните дваесет и две години живеев и живеам во радоста на Бога кој преку Светиот Дух ме исполнуваше и учеше да се радувам. Така беше, а и имам желба така да остане и натаму. Наназад во годините не бев буден, ниту доволно зрел за да го спознаам ова чувство.

Печатот на дарот на Светиот Дух, кој ми беше даден на денот на крштението, ми стои во мене и сведочи за постојаната радост кон животот воден од Бога.

Во животот потребно е време за духовно и душевно да пораснеме, да почнеме да размислуваме, чувствуваме, разликуваме, за да знаеме од каде и од кого доаѓаат нештата во животот. А од каде доаѓа радоста? Дали од чистата љубов на една душа? Дали од љубовта од Бога, кон Бога, или самиот Бог, Кој е Љубов? Лотосот, тој чудесен цвет кој расте во кал и тиње плени со својата убавина. Што сакам да кажам со ова? Секаде, на секое место, покрај сите околности може да бидеш најубав – најубав во љубовта. А еднаш штом ќе постанеш НАЈУБАВ ВО ЉУБОВТА, останатите околу тебе ќе бидат опиени од таа љубовнорадосна убавина. Тогаш имаш цел, а целта е со тебе и другите да се преобразат во НАЈУБАВИ и НАЈЉУБЕНИ.

Колку и да посакував, јас не можам да бидам извор на чиста љубов од која извира радост. Дури сега знам дека колку што растам, низ годините, нешто ме сопира да се предавам кон совршената љубов. Чувството ме плаши. Ова. Бидејќи не сакам љубовта кон ближните да се намалува, туку напротив.

Дали веќе станувам овоземно обземен. Гордоста, власта, земните блага, прв на пиедесталот… дали сето тоа како сидро ме влече во длабочините? А не сакам, се обидувам да опстојам на потребата од скромност и љубов. Можеби тоа е потребата да сум дете кое не знае за
гордост, можеби.

Што знае детето за лошотија?

Ако се скара со своето другарче за една количка, набрзо таа лутина ја снемува, играта продолжува.

Што знаат возрасните за лошотија?

Да пишувам? Да, и за нив ќе пишувам, зашто и јас мислам дека сум дел од нив. Ако Јован му зел нешто на Стефан, почнува војна, готово е. Крајот, ниту можам да го насетам.

Кудејќи го другиот, треба прво да се свртиш кон себе, си велам. Човек треба да почне од себе, ми велеа, па затоа почнувам од себе. Доколку Димитриј ме навреди со нешто, гордоста не ми дозволува да му простам, а не знам зашто. И толку високо го „кревам носот”, што не сакам збор да проговорам со него. До кој степен се доведуваш – си велам!

Зарем и јас треба да се стопам во „светот“ кој го поддржува макијавелистичкото „целта ги оправдува средствата”. Ако на овој начин треба да рушиме пред себе и да уништуваме нечии животи, тогаш на што ќе наликуваме ние, луѓето?

А Бог? Каде е Тој?

Идејата на денешниот современ човек лежи само во една реченица „Ах – Бог, зошто Тој кога можам сам сè, кога можам да се справам со сè”. Го разбира ли, денес, човекот значењето на љубов, радост, почитување, сомилост, слобода? Не! Не! Не!

Веројатно сметам дека љубовта стана површна и користољубива, радоста – лицемерна, сомилоста – злоупотреба, а слободата?

Вредностите која оваа слобода денес светот ги промовира води во „ќор сокак” и до уништување на сето она кое Бог го создал по својот лик и подобие.

Но, ние денес не наликуваме на созданието, страотно наликуваме на ѕверови, кои се борат еден против друг.

Во животот се однесувам како дете, зашто од децата учам вистински да љубам, да се радувам, да почитувам, да не бидам „човечки ѕвер”, туку да бидам мудар во својата слобода доделена од Бога.

Ипоѓакон Стојан Серафим Андов
Знам дека ова не е нешто ново кое го пишувам,
но ако не друго,
нека стои во мојата папка за кога одвреме навреме ќе гo читам,
да ме потсетува кој треба да бидам.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz