Заповедано ни е да имаме само еден непријател

Во време на крајна поделеност во нашето општество, овие живи слова на Златоустиот Јован би можеле да ни послужат како потсетник на она на кое сме повикани да бидеме: блажени миротворци кои ќе се наречат синови на Отецот, безумни заради Христа благовестители и жители на Небесниот Ерусалим по ветување.

Без разлика на која страна и да ѝ припаѓаме денес, во вечноста сите се молиме да се вброиме меѓу оние кои ќе бидат оддесно Судијата. Најпрво сме Христијани, Христови. Ова никогаш да не го заборавиме.

+ + +

Како манијаците, кои никогаш не се смирени, така и оние кои се гневни и непријателствуваат никогаш нема да вкусат некаков мир; непрекинато беснеејќи и секојдневно зголемувајќи ја бурата на нивните мисли кои си припомнуваат на дела и зборови, презирајќи го самото име на оној кој ги огорчил. Ако само и го споменеш нивниот непријател, тие веднаш збеснуваат, и се јадосуваат одвнатре; а ако и го видат, се плашат и треперат, како да го сретнале самиот ѓавол. Навистина, ако забележат и најмал знак на неговото присуство, или само облека, или дом, улица низ која овој минува, тие се измачуваат од самиот призор. Оти, како што се случува со оние кои ги љубиме, нивните лица, нивните облеки, нивните сандали, нивните домови или улици да нè зарадуваат во моментот кога ќе ги видиме, така и обратно, кога ќе видиме слуга, или пријател, или дом, или пат, или било што што му припаѓа на оној што го мразиме или го сметаме за непријател, биваме ранети од сите овие нешта. И ударите што ги трпиме од гледањето на секоја една ваква работа се чести и постојани. Тогаш, која е потребата за одржување на една таква опсада, таква мака и таква казна? Дури и пеколот да не им се заканува на оние што се гневат, тогаш поради измачувањето што се јавува од самата омраза би требале да им ги простат навредите на оние што ги натажиле. А кога и бесмртните казни нè очекуваат, што може да биде понеразумно од човекот кој и тука и таму си навлекува казна врз себе, мислејќи дека ќе се одмазди на својот непријател?!

+ + +

Како што е незамисливо блудникот и хулителот да учествуваат на оваа свештена Трпеза, така е невозможно оној кој има непријател, и носи злоба во себе, да вкуси од светата Причест. Ве предупредувам и сведочам, и на сиот глас објавувам за секој да ме чуе! „Нека не се приближува до свештената Трпеза оној кој има непријател, и нека не го прима Господовото Тело! Нека не се приближува оној кој има непријател! Имаш непријател? Не пристапувај! Сакаш да пристапиш? Помири се, и потоа пристапи, и допри се до Светињата!“

+ + +

Заповедано ни е да имаме само еден непријател, ѓаволот. Со него никогаш не се помирувај! Но со ближниот, никогаш да не непријателствуваш во срцето.

Извадоците се од 20-та омилија на св. Јован Златоуст

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz