Записи за спасението

Во неговиот опсежен труд, отец Когнар на неколку страни го илустрира целото подрачје што спасението може да го опфати во неговото христијанско значење. Соочен сум со толку широк домен, што не можам да дадам генерална критика. Затоа, го користам неговиот повик упатен до еден православен глас за да го изразам моето гледиште за една или две основни точки.

Сè она што е поврзано со состојбата во која се наоѓа оној кој е спасен е веројатно едно од најфундаменталните прашања за оваа тема. Дали социо-економското ослободување, на пример избавување од политичко угнетување, од ропство, од принудна работа или од глад, е основен елемент на христијанското спасение? Дали стекнувањето богатство и здравје е вклучено во спасението?

Доколку одговорот на ова прашање е позитивен, тогаш христијанската идеја за спасение е позајмена од Стариот Завет, барем во голема мера, бидејќи сите овие придобивки ја сочинуваат тамошната идеја за спасението. Исто така, сите овие придобивки се содржината на ослободителните движења од секаков вид и од секој период. Доколку одговорот на ова прашање е позитивен, тогаш резултатите на христијанското спасение се поистоветени со барањата на тие движења. И во ваквиот случај, која би била улогата и причината за постоење на христијанството?

Одговорот на ова прашање е негативен. Световното ослободување си има своја вредност и Црквата треба активно да работи за да го постигне, но тоа не е во ниту една форма елемент на христијанското спасение. Предводникот на христијаните умре на крст и повеќето од Неговите ученици ја дочекаа смртта како затвореници. Ниту еден од нив не можеше да се гордее со земна слобода, богатство, здравје или безбедност и ниту еден од нив немаше такви цели. Господ му рече на Павле: „Мојата сила наполно се покажува во слабоста“.

Па, тогаш што е спасението? Тука мора да нагласам дека зборовите често нè водат во погрешна претстава кога станува збор за духовните состојби објаснети во Стариот Завет; во овој случај, [тоа се] зборовите δικαίωσις и σωτηρία или λύτρωσις, оправдание и спасение или искупување. Богословите, централното учење на Новиот Завет го претставуваа како оправдување и избавување. Иако ваквите ставови не се отсутни, сериозна грешка би било доколку сметаме дека тие ја формираат христијанската порака, односно Евангелието. Оваа порака ќе ја зaгуби нејзината величина и сјај, доколку е претставена како Божјо оправдување на луѓето, Кој прави спогодби со нив или пак во Неговата милост ги ослободува од нивните долгови. Од друга страна пак, поимите искупување и спасение не успеваат да го опишат Христовото дело и состојбата во која верните влегуваат. Искупувањето може да значи ослободување од небожествени сили: демони, зло, грев. Се разбира, никој не би можел да го превиди изобилието од слики поврзани со таквото ослободување: но и покрај нив, верувам дека претставата за Бога и Христа како воини кои се бореле против овие непријателски сили и ги поразиле, а резултатот бил искупување на човекот од нивниот суверенитет, би ѝ била целосно туѓа на христијанската порака.

Понатаму, да се интерпретира Евангелието исклучително на таков начин, би значело процесот на реконструкција на човештвото да се ограничи на делото на Самиот Исус Христос; после Неговата славна победа не би имало потреба борбата да се продолжи или да се повтори. Како и да е, во Новиот Завет не наоѓаме никаква концепција за тоа дека текот на обновувањето е завршен. Делото Христово попрво го означува почетокот на обновата, што може да се оствари со синергетска активност на божествената благодат и човековата волја. Од друга страна, ако го ограничиме искупувањето на избавување од световно угнетување и општествено зло, христијанската порака би го изгубила сиот нејзин дух и вредност.

Не е тешко да се разбере зошто св. Павле и некои други рани писатели толку често, но не исклучително, ги користат поимите на искупувањето. Кога некој е роб, тој не мисли што ќе прави или што ќе стане после неговото крајно ослободување; тој размислува само за тоа како може да биде ослободен. И кога неговата желба е остварена, неговиот ум подолго време е зафатен со состојбата во која било постигнато неговото избавување. Сега, сите што живеат одделено од Христос- дури и оние кои тоа не го сфаќаат- се чувствуваат на еден или на друг начин како робови, и тие се ослободени од напнатите впечатоци, кои ги оставила промената низ која поминале, само долго после нивното ослободување. Тука ја гледаме причината зошто авторите на Новиот Завет често користат толку негативни [одречни] поими за да ги опишат чувствата на тогашните новокрстени христијани.

Подоцнежните богослови, особено оние од западот, под влијание на јуридички [правни] идеи и сакајќи да ја претстават христијанската порака на јасен и лесно разбирлив начин, го компонираа стереотипниот оддел на нивниот догматски систем на основата на овие термини; па, во името на рационалната разбирливост тие паднаа во едностран формализам. Како и да е, би било неопростив пропуст да се запостави позитивниот аспект на христијанската порака, која е импозантно присутна во записите на Новиот Завет, на пример, да се запостави аспектот кој ги претставува достигнувањата на овоплотувањето на Божествениот Логос, не како искупување или како оправдание, туку како продолжување на животодавното Божјо откровение. Кога ги разгледуваме фактите од таа гледна точка, гледаме дека Евангелието на прво место ја опишува кулминацијата на откровението на Господовиот живот. Откровението е личната појава на Бога меѓу луѓето и заедничарањето на Неговиот живот со нив.

Значи, спасението би требало да се разгледува како производ на тој одлучувачки момент кој се случил во текот на човековата историја, покрај влегувањето на божественото во неговиот пат. Бог го принесува животот на човекот, и човекот учествува во овој живот, кога тој живее слободно, свесно и егзистенцијално, во еден бескраен процес кон совршенството, преку јакнење на неговата волја и развивање на неговите духовни сили. Она што се случи со човековата природа преземена од Христос, се повторува во секој човек. Ова е остварено преку соработка меѓу енергијата на Бога и трудот на човекот. Ова е спасението; довршување на личноста, преобразување, вознесување до Господовиот престол, обожување.

Сега, ако ова е значењето на спасението, тогаш се соочуваме со две забелешки. Прво: Дали спасението е универзален настан? Сите современи теолози од Западното Предание, потхранети од учењето на Августин, се навикнати да ги потврдуваат таквите изјави. Ако човекот е ништо повеќе од пасивен објект, тој не може да очекува ништо повеќе од пресудата Божја. Св. Августин, разликувајќи ја пресудата, му даде на еден дел од човештвото присилено спасение, а на другиот дел присилено проклетство. Некои теолози од нашето време го зачувале задолжителниот карактер на спасението, но му го доделуваат на целото човештво.

Се разбира, тука може да забележиме сериозна грешка. Тие не го разликуваат она што Бог го прави, со она што човекот постанува. Бог ги спасува сите луѓе, но не сите луѓе се спасени, бидејќи не сите луѓе се спасуваат самите себе си. Јас се согласувам дека спасението е универзален феномен, но на различен начин. Тоа е универзално сѐ додека станува збор за Божјата волја и делување; не е универзално се додека станува збор за човековата волја и делување. Вакво е ограничувањето на спасението.

Августиновата концепција за задолжително спасение или проколнување е нешто незамисливо за грчката светоотечка мисла, нешто навредливо за Бога; затоа што подразбира прекин на човековата способност за самоопределување – αυτεξούσιον. Се чини дека Западњаците толку го запоставија, што не се ни погрижија да исковаат латински збор за да го преведат овој термин, и покрај тоа што αυτεξούσιον е најголемиот дар од Бога, зашто е сила која му овозможува на човека да стане човек.

Личната обнова е невозможна без личното учество, без придонесот на тоа човечко суштество на кое му е потребна. Обновата, пред да постане цел и задача на човековото постоење, не може да постане негова сопственост. Спасението не е играчка која се дава на разгалено дете; тоа е награда здобиена од еден атлетичар.

Се разбира, ние ја имаме теоријата за повторно воспоставување. Како и да е, сметам дека таа не се стреми кон осигурување на личното спасение на сите луѓе, туку кон унија од сите луѓе кои го живеат божествениот живот со Бог. Понатаму значи, дека сите непријателски сили во светот ќе престанат да владеат; злото, смртта и гревот ќе престанат да постојат. Злобните луѓе не учествуваат во божествениот живот егзистенцијално; ова значи дека и тие престануваат да постојат.

Сега, дали постојат други патишта преку кои Бог воспоставува врска помеѓу Неговиот живот и човештвото е надвор од границите на дискусија, бидејќи нашите записи молчат по ова прашање.

Во духовната обнова, човекот делува и учествува во неговата полнота, со сите свои телесни и духовни сили, и во сите свои односи. Како и да е, обновата единствено на неговите односи не значи спасение; тоа е само последица на спасението. Преку пример, човекот не е спасен духовно, кога е избавен од телесно ропство; а истиснува секаков вид на телесно ропство, доколку е духовно спасен.

Конечно, што е значењето на учеството на сето создание во спасението според зборовите на св. Павле и св. Петар? Следниот одговор го сметам за соодветен. Сето создание учествува во спасението, според своите можности, како окружување на човековите односи, како рамка на неговото спасение. Го споделува човековото спасение, но само несвесно.

 

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz