Зашто Царот ја посака твојата убавина… (Пс. 44,11)

Сугубиот стремеж на Божјата милост од една, и човековата верност од друга страна, се развлечени во заморниот тек на времињата. Меѓу луѓето, Бог сакаше да најде макар еден со разбирање…

И кога „полнотата на времето се исполни“, таква личност беше најдена на земјата, Светата Дева, која во себе ја носеше најголемата убавина и слава „одвнатре“ (Пс. 44,13). За Бога таа беше толку светла и возвишена, што Царот Небесен „ја посака нејзината убавина“, ја осени со Неговиот Свет Дух, ја направи Престол Херувимски, и „ги приклони Небесата и слезе“ (Пс. 17,9). Според светоотечките учења, Светата Дева била совршен сад, кој во себе ги содржел сите духовни дарови и божествени добродетели. Но, три добродетели, сепак, посебно се истакнуваат [во нејзината личност]:

Прво, нејзиното „исихастичко“ повлекување во Светињата на Светињите и нејзината исихастичка молитва. Значи, нејзиното совршено умирање за овој свет, и нејзиниот Херувимски лик пред Живиот Бог, Богот на нејзините Отци. Таа го остави нејзиниот народ и домот на нејзиниот татко (Пс. 44,10), и на Бога Му принесе непрестајни молитви за спасението на светот. Таа стана приемчива за совршеното откровение, Го повика Севишниот кон себе, и се покажа како Витлеем – дом на „лебот на животот“ (Јн. 6,48) – Христородица, Богородица. Исто како што и Авраам, кој бивајќи послушен на гласот Божји и напуштајќи ги своите сонародници, ги прими ветувањата; исто како и Јаков, кој бивајќи гонет, дојде до тоа страшно место, „портата рајска (1Мојс. 28,17), и како Израилот, кој бивајќи изложен на опасности во пустината, прими откровенија, исто така и Богородица, која беше мртва за светот, постана живеалиште на Божеството.

Воведение на Пресвета Богородица во Храмот
Воведение на Пресвета Богородица во Храмот

Втората нејзина добродетел е нејзиното смирение. Како што и самата вели, Господ „ја погледна смиреноста на слугинката Своја“ (Лк. 1,48), односно, нејзиното смирение. „Ништожноста“ произлезена од нејзиното длабоко и крајно смирение беше „нештото“ преку кое Бог го ковеше препородувањето на човечката природа. Преку ова нејзино смирение Богородица, пророчки, стапна на Патот кој нејзиниот Син требаше да го открие, исполнувајќи го законот на Неговиот Дух: „секој што се понизува, ќе биде издигнат“ (Лк 14,11; 18,14), и на тој начин Семоќниот „и’ направи големи дела“ (Лк. 1,49), и ја издигна повисоко дури и од ангелските сили.

И трето, нејзината девственост, која никогаш не беше нарушена, ниту со поглед, ниту со мисла, ниту со најмалото движење на срцето. Нејзиното срце беше целосно предадено на Бога, и токму оваа „предаденост“ ја направи достојна за разговор со Бога, и направи Бог да ја чека нејзината согласност: „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите Твои“ (Лк. 1,38), како незаменливо дело за спасението на светот.

Архимандрит Захариј од Есекс
„The Enlargement of the Heart”

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz