Загубете ја душата своја

Кој ќе ја запази душата своја, ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби душата своја заради Мене, ќе ја зачува.

Матеј 10, 39

Си ја носам душата своја со себеси откако паметам за мене, ако и само ако правилно сум го толкувал тој термин. Во секој акт на добродетелство, си говорев дека таа беше организаторот и заслужникот за трофеите. При секоја тага и удар на неправдата таа беше сунѓерот во првата борбена линија која ја амортизираше болката и не дозволуваше со целата јачина да повреди нешто од виталното. Како во неа да беше сместен некој механизам поттикнуван да се вклучува или исклучува од вибрациите на вознемирена или мраз студена совест, па така често се прашувавме каква душа носеа сторителите на мрачни дела. Во нацртот на нејзиниот изглед ја замислував како незгустена снеговина чии алвеоли го правеа контрастот со воздушесто облаковидната форма, нешто флуктуирачко низ воздухот што не дозволува да се допре. Кој би можел тоа да го разбере освен поетите и пустиножителите? Поетите ѝ ја подаруваат на саканата без да размислуваат дали ќе им се врати назад или во каква состојба. Пустиножителите пак, ја губат заради Него, за потоа да ја зачуваат.

Нејзиниот опис и начин да се почувствува, да се знае за што се говори и како треба навистина тоа и да се вреднува, треба да помогнат во разбирањето на обидите на човекот да ја запази душата своја. Мила е таа, лично моја, ширно распространета околу срцето во празнините, подготвена да биде вечно гладна и жедна. Кој нема да се потруди да го задоволи секое нејзино трепнување, посебно ако изразила тага со лелеци до највисокото небо? Зошто тагуваш душо моја, зошто ме вознемируваш? Ќе ископаме пари и софра со гурмански изглед ќе ти биде поставена и на неа сите вина чие црвенило е последица ќе бидат твои. Ќе се заљубам толку лесно како договорот прошепотен помеѓу клунчињата на двата гулаби во паркот и ќе те исполнувам со романтиката на серенадите и раскинувањата. Ќе лажам за тебе само да ми те остават спокојна во илузијата на суетното насладување со светот. Ќе крадам за тебе и по цена да ми ги пресечат рацете, само да бидам твојот волшебник за исполнување на желби. Ќе се гневам на секој оној што ќе се обиде да те навреди со прекорен поглед кон твојата детска разгаленост. Ќе ти бидам твој слуга и нема да задремам ниту еден миг додека сум ти потребен да те засмејуваат моите будалаштини. И така ќе те запазам душо моја и нема да знам дека многу лесно сум те загубил.

А кој ќе ја загуби душата своја заради Него, ќе ја зачува. Мила е таа и лично моја, но нема да јаде и пие како џинот со чизми со чекор од седум милји и апетит од едно јагне за доручек. Ќе се наситиш мила моја од Зборот во пустината и никогаш повеќе нема да правиш анализа на холестеролот и калориите. Ќе се напоиш мила моја од Словото на гората и никогаш повеќе нема да бидеш трезна од љубов. Нема да се заљубувам пречесто и повеќе од еднаш во сите категории на восхит, а ти ќе бидеш повторно во облаци со крилјата кои не знаат за ништо друго освен безусловниот лет. Нема да лажам за тебе, не кога ќе те обвинат поради себедопаѓањето и не кога надвор врне, а ти си премрзната од осаменост. Нема да крадам за тебе кога ќе пресушиш како цвет во камена почва, бидејќи никогаш не ја прифати поуката за Изворот на жива вода. Нема да се гневам на никого кој те повредил, таму во редот мирно со другите јагниња кои чекаат да бидат одведени на колење. И нема да бидам твој слуга, бидејќи мила моја не можеш да служиш на два господари: Бога и Мамона. А ти беше на Мамона.

И така ќе те загубам душо моја. Ќе бидеме разделени додека не тргнеме по истиот пат. Знам, ќе биде кривулест и напорен, но можеби на крајот и ќе се пронајдеме. Кога ќе ме прашаат на Судот каде ти е душата, ќе им кажам дека сум те загубил заради Него. Пресудата ќе биде: да се вратиш доживотно.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz