За здравото и болното око

studio

Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло; ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината? Никој не може да им слугува на двајца господари: оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамона. Затоа ви велам: немојте да се грижите за душата – што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете. Зар не чини душата повеќе од храната, и телото – од облеклото? Погледајте ги птиците небески; тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат; но вашиот Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив? А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придаде макар еден лакот? Зошто се грижите и за облеката? Погледајте ги полските кринови како растат: не се трудат, ниту предат; но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече така, како еден од нив; па, ако полската трева, што денеска постои, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, а колку повеќе вас, маловерни!? Па затоа не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме? Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба. Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде.

Мт. 6,22-33

Ако окото твое биде здраво, целото твое тело ќе биде светло. Ако пак, окото твое биде болно, целото тело ќе ти биде темно. Со око овде се нарекува умот, а со тело – устројството на душата. Кога умот е прост, во душата е светло, а кога умот е лукав, во душата е темно. Што е прост, а што лукав ум? Прост е умот што го прима сето она што е напишано во Светото Писмо, и кој е цврсто убеден дека сѐ е онака како што е напишано. А лукавиот ум е оној кој со лукавство му пристапува на словото Божјо, со препредени прашања и испитувања. Тој не може едноставно да верува, ами словото Божјо го подредува на своето умување. Тој не ѝ пристапува на Библијата како ученик, туку како судија и критичар, за да го испита тоа што таа го вели и, потем, да се потсмее, или гордо да рече: Да, ова не е лошо.“ Таквиот ум е непостојан. Зашто, очигледно дека не му верува на словото Божјо, а во своето умување е непостојан: денес едно мисли, утре друго. Поради тоа во него има колебање, недоумица, неодговорени прашања. Ниту едно нешто не е на своето место, и мачно се движи, опипувајќи сѐ околу себе. Простот ум, пак, јасно гледа. Секое нешто за него има одредено значење, одредено од словото Божјо. И поради тоа секое нешто кај него е на своето место. Тој точно знае како да се однесува кон нештата. Значи, тој оди по отворен и светол пат, потполно уверен дека со словото оди кон вистинската цел.

Св. Теофан Затворник
„Мисли за секој ден во годината“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz