За тивката и невидлива борба

Сега кога го знаеме местото во кое треба да се одвива борбата која штотуку сме ја започнале, како и нејзината цел и нејзиното место, разбираме зошто таа борба се одвива невидливо. Таа се одвива во срцето, во тишина, длабоко во нас; и тука доаѓаме до една многу важна работа, која светите Отци постојано ја потенцираат: усните да ти бидат запечатени со оваа Тајна! Ако некој отвори врата од сауна, целата топлина ќе излезе надвор и лековитоста на пареата ќе се изгуби.
Ова тихување е неопходно, бидејќи секое фалење околу сопствените грижи ја потхранува суетата и довербата во себе. А всушност тоа е она што треба да се искорени од себе. Во тихувањето расте нашата доверба во Него, Кој нè слуша и покрај нашите зборови. Твоја задача е да Му се приближиш и во Него положи ја твојата надеж: ти си закотвен во вечноста, а во вечноста не постојат зборови.

Отсега па натаму ќе разбереш сè што ти се случува, и големи и мали работи, сè што ти е пратено од Бога како помош во таа борба. Тој единствено знае што ти е потребно и тоа во даден момент: несреќа или успех, искушение или пад. Ништо не се одвива случајно, и од сè што се случува може нешто да се научи; тоа веднаш да го сфатиш, бидејќи на тој начин расте довербата во Господ, Кого си одлучил да Го следиш.

Еве уште едно упатство кое ни го нудат светителите на нашето патешествие: потребно е себеси да се видиш како дете кое штотуку започнало да учи да ги изговара гласовите на буквите и кој ги прави првите, несигурни чекори. Целата мудрост на овој свет и сета вештина која ја поседуваш се безвредни во борбата која те очекува, како што е безвреден твојот социјален статус и целиот твој имот. Имотот кој не се користи за служење на Господ е товар, а знаењето кое не го привлекува срцето е бесплодно и заради тоа опасно, бидејќи е самоуверено. Таквото знаење се нарекува „голо“ знаење, бидејќи нема топлина и љубов. Затоа треба да го отфрлиш сето свое знаење и да станеш луд за да бидеш мудар, просјак за да бидеш богат, слаб за да бидеш силен.

Тито Колијандер
Превод: Александар Божиновски
Извор: Православен Пат бр. 31

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz