За талантите

Во еден од своите романи Достоевски пишува: “Убавината ќе го спаси светот”. Има ли вистина во ваквото тврдење кое, во најмала рака, делува како парафраза на некое древно пророштво? Убавината ќе го спаси светот! Но, ако само погледнеме на светот околу себе, во времево кое го живееме, мислата на прочуениот руски писател ни делува како раритет од витрината на слаткоречивиот философски утопизам. Или тој можеби зборува за некоја друга убавина, не онаа во која е облечен видливиот свет?

Највозвишената и најсовршената карактеристика на божествениот Домострој е тоа што Тој сé создаде неповторливо, уникатно и подобно на Својата неизглаголива убавина. Таа божествена убавина е причина и почеток на сé што постои, видливо и невидливо. Од перспективата на божествената креативност не постои поделба на внатрешна и надворешна убавина, на видлива и скриена убавина, некаков суштински или барем естетски дуализам, бидејќи Бог во сé проникнува со Својата благодатна енергија и сé исполнува со убавина.

Затоа, иако има толкав број луѓе што живеат насекаде во светов, толку многу човечки созданија поврзани со родот и со крвта, сепак не се роди двапати еден ист човек, ниту во исто време, ниту во било кое друго историско време, туку сите сме различни, сите обдарени со особена убавина, односно со особен божествен дар. Токму затоа и секој човек, бивајќи украсен со така неповторливи дарови, има различен и подеднакво уникатен однос кон Господ Исус Христос, како личност со Личност. Тој однос, како што и во евангелската парабола за талантите Самиот Господ вели, не се базира толку на тоа, во колкава мера човекот ќе биде украсен и колкаво количество дарови ќе му бидат дадени, со колку таланти ќе биде обврзан кон божествената родителска љубов, туку како тој украс, којшто Бог во почетокот на самото раѓање го вложил во човекот, ќе биде умножен и преумножен, т.е. дали тие дарови ќе бидат исползувани во слава Божја. Кому многу му се дава, од него многу и се бара, но од секого Бог очекува умножување на талантите, очекува креативен однос кон дарот според образот на Дарителот, зашто секој е даруван и без дар никој не ја видел светлината на животот.

Како добар Господар и Домаќин, како премудар Распоредител, како беспрекорен Домостроител, Господ на сите ни дава можност токму преку умножувањето на талантите да го стекне личното спасение и да го наследи Царството, како што и им вели и на верните слуги во параболата: “Влези во радоста на својот господар”. А, тоа значи и дека не сме повикани во овој живот само она што е Божјо да го сочуваме, туку и да го умножуваме. Тоа значи дека не треба само да се воздржуваме од правење на зло и од натрупување гревови, туку повикани сме за да направиме многу добрини и многукратно да ја умножиме убавината што ни е дарувана, или со други зборови: подеднакво сме виновни не само тогаш кога правиме зло, туку и кога не правиме ништо добро, оставајќи го јалово и неумножено на тој начин, она што Бог ни Го довери во мигот на нашето зачнување. Зашто, Бог Којшто е полн со милост, полн со љубов и добрина, сака и ние да бидеме исто толку милостиви, добри и исполнети со љубов, та така да се уподобиме на Неговата убавина, како што децата наликуваат на своите родители.

Приказната за талантите, како една од параболите за Царството Небесно, Го опишува Спасителот како човек домаќин што заминува на пат, оставајќи им го своето домаќинство на своите слуги: Он ќе постапи како човек, кој тргнувајќи на пат, ги повика слугите свои и им го предаде својот имот; и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден; секому според силата негова; и веднаш замина… Даровите што ни се дадени и што ја образуваат нашата неповторливост и особеност се во зависност, но и во функција на нашите можности и сили. Не постои дискриминација или неодмереност во распоредот на талантите. Не кај Оној Кој со Својата премудрост проникнува во нашето срце и ги знае и нашите најскриени нешта. Затоа и светиот апостол Павле, во своето послание до Римјаните вели: Ама ти, човеку, кој си, та спориш со Бога? Творението зар ќе му рече на својот мајстор: зошто си ме направил такво? Или, пак, грнчарот – нема ли право над глината, од едно и исто месиво да направи еден сад за честење, а друг за нечесна употреба? (Рим. 9, 20-21)

Под бремето на одговорноста, исплашени од големината на дарот или според логиката на полесните решенија и конформизмот, често луѓето се обидуваат да го игнорираат дарот на својата неповторливост и талантот со кој се сродени со Бога, отфрлајќи го благочестието на животот за кое се повикани од небитие во битие. Слично како и лукавиот слуга кој го закопал во земја талантот на својот Господар. Таков е родот на неверието. Причината за секое отстапништво и непослушание: Господаре, те знаев дека си жесток човек: жнееш, каде што не си сеел, и собираш, каде што не си веел; па се уплашив и отидов, та го сокрив твојот талант в земја; ете ти го твоето…

Но за она, односно оној што постои, што е жив, не е својствено ниту природно да сака нешто поинаку, да сака да не постои. Не е својствено за децата да не ги послушаат и да не ги почитуваат своите родители. Конечно, во тоа послушание и смиреност е почетокот на умножувањето на талантите на мудроста. Затоа и пророкот Исаија вели: Тешко му на оној, кој се расправа со Создателот свој! Црепче од земни садови со други такви парчиња! Ќе му каже ли глината на грнчарот: “што правиш” и твоето дело ќе каже ли за тебе: “тој нема раце?” Тешко му на оној, кој му вели на татка си: “зошто си ме создал на светов”, а на мајка си: “зошто си ме родила? (Иса. 45, 9-10)”

Сето она што го имаме сме го добиле на дар. Тоа не е користољубиво или суетно дарување. Тоа е основата на божествената педагогија, со која Тој, како наш небесен Родител, нé раководи по патот на животот. Со дарот на убавината, со дарот на мудроста и добрината Бог нé освестува за нашата уникалност и неповторливот. Во откровението на таа личносна особеност се учиме да Го љубиме Бога во секое Негово создание. Тоа е наука од живот и наука за животот. наука од љубов и наука за љубовта.

Не треба да се фалиме и превознесуваме со она, со што Бог нé украсил, ниту да го отфрламе и уништуваме дарот на животот, туку да благодариме со она, во што тие дарови се умножиле во нас и преку нас, а за слава на Бога. Амин!

Митрополит Методиј Златанов
(Извадок од зборникот со егзегетски беседи “Каскади“, издавачки центар ТРИ, Скопје, 2009.)

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz