За смртта

Колку повеќе стареам, толку повеќе ја забележувам непостојаноста и празноста на овоземните нешта. О, зошто залудно се вознемируваме? Нашиот живот е краток, тој е прашина, пепел и сон, и набрзо ќе ја вкусиме трулежноста. Денес си здрав, утре си болен. Денес се смееш, а веќе утре си потиштен. Денес од твоите очи се излеваат солзи од преобилна радост, а утре ќе излеваш солзи од жал и болка. Денес си материјално стабилен, а утре те погодува несреќа. Денес примаш добри вести, но наскоро ќе бидат заменети со лоши.

Икона

Залудно се вознемируваме. Животот е сенка и сон. Каде се нашите родители, роднини, дедовци? Сите во гроб отидоа. Сите скапаа и црвите ги изедоа. Гробот и скапување нè чекаат и нас!

О, смрт, горко е сеќавањето на тебе! Христос ни даде сила да станеме синови Божји, наоружувајќи нè со божественото оружје за борба со нашиот непомирлив непријател. Меѓутоа ние, а пред сè јас самиот, стануваме заробеници на овој непријател, затоа што го запоставуваме оружјето кое Христос ни го даде. Приближувајќи ѝ се на смртта, во агонија трепериме и се обидуваме на секој начин да го продолжиме животот, зашто душата ни се плаши да го напушти телото. Но, зошто се плаши од тоа? Зошто нема храброст, ако веќе е чедо Божјо? Или, можеби си оди кај некој непознат цар? Но, Тој цар е нејзиниот Творец, нејзиниот Спасител, Оној Кој ја излеа Својата крв за да ја избави од оној непријател! Зошто тогаш се плаши, и не е храбра?

Смртта е ладна по природа. „Тагува душата моја до смрт“, рекол Исус (Мт. 26,38). Да, смртта е ладна по природа. За жал, тој страв во најголема мера потекнува од совеста. Совеста не е во состојба да ја убеди душата дека живеела онака како што ѝ доликува.

Не се довела во ред себеси, не ја измила својата брачна облека, и се срами да излезе пред Царот, оти стравува каква ќе биде пресудата: да или не? Дали ќе биде спасена или не? Тешко на душата ако без исповед и потполно покајание си отиде, зашто тоа ќе биде оној тажен ден кој го наговестува пророкот Еремија (Ер. 17,17). Да се помолиме нашиот свет Бог да нè избави од тоа, давајќи ни совршено покајание, дела достојни на покајание, дела на милосрдие и љубов, и дух на покајание со вистинско смирение, за праведниот Судија да биде милостив кон нас и душата, охрабрена од надежта на милоста Божја во страшниот смртен час да рече: „Верувам дека Бог ќе се смилува на мојата ништожност“. Амин. Нека биде.

Старец Ефрем Филотејски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz