За половоста и целосноста

Создавањето на Ева

Кога бев дете, можеби затоа што почнав да одам на училиште, сите повозрасни луѓе ми изгледаа како полубогови, нешто налик на она што го говори Хомер, дека во старите времиња луѓето биле доста различни. Дека биле како џинови. А неодамна читав како некои духовни луѓе предвидуваат дека човекот кон крајот на времето ќе се смали. Но, се разбира, тука не станува збор само за човечкиот раст. Растот е само последица. Не мислам дека како дете ги идеализирав луѓето и светот, дека во нив гледав нешто што го нема, како што со ова раскажување не се обидувам да го прикажам детството како идеал, како состојба во која треба да се вратиме. Затоа што, наводно, не постои ништо посовршено. Детството, извесно, не е идеал, но поседува најмногу од тој идеал. А тука сретнав луѓе кои сега имаат многу повеќе отколку кога биле деца.

Мислам дека како дете не ги идеализирав луѓето, туку во нив го гледав единствено она најдоброто, она за кое, најверојатно, ни тие не беа свесни. Или уште поточно, она што тие еден ден ќе бидат.

Кога еден другар ми кажа дека помеѓу возрасните луѓе понекогаш доаѓа до одредени телесни врски, не сакав да му поверувам. Тоа ми изгледаше потполно неверојатно. Сметав дека со тоа луѓето се деградирани. Кога само ке ми дојдеше на ум таква мисла, чуствував сожалување кон возрасните. Ние како деца се вљубувавме, на еден неповторлив начин, со кој ништо потоа неможе да се споредува. [Ја разбирам разликата помеѓу заљубеноста и љубовта. Љубов е пред сè поднесување на туѓите недостатоци. Или барем само со овој поим ја одредуваме оваа смисла. Тоа во младоста ни недостасува. Но, зарем поднесувањето би имало смисла, зарем би било можно, зарем не би било безнадежно, кога не би имале непрестајно на ум дека недостатоците на ближниот се последица на неприродното, или пак и природната состојба во која човекот сега се наоѓа? Зарем, најпосле не постои ништо повозвишено од разумното принудување себеси и потсетување дека во другиот, сепак, има нешто повеќе од недостатоци? Зарем не постои гледање на она, натприродното, и зарем тоа гледање не може да се нарече вљубеност? Ако е така, тогаш потребно е повторно разгледување на овие поими. Неопходно е да се има занесот на заљубеноста и трпението на љубовта].

Но, никогаш не помислував дека освен оваа состојба, можеби е потребно да постои и било што друго, било што телесно, освен воглавно безопасни допири. Знам дека ова е голема тема. Не сакам да стекнеш впечаток дека го презирам телото. Како што е добро познато, ние не сме телоубијци, туку страстоубијци. Оние на кого не им е дадено, не треба да го запоставуваат телото во овој поглед. Затоа на брачните луѓе благословена им е телесната врска. Но, обично се смета дека таквата врска е погрешна само надвор од бракот. Меѓутоа, во одредени случаеви, и во бракот таквиот однос може да биде потполно погрешен. Како во сè [друго], така и овде, важно е со каква помисла нештото го правиме. Согледувајќи ја својата немоќ, човекот треба да најде мерка и со таа мерка да се труди во надминувањето на она природното телесно, за и телото да учествува во она натприродно. Кога телото не би имало вечно значење, кога не би било ништо повеќе од само една спротивност на душата, тогаш не би имало никаква смисла неговото преобразување.

Можеби повторно ќе ти пишувам на оваа тема. А сега би сакал уште нешто да кажам, за тоа какви можат да бидат последиците од тоа, кога оној во кој се вљубуваме, ќе почнеме да го гледаме од телесна гледна точка. Не велам дека тоа секогаш се случува, туку дека постои опасност. Имам впечаток, имено, дека тогаш ближниот почнуваме да го гледаме како предмет. Како било кој друг предмет по кого посегнуваме кога за него ке ни се јави потреба, сметајќи дека на тоа имаме неприкосновено право. Доволно е, ми се чини, да се случи тоа само еднаш, за да се случат коренити промени во нашиот однос према другиот. Ако не сме доволно внимателни, може да се случи да уништиме цел еден свет. Можеби истиот тој час тоа нема да го забележиме, но стварноста на тоа случување не е намалена. Го уништуваме оној чудесен свет во кој љубената личност за нас представувала едно неповторливо битие, речиси нестварно, поради која нестварност, или, подобро, надстварност, успевавме во надминувањето на оваа стварност.

Живеевме над законите од овој свет, свесни за тоа, плашејќи се дека е премногу убаво за да биде стварно. Но, несосмнено беше стварно. Но, сега сето тоа е исчезнато како привидение. Ја гледаме онаа иста личност, необично преобразена, од која исчезнала секоја трага на чудесното. Гледаме дека животот нè напушта, или она што го прави животот да постои. Сега знаеме, донекаде, што морале да искусат Адам и Ева, за да забележат дека се голи. Во нив повеќе не беше присутна силата која ги правеше слепи за фактот дека и пред падот беа без облека. Меѓутоа дури и да не се случи другата личност да ја гледаме како предмет, уверен сум, драг мој, дека промена повторно ќе се случи. Уште еднаш нагласувам дека тоа не на сите им е дадено. Знаејќи ја слабоста на телото, Апостолот благословува телесна врска, мислам, пред сè поради неразорување на бракот. А пред тоа кажува дека сака сите да се како него, безбрачни, или како да се безбрачни.

Ние се трудиме да живееме не само против природниот живот, туку и да ја надминеме природата во нас. Тоа не можеме да го направиме со сопствените сили. И најмногу што можеме да направиме, е само да увидиме дека не можеме да ја победиме природата со своите сили. Потоа ни преостанува да се трудиме колку што можеме и смирено да бараме помош. Малку се оние кои во овој поглед достигнуваат бестрастие, но ако не се трудиме, не ќе успееме ни барем малку него да го насетиме или искусиме. Огромна е разликата помеѓу тоа една личност да ја гледаме како природна и кон неа така и да се однесуваме, [од тоа] да ја гледаме како битие чие тело веќе учествува во тајната на Света Троица, битие кое има можност, дури и со ваквото тело, да се вознесе над херувимите и серафимите. На крај, сè ни е оставено на слободата и секој може да го бира она што повеќе му се допаѓа.

Од љубената личност, која ја гледавме како полубог, или потенцијален бог, која за нас беше непресушен извор на вдахновение и живот, животно вдахновение, чија длабочина не можевме до крај да ја истражиме, која непрестано нè освојуваше и фасцинираше со ново и различно, со која и најобичниот момент претставуваше богатство и чекање на вечноста, од таа личност правиме дводимензионално и до крај прегледно битие.

(извадок од: „Писма до младиот уметник новопридојдениот под закрилата на црквата“ – монах Ромило Хиландарец)

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz