За ненадејната смрт

kosturnica

Денес, кога науката и технологијата брзо се развиваат, кога културите се зближуваат и постои криза на вредностите, се избегнува самиот збор „смрт“ и сѐ што потсетува на смртта се игнорира и отфрла. Современиот човек на смртта гледа како на нешто негативно и како на загуба; најчесто, за оној што се упокоил велиме „Го загубивме“. Секој оној кој нема вистинско познание за овој проблем на смртта, се обидува неа да ја игнорира. И така, тој живее суштински невротичен живот, лишен од неговото вистинско значење.

Запирањето на срцевата активност и мозочната смрт – значи, биолошката/клиничката смрт – не е природна состојба за човекот, и не е состојба која прави Бог да биде задоволен. „Бог не ја создал смртта“ (Мудр. 1,13). Смртта ја нарушила човечката природа и делува како паразит. Смртта влегла во светот преку гревот на прародителите. Невозможно е злото да потекнува од Бога, зашто Бог е добар. Кога го создал човекот, [Бог] не го направил човекот смртен. Смртта се појавила откако гревот бил направен. „Во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш.” (1Мојс. 2,17). Навистина, апостол Павле вели: „Како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек“ (Рим. 5,22). Односно, смртта како последица на гревот на прародителите се вмести во човечката природа, а со тоа и во природата на сето создание.

Господ, преку Неговата неискажлива помисла, забранил човекот да го знае времето на настапување на неговата смрт. Според православното богословие, кога човек би знаел кога би умрел, тој не би престанал да греши, не грижејќи се за добродетелите. Самата даденост на непознавање на времето на смртта прави човекот да бдее и да се подготвува. „Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ“ (Мт. 24,42) односно, или при смртта, или при Неговото второ доаѓање.“

Сепак, ова не значи дека Господ се радува кога се случува ненадејна смрт.

+ + +

Ненадејната смрт за неверникот, атеистот и за оној кој не се кае, станува еден грд настан со ужасни последици, оти времето што Господ му го дал не било искористено. Тоа е посведочено со фактот дека тој не се каел и не живеел живот исполнет со Господа. Оттука, неговата заедница со Господа, неговото учество во вечните, божествени блаженства се ставени под знак прашалник после неговата смрт. Црквата, кога се моли Господ да нѐ заштити од ненадејна смрт, се моли токму за овие луѓе.

Од друга страна, на верникот кој се подвижува во еден вистински, православен духовен живот, не може да му наштети неочекуванат смрт, зашто тоа е неважно за него. Колку повисоко е неговото духовно ниво, толку помалку тој се плаши од смртта; би рекле дури и дека таквата особа попрво го посакува доаѓањето на смртта. Ова не значи дека тој го мрази овој живот, или пак, на телото гледа како на затвор од кој сака да биде ослободен, како што верувале философите – платонисти, туку затоа што христијанинот го љуби животот и посакува заедница со вистинскиот Живот, Кој е Самиот Христос. И затоа тој, заедно со апостол Павле исповеда: „Оти за мене живот е Христос, а смртта – придобивка. Ако, пак, живеењето мое во тело ми придонесува плод на делото, тоа што да сакам повеќе, не знам. Ме привлекува и едното и другото: сакам да умрам и да бидам со Христа, бидејќи тоа е многу подобро.“ (Фил. 1,21-23).

Старец Ефрем Ватопедски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz