За „некомпатибилните“ сопружници

vencanie

Еден маж дојде дојде до мојата келија, кажувајќи ми дека поради расправите со неговата жена станал многу депримиран. Но, за мене тоа не беше голем проблем. Тој се мрштел заради едно, жена му заради друго, па не можеле да бидат заедно. Во овој случај беше потребно мало „полирање“. На пример, видете ги необработените даски: една има клопче ваму, друга – таму, и ако сакаш да ги составиш, меѓу нив ќе има празен простор. Но, ако ги избрусиш и исполираш и двете даски, процепот меѓу нив нема да постои (старец Паисиј верувал, меѓу другото, дека сопружниците треба да имаат заеднички духовен раководител кој би се грижел за разрешување на ваквите расправи).

Некои мажи ми велат: „Не сме ‘компатибилни’, не сме усогласени, со жена ми, имаме целосно спротивни карактери! Зошто Бог прави да е вака чудно? Зар не може Тој да ги усогласи сопружниците, за нивните карактери да бидат слични, и да можат да живеат во духовен склад?“ Им велам: „Зарем не сфаќате дека Божјата согласност лежи во различните карактери? Различните карактери се усогласуваат меѓусебно. Бог да ве чува од тоа да бидете исти! Замисли што ќе се случи ако и двајцата сте лути: би ја уништиле куќата, станот! Или, ако и двајцата сте нежни и неактивни, и двајцата ќе заспиете еден врз друг! Ако и двајцата бидете скржави, ќе има согласност меѓу вас, но и двајцата ќе завршите во пеколот. Ако и двајцата, пак, сте растурикуќи, нема да го сочувате домот, а децата ќе завршат на улица“.

Ако еден човек е нервозен и се ожени со жена која, исто така, е нервозна, ќе бидат слични, нели? Но, ќе се убијат еден со друг за само еден ден!

Бог устроил така што нежниот и пофиниот сопружник може да му помогне на другиот; од кај знаеме, можеби и другиот би бил подобар кога би имало кој да му помогне?

Дури и малите разлики во карактерот можат да помогнат сопружниците да обликуваат складно семејство, зашто на тој начин тие се надополнуваат. Кога возиме, потребна ни е педала за гас за да се движиме, но и кочница, за да закочиме штом тоа е потребно. Ако имаше автомобили со само една педала – за кочница, автомобилот никогаш не би се придвижил. И обратно: сѐ да има во автомобилот, а да нема кочници, тогаш автомобилот нема да сопре никогаш.

Знаете ли што им реков еднаш на едни маж и жена? „Не сте еден за друг, зашто премногу сте слични еден на друг“. И двајцата беа пречувствителни. Нешто се случило, и двајцата си помислиле: „Оф, што ли нѐ задеси сега, кутрите нас?“ И двајцата си помогнале час поскоро да паднат во очај. Не можел ли тој, на пример, да ја смири неа велејќи ѝ: „Чекај, не е ништо страшно.“ Ова се случува во многу бракови.

Исто е и со воспитувањето на децата; кога родителите се со различни карактери, тие се поправаат меѓусебно. Едниот ќе рече „да му дадеме малку простор да здивне на детето“, и другиот (можеби неволно) ќе се согласи. Ако и двајцата се строги, ќе го изгубат детето. Но, ако и двајцата се прелиберални, повторно ќе го изгубат. Кога не се „компатибилни“, родителите успеваат да ги сочуваат децата во рамнотежа.

Св. Паисиј Светогорец

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz