За нашата неблагодарност

Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух.

Денешното Евангелие кое ја прекинува, да речеме, серијата на радосни читања, е многу застрашувачко: приказната за лозарите кои испаднаа предавници. И навистина, оваа парабола ја отсликува сета историја на човечкиот род, но во контекстот на сите претходно поминати евангелиски чтенија, ни ја кажува ужасната, во сето значење на тој збор, неблагодарност на човештвото, вклучувајќи нè и самите нас, кон Бога. Наспроти сета Негова љубов, сите Негови чуда, наспроти сè што Тој направи, ние остануваме крути и егоцентрични; мислиме само за себеси, не мислиме на нашите ближни, а уште помалку на Бога; неблагодарни сме, полни со себељубие, сконцентрирани на самите себе, на она што го сакаме, што го посакуваме, што ни изгледа потребно.

Денешното евангелско чтение ни кажува дека Бог создал еден прекрасен, убав свет, го оградил со Неговата моќ и Неговата промисла, сè создал да биде место на Божјото Царство, Царство на взаемна љубов, Царство на радоста. Но знаеме што ние, луѓето, направивме од овој свет: место во коешто луѓето се плашат да живеат, кадешто им крвопролевање, кадешто се извршуваат нечовечни, сурови дела, и тоа не само на светско, туку и на семејно ниво, на ниво на парохија, и меѓу блиски пријатели.

Од род во род Господ ни ги испраќа Своите гласници: патријарси, пророци, ангели, проповедници, Претечата; и конечно, Самиот Тој дојде за да нè потсети дека светот за љубов бил создаден. И, како што во параболата лозарите го изведоа синот од виноградот и го убија, така и човештвото се однесуваше кон воплотениот Син Божји. А, кога велам „човештво“, не зборувам за никој друг, туку за нас, затоа што животот ни е доверен за од него да направиме триумф на љубовта, братството, единството, верата и радоста, а ние не го правиме тоа, затоа што мислиме единствено на себеси. Како одговор на сè што Бог сторил за нас, (а тоа е – ) нè создаде, ни се откри Себеси, ја излеа сета Своја љубов врз нас, и конечно – ни го даде и животот и смртта на Својот Син, Му одговараме со само едно кратко „Благодарам“ и веднаш забораваме на сè.

Христос Лоза
„Јас Сум лозата, а вие сте прачките“

Потсетете се на сето она што го чувте за време на Постот, на она што го видовте во ноќта на Христовото Воскресение, на она што беше кажано во понатамошните недели од светителите, светителите на Русија, светителите на овие острови, од Евангелието на љубовта и човечноста. Размислете за сето ова и запрашајте се, „дали не сум и јас еден од лозарите, еден од оние кои Го одвраќаат Христа секој пат кога Тој ќе влезе во мојот живот? Зар не Му велам: тргни се од мојот пат, тргни се од мојот живот – јас сакам да бидам бог, господар, јас сакам со сè да владеам!“? Вака говори секој еден од нас, (можеби) не толку непристојно, не толку богохулно, туку преку делата, со расипани зборови.

Мора да се вразумиме. Многупати сум рекол дека се спасуваме затоа што Бог нè љуби; сепак, не единствено преку љубовта Божја, туку преку нашиот одоговор на таа љубов. Ако нашето желание е само да береме од плодовите на Крстот, на распетието, на страстните денови, и на Бога ништо да не Му вратиме, а на ближниот, за кого Бог пострада ништо да не му додадеме, освен за момент да помислиме на него, тогаш туѓи сме на сето она што Бог го направи за нас.

Затоа, да застанеме пред ова предупредување, овој потсетник во денешното чтение и да се соочиме со прашањето: „Каде е мојата благодарност? Дали го воплотувам не само во зборовите мои, кои и онака се ретки, туку и во делата?“ Да се осудиме себеси и да започнеме нов живот. Благодарноста кон Бога се состои во бивањето радост за Него, и поддршка за нашите ближни; спасение и радост. Да почнеме да ги береме плодовите на она што го научивме од Бога преку Христа денес.

Амин.

Митрополит Антониј Сурожски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz