За најлукавата страст

Архимандрит Маркел Павуј,
професор по аскетика на Киевската духовна академија

Како да не се предадеме, да не паднеме во депресија пред сè поголемите предизвици на денешницата, и нашата немоќност да им се спротивставиме?

Говорејќи со светоотечки јазик, депресијата се нарекува униние. Еден од облиците на униние е тагата. Тагата може да биде светла – плодоносна, корисна. Кога човек тагува поради своите гревови, своите грешки. Како последица на ваквата тага, се раѓа покајание. Но, постои и неразумна тага – кога човек е лишен од нешто (на пример, од некаква работна функција), или кога ги губи ближните. Тогаш претерано тагува и се грижи. На крај, доколку веднаш не ја пресече таа страст, следи нејзиниот хроничен облик – унинието, кога сиот свој живот човекот го гледа како товар: гледа само сивило, и ни капка радост, па дури и во тоа што порано го тешело: музиката, пријателите…

Униние

Тоа е многу опасна состојба. Пребивајќи во униние, човек може да направи многу глупости, честопати и непопоравливи.

И најстрашно е што оваа состојба ја пренесува и на другите. Сакајќи или не, едни од други примаме негативно влијание. И во близина на радосни луѓе, и самите стануваме весели оптимисти.

Важно е да се сфати ова, и да не ја чуваме страста во себе. Таа не делува единствено врз нашето расположение, туку и физички нè уништува одвнатре. Поради унинието настануваат секакви болести, а и односите со ближните ни се влошуваат. Освен тоа, кога човек е во униние, тешко дека се моли.

Значи, унинието е една од најлукавите страсти. Може да настапи без видливи причини. На пример, човек започнува да се ужаснува од едноличниот живот, и започнува да се оддава на секакви облици на разонода. Како последица, наместо на продуктивност, тој голем дел од времето го проши попусто. А тоа особено се забележува денес, кога е активно распространет интернетот, и на дофат на раката ни се безброј можности што тој ги нуди. Ако човек нема вера и страв Божји, тој не само што попусто ќе го троши времето, туку и на директен начин, без да сфати, ќе се уништи себеси посетувајќи нецеломудрени сајтови. Ако падне во оваа мрежа, човек треба да заборави на својот христијански призив, или на одговорноста пред Бога. Едноставно, тој може да се уништи.

Кои се знаците на првиот стадиум на униние? Апатичност, отсуство на животен интерес… Како да се приметат првите симптоми на оваа болест?

Обично, луѓето што се во униние велат: „Сè е црно, сè е попусто. Околу мене – само користољупци и лажговци“. Тоа се првите знаци. Да, можеби и св. пророк и псалмопевец Давид во псалмите вели дека сè е црно, дека не гледа праведници околу него, но тој така расудувал не од униние, туку затоа што бил допрен од Божјата сила, и таквата светлина му овозможила да го согледа несовршенството на луѓето околу него. Тој гледал „одозгора“, а ние се обидуваме на светот околу нас да гледаме „одоздола“, од кулата на нашата болест, на нашата душевна кратковидност.

Но, дали проблемот е само во нас ако навистина сè е црно? Дали човекот кој го има небото во своето срце на сè гледа поинаку, без облаци? Сепак, ќе се согласите дека во животот има многу непријатности, проблеми на работа, со децата… Тоа е причина човек да се растревожи.

Речиси никој во таква ситуација не може да остане сталожен. Но, важно е веднаш да собере сила, да се сконцентрира за да го преброди искушението.

Ама како?

Ние, христијаните, имаме најпроверено средство за сите проблеми. Молитвата. Дури и никако да не сакаме да се молиме, и да сме во крајна тага и униние, многу е важно да се присилиме на молитва.

Доволно ли е едно Господи помилуј, кога веќе на сме спремни на повеќе?

Секако. Освен тоа, ако човек сам не сака да се моли, барем нека ги замоли другите да се помолат за него. Тогаш, постепено, унинието ќе помине. Има една руска поговорка: „Молитвата и работата лечат сè“. Освен на молитва, треба да се присилиме и на некаква полезна работа. Унинието обично се засилува кога се денгуби. Не попусто св. Јован Лествичник ги изедначува унинието и мрзеливоста.

А што се случува за време на молитвата?

Додека се моли, човекот ја обновува изгубената врска со Изворот на животот – со Бога, Чија суштина е благодатта, љубовта и радоста. Тогаш, колкава тага и да нè нападне, па дури и да сме на смртна постела, верата и молитвата ќе ни помогнат не само да не ја изгубиме бодроста, ами и да се радуваме поради тагата.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz