За можноста за постоење на Православни Марсовци

Во шеесетите години од минатиот век, кон средината на Студената Војна, Руските и Американските политичари ги користеле истражувачките мисии до Месечината како знаци за докажување на својата надмоќ во поглед на непријателот. Во тоа време било актуелно и прашањето за постоење на вонземски живот. Ватикан ги повикал своите експерти да дадат мислење за можноста за постоење на вонземски живот, и неговите последици врз Римо-католичкото богословие. Директорот на Ватиканската Опсерваторија изјавил дека откривањето на можен вонземски живот би имало „многу философски и богословски импликации за Католиците“. Во 1965 година, тогаш младиот професор о. д-р Јован Романидис во “The Boston Globe” понудил свое гледиште во кое го изнел тоа што тој го сметал за православен одговор на ова прашање.

Сите планети се исти: Верски одговор на животот во вселената

Протојереј д-р Јован Д. Романидис

Не можам да замислам ниту еден начин на кој учењата на Православното Христијанско предание би биле погодени од откривањето на интелигентни битија на друга планета. Некои од моите колеги мислат дека дури и една дискусија за последиците од ваквата можност само по себе е губење време за сериозното богословие и се граничи со глупост.

Во искушение сум да се согласам со нив поради неколку причини.

Како што јас го разбирам проблемот, откривањето на интелигентен живот на друга планета би покренало прашања во однос на традиционалните Римо-католички и Протестантски учења во врска со создавањето, падот, човекот како икона Божја, искупувањето и непогрешливоста на Библијата.

Како прво, треба да се посочи дека за разлика од преданијата кои произлегуваат од Латинското Христијанство, Православното Христијанство* никогаш немало едно фундаменталистичко или буквалистичко разбирање на библиската вдахновеност и никогаш не подлегнало на [идејата за] непогрешливост на Библијата во однос на нештата поврзани со структурата на универзумот и животот во него. Во врска со ова некои современи обиди за демитологизирање на Библијата се интересни и понекогаш забавни.

Уште во првите векови на Христијанството, богословите од Православното Предание не верувале, како што тоа го правеле Латините, дека човештвото било создадено во состојба на совршенство од која подоцна паднало. Попрво, Православните секогаш верувале дека човекот бил создаден несовршен, или на ниско ниво на совршенство, со промисла за еволуирање кон повисоки нивоа на совршенство.

Оттука, падот на секој човек повлекува со себе еден неуспех во достигнувањето на совршенство, а не колективен пад од совршенството.

И духовната еволуција не завршува со една визија на статичко блаженство. Тоа е еден бесконечен процес што ќе продолжи дури и во вечноста.

Како и Јудеизмот, и Православното Христијанство не знаело за Латинското и Протестантско учење за првородниот грев како наследена адамова вина која целото човештво го става под гневот Божји, кој пак е наводно задоволен со смртта Христова.

Оттука еднодушноста на човечката раса во адамовата вина и потребата за задоволување на божествената правда со цел избегнување на пеколот се туѓи на Светите Отци. Ова значи дека на взаемната зависност и сплотеност на созданието и неговата потреба за искупување и совршенство се гледаат во друго светло.

Православните веруваат дека сето создание е одредено да ја сподели славата Божја. И осудените и прославените ќе бидат спасени.

Поинаку кажано, сите ќе ја видат несоздадената слава Божја, со таа разлика што за неправедните истата таа несоздадена слава Божја ќе биде вечен оган пеколен. Бог е светлина за оние кои се научиле да Го љубат, и оган што ги проголтува оние кои не Го љубат. Бог нема никаква утврдена намера да казнува. За оние кои соодветно не се подготвиле, гледањето на Бога е очистително искуство, но такво кое во вечноста не се движи кон повисоки степени на совршенство. Напротив, пеколот е една неподвижна состојба на совршенство на некој начин слична до платонистичко блаженство.

Православните никогаш во Библијата не гледаат трикатен универзум со пекол на создаден оган под земјата и небеса над ѕвездите. За Православните, откривањето на интелигентен живот на друга планета би го покренало прашањето за напреднатоста на овие битија во нивната љубов и подготвеност за божествена слава. Како и на оваа, така и на било која друга планета, фактот што постојат луѓе кои можеби не слушнале за Господ на Славата на Стариот и Новиот Завет не значи дека тие се автоматски осудени на пекол, исто како што оној кој верува во Христа не е автоматски одреден да биде вклучен во вечното движење на совршенство.

Важно е, исто така, на ум да имаме дека за Светите Отци на Црквата човечката душа е дел од материјалното создание, и иако е на повисок облик, по природа е смртна.

Единствено Бог е целосно нематеријален.

Животот по смртта не е последица на природата на човекот, туку на Божјата волја. Оттука, човекот не е, говорејќи строго, икона Божја. Само Господ на Славата, или Ангелот Господов од откровението на Стариот и Новиот Завет е икона Божја.

Човекот е создаден според ликот Божји, што значи дека тој е одреден да стане како Христа Кој е Воплотена Икона Божја. Затоа, можноста за интелигентните битија на друга планета да бидат икони Божји, како што се очекува и од луѓето на Земјата, од православна гледна точна не е ниту валидно прашање.

Конечно, би можело да се нагласи дека Православните Отци го отфрлиле платонистичкото верување во непроменливи архетипови, чија бледа копија би претставувал овој минлив свет.

Универзумот и формите во него се единствени и промената е во самата природа на созданието, а не последица на падот. Чекор понапред, категориите на промена, движење и историја им припаѓаат на вечните димензии од историјата на спасението и не треба да се отфрлат од еден вид на вечно блаженство.

И така, постоењето на интелигентен живот на друга планета, кој би бил далеку позади или пред нас од аспект на интелектуални и духовни дострели би сменило многу малку од традиционалните верувања на Православните Христијани.

* термините Грчко Православие, Грчко Предание, Грчки Отци и сл. кои авторот ги користи во текстот на англиски јазик се условени од јазичниот контекст; затоа преведувачот се реши да ги преведе соодветно на македонски: Православие, Предание, Свети Отци и сл.

Оставете коментар

1 Comment on "За можноста за постоење на Православни Марсовци"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Ova e eden neverojatno nevoobicaen tekst za aspektite na Pravoslavieto kako Ljubov Vecnost Svetlina Bog Obozuvanje a ne prosti crno.beli razbiranja za ako ne e Raj e pekol ako ne e Svetlina e temnina i sl. Visoko inteligentna razmisla na ovaa tema koja vo sushtina e prosto ednostav.o ubava i mnogu logichna

wpDiscuz