За монаштвото

Во првите години од постоењето на Црквата, во раното христијанство, постоел комунистички систем на живееење. Оној кој има малку ум и седне да ги чита Делата апостолски, може јасно да види дека ним [на раните христијани] сè им било заедничко. Оној кој сакал да се покрсти, требал да го предаде она што сакал [да го предаде] во заедничката благајна на парохијата. Никој немал приватна сопственост, туку сè било заедничко. Тука е и приказната за Ананиј, кој заедно со својата жена изговорил лага во врска со имотот, и умрел на истото место.

Многумина, се чини, нагласуваат дека ваквата состојба постоела само во апостолската парохија. Меѓутоа, светиот маченик Јустин Философ им се обраќа на идолопоклониците, велејќи им „нам, христијаните, сè ни е заедничко“ (Прва Апологија, 14). Доколку замеме в предвид дека свети Јустин се упокоил при крајот на вториот век после Христа, и дека тој не познавал ниту една христијанска парохија во која христијаните немале сè заедничко, тоа значи дека овој систем на заедничка сопственост бил на сила најмалку двесте години.

Монашење, фреска

Како што порано нагласивме [во претходните предавања], апостолскиот начин на живеење се нарекува монаштво. Овој киновиски начин на живеење, секогаш заеднички, се одржал низ текот на вековите во православното монаштво. Но, за да биде остварливо ваквото православно монаштво, потребно е прво кај човекот да предизвика внатрешна промена – промена во сфаќањето на животот, која се изразува преку покајанието.

А дека најпрво е потребна внатрешна потреба кај човекот, за да биде во состојба да го прифати киновискиот начин на живеење, односно кај комунистите, комунистичкиот начин на живеење, се согласуваат и Маркс и Лењин. На тој начин, од социолошка гледна точка, односно од гледна точка на надворешното општествено уредување, не постои разлика меѓу комунизмот и православното киновиско монаштво. Исто така, и во двата случаи потребна е внатрешна промена на човекот. И Отците велат дека е така. Во Црквата она што ја дава силата за ваквата промена на човекот е Светото Крштение.
Јадрото, пак, на православното монаштво кое го одржувало низ вековите е подвижничкиот стремеж. За човекот да ја постигне промената која Отците ја нарекуваат добро менување, и за истата да се преточи во дело, тие [Отците] велат дека на човекот му е потребен подвижнички стремеж. Токму затоа во монаштвото постојат воздржанието, нестекнувањето, постот и молитвата.

Ова, според мислењето на Отците, не важи само за безбрачниците, туку и за оние кои стапиле во брак. Треба да се нагласи дека еден од најголемите подвижници и писатели бил оженет епископ, (Свети Григориј Нисски, братот на Свети Василиј Велики), и тој напишал една многу убава книга „За девственоста“. Многумина сметаат дека девственоста се однесува само на биолошката девственост. Но ова не е во духот на Отците. Имено, кога тие зборуваат за воздржание и пост, тие се обраќаат и кон брачните [верници]. Подвижничкиот труд во Православната Црква се однесува на сите христијани, како за безбрачните, така и за брачните.

Успехот на подвижничките напори, историски најчесто се поврзува со подвижниците и монашките центри во Црквата. Во минатото манастири немало само во пустинските предели, туку и во градовите. Самиот Константинопол бил исполнет со манастири, и затоа бил наречен Големиот Манастир.

Денес многумина посакуваат да ги исфрлат манастирите од градовите и да ги оддалечат во планините, за да не го вознемируваат народот и неоелинизмот кој секогаш сакал да ѝ угодува на граѓанската опција. За оваа опција да победи, да ја порази подвижничката заедница и да ги поддржи боржуите, нешто што се случило во американското и европското општество, било потребно градот да биде исчистен од монаштвото, кое за неа [за граѓанската опција] претставува опасност.

Отец Јован Романидес

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz