За мноштвото лажни учители

За неотстапната доследност во учењето на Светите Отци и за исчезнувањето на наставниците на побожноста

Зашто преку срцето се верува за праведност“, вистина рекол Апостолот, „а преку устата се исповедува за спасение“: Праведноста треба да се исповеда усно, дури и тогаш кога е можно и преку самите дела. Праведноста исповедана преку зборови и дела се остварува и станува човечка карактеристика. И затоа што таа е суштествена, постанува верен влог за спасение.

Вие сте се увериле дека, единствениот непогрешив пат кон спасението е неотстапната доследност во учењето на Светите Отци, преку решително избегнување на секакво друго учење од страна, пропратено со свои сопствени сфаќања, сè додека разумот не се исцели од својата телесна и душевна немоќ и не стане духовен.

Признавајќи ја преку умот и срцето таа праведност, исповедајте ја усно, дајте ветување пред Бога дека ќе се раководите според учењето на Светите Отци, отргнувајќи се од секое друго учење кое само по себе не е посведочено од Светиот Дух, кое не е прифатено од Светата Источна Црква. Исповедувајќи ја Божјата праведност усно, исповедајте ја преку дела и давајќи ветување, исполнувајте го.

Немојте да се уплашите од тоа ветување, истото е задолжено да го даде секое православно чедо на Црквата и секој духовен отец при вршењето на Тајната покајание и исповест, должен е од своето духовно чедо тоа да го побара. Најпрвин помеѓу прашањата кои се одредени да бидат поставени на оној кој се исповеда, како почетни треба да се вбројат следните:

Кажи ми чедо, дали веруваш во она кое нам ни се предава во верата и во Вистината, во која нè учи Православната, соборна и апостолска Црква, која од Истокот настанала и израснала и од Истокот се раширила по целата вселена, во која до сега во вистината неизменливо и непоколебливо опстојува? Да не се сомневаш во Светото предание? Кажи ми чедо да не си бил еретик – отстапник? Дали си се дружел со нив или си ги посетувал нивните идолопоклоништа, си ги слушал ли нивните поуки или си ги читал нивните книги?

Читањето на еретичките книги и слушањето на нивните поуки е тежок грев против верата, грев против умот, кој боледува од гордоста и кој поради тоа го отфрлил јаремот на послушноста кон Црквата, кој има безумна и гревовна слобода. А сега, тој грев повеќе не го сметаат за грев и си дозволуваат непробирливо да ги читаат сите можни еретички писатели. Против таквите Црквата згрмела со анатема, но заслепените грешници не ги слушаат црковните громогласија или ги минимизираат до степен, да го исмејат гласот на Црквата кој, предупредува на погибел и нејзиниот суд и определување неразумно да го наречат ограничување и варварство. Мноштво еретички книги се преведени на руски јазик, а на една од нив покрај сите светоотечки дела, ѝ даваат предност веднаш по книгите на Светото писмо. Претерана и неверојатна безобзирност изразена во јавниот печат.

Вистинските христијани од сите времиња со сиот можен труд се чувале од смртоносниот еретички отров и другите лажни учења. Тие неотстапно се придржувале до догматското и моралното предание на Црквата. Не само што Православно верувале во Бог Пресвета Троица, туку и својот живот и своите подвизи и постапки ги раководеле според Светото Предание. Посебна карактеристика на сите свети отци било, непоколебливото раководење според црковното морално предание.

Тие наложиле за вистински духовен наставник да се смета само оној кој, доследно се придржува кон учењето на Отците на Источната црква и преку нивните дела и списи го посведочува и запечатува своето учење. А оној кој, мисли да ги раководи ближните според земското мудрување, врз основа на паднатиот разум, без оглед колку и да е блескав, самиот себе си се наоѓа во самоизмама и кон тоа ги води своите следбеници. Светите Отци одлучиле дека обврзано правило за оној кој сака да се спаси, е следењето на моралното црковно предание. Поради тоа, тие му наложуваат на оној кој сака да живее побожно и богоподобно, да се раководи од поуките на вистински учител или да се управува според светоотечките списи, кои одговараат на индивидуалниот начин на живот.

Осум столетија по Христовото Рождество, светите црковни писатели почнале да негодуваат поради недостатокот на духовни наставници и на појавата на мноштво лажни учители. Тие заповедале поради недостатокот на учители, верните да се посветуваат кон читање на светоотечките списи и да се одалечуваат од читањето на книги, кои се создадени вон закрилата на Православната црква. Колку повеќе одминувало времето од појавувањето на Божествената светлина на земјата, толку сè повеќе се чувствувал недостатокот од вистински свети наставници, со што растело мноштвото на лажните учители, кои од времето на откривањето на печатењето на книгите, со своите лажни дела ја преплавиле земјата како потоп, како горчливи апокалиптични води, од кои загинале многумина во душевна смрт.

„И ќе се појават многу лажни пророци“ предблаговестил Господ, „и ќе излажат многумина. И затоа што ќе се намножи безаконието, ќе се олади љубовта на многумина“. Ова пророштво се исполнило: неговата потполност е пред нашите очи. Има уште едно друго Господово претскажување за белегот на времето, во кое ќе се случи Неговото второ доаѓање на земјата.

„Синот човечки“ рекол Господ укажувајќи на идната судбина на верата; „кога ќе дојде, дали ќе пронајде вера на земјата?“ Тогаш на неа ќе господари лажно наречениот разум, премудроста човечка, непријателска кон верата и Бога. Што значи иночката добродетел – послушноста? Таа е сведоштво дека човечкиот разум паднал и затоа нејзиното отфрлување претставува лудост во верата. Од верата е послушноста, од послушноста – смирението, од смирението – духовниот разум, преку кој се потврдува верата. Иночката послушност би процветала во изобилството на духовните наставници. Со нивниот недостаток, исчезнал големиот подвиг на послушание, кој пак брзо ги изведува послушниците кон светоста: верата од која се состои суштината на тие подвизи, настојува нејзините субјекти да бидат вистински и духовни: тогаш таа приведува кон Бога. Верата во човекот доведува до духовен фанатизам.

Раководството според списите на светите отци предводи бавно, зашто на тој пат има мноштво искушенија: книгата напишана на хартија, не може да ја замени живата човечка книга.

Умот и срцето претставуваат чудесна книга; која е напишана од Светиот Дух и која од себе го блеснува животот и само на оние кои со вера ја слушаат им се предава тој живот. Но раководството според светоотечките списи станало единствено можно раководство, кон спасението по целосното исчезнување на наставниците. Кој ќе му се потчини, тој ќе може да биде спасен. Кој ќе биде заведен од сопствените сваќања или од учењето на лажните учители, треба да се смета за изгубен.

Познавајќи го патот кон спасението, немојте да се двоумите да појдете по него. Склучете блажен завет – сојуз со светата Вистина и во вашата душа одлучете, целиот ваш живот да биде верна Вистина. Од таа добра намера во вашите срца ќе се излее леснотија, радост и сила – кои ќе посведочат дека светата Вистина е прифатена.

Со срцето се верува за праведност, зашто таа е вистина, а со устата се исповеда за спасение.

Свети Игнатиј Брјанчанинов
Извор: „Православен Пат“ бр.28, СПЕ

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz