За мајчинството

Мајчинството не е само улога што жената помалку или повеќе успешно ја игра во текот на својот живот, туку однос кој значи остварување како на самата неа, така и на новото битие кое преку неа, од моментот на раѓање, започнува да го поима светот околу себе и се стекнува со првите претстави за постоењето на другиот. Мајчиното лице од првиот момент постанува лице во кое детето се угледува, и доколку би го претставиле портретот на една личност, татковското присуство би било позадината и поставата, а мајчинското би ги дало сите оние многубројни светла и сенки, оние најфини потези со четкичката, кои на ликот му го даваат трајниот израз преку кој можеме да ја согледаме убавината на човечката душа.

Кога во своето послание говори за Светата Тајна брак, светиот апостол Петар, обраќајќи се кон жената, вели дека „украсот на жената е во нераспадливоста на кроткиот и тивкиот дух, што пред Бога е бесценето“ (1 Петр. 3,4). Мајката е онаа животна тишина што им дава сигурност на зборовите, мислите и чувствата. Во животот на своето семејство, таа е изворот на соборност и онаа која ја засновува заедницата, бидејќи како квачка сите ги собира, прибира и прегрнува во себе и околу себе. Преку оваа карактеристика таа ги дава основните насоки кон целовитост на детското битие.

Икона на Божјата љубов кон човекот во овој свет е мајчинската љубов. Таа не бара свое, таа ја живее жртвата и нејзе ѝ се радува, во целост е завртена кон детето кое го љуби, сораспнувајќи се со неговите страдања и длабоко доживувајќи ги неговите радости. Уште повеќе, нејзината љубов оди до самозаборав: свети Максим Исповедник ни дал прекрасен пример за мајчинската љубов, велејќи дека мајката чиешто дете се дави инстинктивно се фрла во водата за да го спаси, притоа немислејќи ниту за момент дали водата е ладна, дури ни дали таа самата знае да плива. Таква е љубовта која не знае за себичност, љубовта која во целост претставува живеење за другиот. Тоа е всадено во самото битие на жената, па дури и тогаш кога таа не е мајка во биолошки смисол, таа во себе би требало да го гаи она што е мајчинско: да биде онаа којашто бдее и внимава, онаа којашто прегрнува и утешува, онаа којашто простува и нежно љуби, онаа којашто нѐ следи и поддржува. За разлика од бесловесните животни, кои тагуваат кратко, а потоа продолжуваат со животот, губитокот на своето чедо врз мајката остава неизбришлив траг.

Чувствувајќи ја и живеејќи во оваа љубов, децата во присуство на мајката ја покажуваат сета своја личност. На никое друго место и во никое друго време како во нејзино присуство, детето не е слободно да биде токму она што всушност е. Бидејќи сите маски и игри на глумење се израз на свесната или несвесна потреба да се биде сакан и прифатен од една, или стравот да се биде отфрлен од друга страна, во присуство на мајката, чијашто љубов никогаш и поради ништо не е доведена во прашање, маските паѓаат. Бивајќи крв од нејзината крв и месо од нејзиното месо, детето – без разлика дали е мало дете, или возрасен човек, живее и бива оживувано токму преку неодрекливиот идентитет на таа љубов.

Мајката безрезервно љуби. Љубовта кон детето е нејзин начин на постоење. Таа простува без задржување – сѐ друго за неа би било предавство. Најскриените жалости на детето, па дури и првите знаци на овие жалости во неа будат немир – ги чувствува со срцето кое неповратно го дарувала. Мајката до крај љуби слободно: слободна од себеси, преку таа и со таа љубов таа ги ослободува и оние кои ги љуби. Црквата Христова, која и самата ги пројавува сите овие карактеристики со право ја нарекуваме Мајка. Со своето присуство, таа ги штити и храни, и под својата закрила ги прима сите оние кои притекнуваат кон неа, и сите ги гледа како свои деца. Како што Црквата, која е Самиот Христос, со своето Тело и Крв ги храни своите деца, така и мајката, доејќи го детето на своите гради, го храни со своето тело и крв. Оти, во тоа бело мајчинско млеко (сместени) се и телото и крвта нејзини. Тоа е велика и неискажлива тајна на љубовта која е залог и за двете страни: и мајката внесува љубов во детето, и детето внесува љубов во мајката. Врската со мајката е несомнено една од најдлабоките врски што човекот ги остварува во овоземниот живот, и таа трајно, надминувајќи ги границите на животот и смртта, ги поврзува овие две битија низ чувството на единство. Мајката го познава детето како што и самата себе се познава: својот здив, својата мисла, својот глас, својот вид.

Мајката би требало да биде наш пат кон таткото – по примерот на Мајката Црква без која не постои нашето восиновување на Отецот Небесен. Токму таа во децата го гради и штити авторитетот на таткото, врз што почива семејството. Знаејќи дека нашите овоземни односи се слика на една повисока духовна стварност, Светите Отци за семејството говореле како за икона на Црквата.

Пример за мајчинство на секоја жена би требало да биде самата Пресвета Богородица, чија личност претставува највозвишена пофалба и славословие на мајчинството. Ова е особено важно, за на прав начин да се сфати очигледната поврзаност на мајчинството со материјалниот свет. Во самата природа на мајчинскиот однос е всадена грижата за умножување, растење, јакнење и телесно сочувување на детето, но оваа грижа во ликот на Пресвета Богородица е осмислена, облагодатена и преобразена преку верата. Во Неа и со Неа, грижата станува она што треба да биде: радосна и радостотворна грижа за осветување и преображение на телото и материјата воопшто, т.е. грижа за обновување и преосмислување на животот од смртен во бесмртен, од времен во вонвремен. Девојката која својата девственост ја чува и посветува на Бога преку монашкиот позив станува, според зборовите на Апостолот, свештен сад на Божјата благодат. Но, и брачната жена во себе носи еден свештен позив, зашто низ мајчинството ја обавува великата и света служба на грижење за децата и нивното воспитување во духот на верата и Црковното Предание.

Мајките на Светите и самите биле свети, и неретко токму тие, преку нивниот пример претставувале нивно вдахновение. Како прв и најважен учител на своето дете, мајката станува и останува нераскинлива врска со светот што го окружува, пред сѐ преку благословот на Сесветата Троица, Која преку неа го благословува секое новороденче на земјата. Зашто, секогаш кога се раѓа нов човек на земјата, Бог ја исповеда својата вера во човекот. А за тоа Му е потребно она мајчинско „ДА“, нејзината волја и желба за раѓање, налик на она „ДА“ на Богородица.

Мајката љуби на начин што е образец на самото љубење и икона на онаа чудесна љубов пред која паѓа логиката на историскиот свет, љубовта која љуби без при тоа да сака нешто свое. Како што птицата радосно пее поради изобилството на радост во себе, не затоа што ѝ е потребно, туку со своето пеење сака да ги усреќи другите, сѐ околу неа да биде радост. Ние честопати говориме за љубовта, се колнеме во неа и мислиме дека знаеме што е љубовта, но доколку само за момент ја споредиме нашата љубов со мајчинската, ќе видиме дека нашата љубов е само едно самопотврдувачко и самозадоволно, вешто прикриено самољубие.

Најубавите и натопли зборови на секој јазик, највештите и најдлабоки движења на едно срце се упатени кон мајката. Таа е милост и надеж, благост и топлина, утеха и прибежиште, радост и простување. Во моментите на најтешко страдање, срцето знае само за два крика: „Боже мој“, и „Мајко моја“. И затоа мајчинството е неискажлив дар на милоста и љубовта Божја, а секоја жен е повикана на овој дар да одговори со дарување, т.е. со раѓање, воспитување и одгојување на детето во љубовта и нежноста на мајчинското битие.

г. Григориј, епископ Захумско-херцеговски и Приморски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz