За кого е наградата?

Кој ве прима вас, Ме прима Мене, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што ме пратил. Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда, и кој прима праведник во праведничко име, ќе добие праведничка награда. И кој напои еден од овие мали само со чаша студена вода како Мој ученик, вистина ви велам, нема да ја загуби својата награда.

Матеј 10, 40-42

Во последниве времиња ужасно се променила климава. Таму надвор е ладно, но уште пострашно е што студот навлегол и тука, длабоко во мене и си се населил онака удобно како да јас ја посакувам неговата мрзнина. Со ниту еден метод пласиран низ медиумите не успеав да го отерам, ниту да ја променам температурата на која влијаеше. Се сетив на едни стари поуки од една книга, сега доведена до прашлива состојба на негрижа, и застанав пред влезната врата. Чекав Некој да тропне.

Многу често сум го слушал тој звук на портата, но не сум му обрнувал внимание заглушен од ѕвекотот на светот. Сега, на почетен стадиум од знаењето кога осознаваш што сè си можел да знаеш со малку потрпелив слух, си стоев потпрен на сеќавањата и надежите, и си чекав. Ако дојде Апостолот ќе го примам. Тој го видел Јагнето, зборувал и се откажал од Него, му ги ставил прстите во дупките од раните Негови, се обидел да оди по вода, ги оставил мртвите да ги закопуваат своите мртви и го понел својот крст по Него. Тој ја знае вистината, патот и пречките до неа. Има тажни очи по непроспиените мисли за неисполнетите ветувања, но и цврст поглед кон визијата на сеприфатната љубов. Кога го примам поблиску сум до Исус. Храмот телесен веќе се подисчистил за достоен пречек на Светлината. А, ако сум го примил Него, ќе дојде и Таткото Кој ќе ги возљуби покажаните од Синот.

На портата може да се појави и Пророкот. Тој ја знае иднината, нов понапреден стадиум на вистината, нејзина колоритност во магла и највисока верба дека ќе се исполни. Ќе ми раскажува за Небото, мирисот на Дрвото на животот и пареата на ужасот од огненото езеро. Ќе го прашувам за потопот, дали да пронајдам повторно животни од сите родови и полови или тоа да го направам и во човечката заедница. Ако имам сомневања ќе го замолам да ги отфрли од највисоката планина и го запечати во мене Словото кое е непроменливо. Која награда може да ја очекувам? Можеби поглед кон сцената на Судот кога е донесена одлуката за помилување на отпаднатиот јас.

На портата може да се појави и Праведникот. Облечен во бело, со ниту една дамка валканица ќе внесе многу блесок во куќата. Сите дела негови се завршени со трпение. Навредите ги претворил во радост за љубовта кон Јагнето, а понижувањата без тага по загубената гордост. На неговата терезија нема простор за суд и греда, зошто знае дека и скоро невидливата раска упорно го мачи. Ќе го обеспокојам со прашањата зошто сум толку несреќен наспроти мојата побожност, а тој наместо одговор ќе раскажува за чудните патишта Божји и светлината на крајот од патот како антипод на човечкото толкување на тагата. Која награда може да ја очекувам? Можеби надеж дека казаните со катран и вжештена смола ќе останат засекогаш без моето присуство само заради надежта дека многу од отпаднатите ќе биде оправдани.

На портата може да се појави и ученикот Негов, еден од сите оние мали. Лесно е да го напоиш вода, но кога ќе ги погледнеш неговите очи! Тој поглед толку мил и кроток, но полн со прекор за мојот живот. Не со осуда, нема ниту грам веќе донесена одлука за она што се нарекува заблуда во постоењето, туку строгост за слабостите, за слепост кон искушенијата и за небудност кон стапиците кои се толку проѕирни. Ќе му ја подадам чашата вода и со поглед кон земјата ќе го сослушам она што растура, па собира. Ќе го прифатам како свое и ќе ја очекувам наградата. Нема да ја загубам верата во уште еден повик, кој можеби е последниот…

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz