За исусовата молитва

Кој не ја познава светогорската молитва? Сочинета е од една мала фраза, од одмерени зборови.

„Господи Исусе Христе, помилуј ме, мене грешниот.“

Со гласниот повик „Господи“, Го славиме Бога, Неговото славно величество, Царот Израилев, Создателот на видливото и невидливото создание, пред Кого треперат Серафимите и Херувимите.

Со слаткото призивање и повикување „Исусе“, сведочиме дека Христос е присутен, дека е наш Спасител, и Му благодариме што нè приготвува за вечен живот.

Со третиот збор, „Христе“, богословски исповедаме дека Христос е Син Божји и Бог. Не нè спасува човек, ниту ангел, туку Исус Христос, вистинскиот Бог.

Потоа следи искрената прозба „помилуј ме“, и ние со благоговејност молиме Богa милостиво да ги услиши нашите молби за спасение, желбите и потребите на нашите срца.

Тоа „мене“, колку е тоа големо! Не се работи само за мене, туку за секој еден граѓанин на државата Христова, Светата Црква; тоа ги вклучува сите членови на телото на Женихот.

И конечно, за нашата молитва да биде жива, ја завршуваме со зборот „грешниот“, исповедувајќи – бидејќи сите сме грешници – како што и сите Светии исповедале, и на тој начин станале синови на светлината и денот.

На овој начин, сфаќаме дека оваа молитва вклучува славословење, благодарење, богословење, молење и исповедање.

Старец Емилијан Симонопетриски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz