За исповедта, за верата во Бога…

Нам многу работи ни се измешани во глава, па затоа ни се чини дека кога човек не може да не греши, треба речиси секој ден да се исповеда.

Честата исповед е полезна во одредена етапа од животот, особено за оној кој ги прави првите чекори во верата, оној кој штотуку го пречекорил црковниот праг, и за кој се открива сосема непознатото пространство на новиот живот. Тој не знае како правилно да се моли, како да гради односи со своите ближни, и како воопшто да се ориентира во тој негов нов живот, па затоа цело време греши, цело време му се чини (а и не само нему) дека прави нешто што не треба.

Честата исповед е за оние кои ние ги нарекуваме неофити – многу важна и сериозна етапа во запознавањето на Црквата, во разбирање на основите на духовниот живот. Таквите луѓе влегуваат во црковниот живот преку исповед, преку разговор со свештеник. Каде можеш така интимно да поразговараш со свештеник, ако не на исповед? Генерално, токму тука започнува нивниот опит во разбирање на сопствените грешки, во разбирање како да градат односи со другите луѓе и како со самите себе.

Главно, тие тука го добиваат нивниот прв и основен христијански опит во разбирање на нивните грешки, во разбирање како да градат односи со другите луѓе и како со самите себе. Таквата исповед повеќе претставува духовен исповеден разговор, одошто покајание за гревовите. Катихетска исповед – може да се каже.

Но, со тек на време, кога човек почнува повеќе да разбира, кога повеќе знае, кога веќе присобрал некаков опит преку пробите и грешки, честата и подробна исповед може да стане пречка за него. Не задолжително за сите; некој сосема нормално се чувствува при честа исповед. Но, за некого може да стане токму препрека, затоа што човек одеднаш може вака да си помисли: ако јас цело време живеам, значи јас цело време грешам. Ако јас цело време грешам, значи треба цело време да се исповедам. Ако не се исповедам, како со гревовите ќе се причестам? Тука се јавува, така да кажам, еден синдром на недоверба во Бога, кога човек си мисли дека поради тоа што ги исповедал гревовите се удостоил да ги прима Телото и Крвта Христови.

Тоа воопшто не е така, се разбира. Скрушениот дух со кој ние приоѓаме кон причестувањето со Светите Христови Тајни, не ја заменува нашата исповед. А исповедта не го заменува скрушениот дух.

Станува збор за тоа дека, човек не може да се исповеда на начин на којшто ќе ги изложи сите свои гревови. Невозможно е, па макар и напишал книга со сите можни наброени гревови и застранувања кои постојат само на земјата. Тоа нема да биде исповед. Тоа ќе биде само еден формален акт на недоверба во Бога, што самото по себе, се разбира не е многу добро.

Најстрашна духовна болест

Се случува, луѓето одвечер да појдат на исповед, за утрото да појдат да се причестат. И таму – ах! – пред самиот Путир ќе се сетат: „Заборавив тој грев да го исповедам!“ – и дури и од редицата за причест ќе истрчаат кон свештеникот, кој сѐ уште продолжува да исповеда, само за да му го кажат она што вчера заборавиле да му го кажат. Тоа е таква трагедија!

Или пак одеднаш ќе почнат пред Путирот да брборат: „Оче, заборавив ова да ти кажам, и ова, и ова“. Со што пристапува човек кон причест? Со љубов или недоверба? Кога човек Го знае Бога и кога Му верува на Бога, тогаш тој знае дека Бог дошол во овој свет за да ги спаси грешниците. „Од кои првиот сум јас“ – вели свештеникот, а и секој еден од нас, кога оди на исповед. Со Светите Христови Тајни не се причестуваат праведните, туку грешните, од коишто секој еден кој приоѓа кон Чашата е прв, затоа што е грешен. Значи, тој оди да се причести носејќи ги своите гревови со себе.

Тој се кае за тие гревови, жали за нив. Тоа жалење, таа скрушеност е она најважното кое му дава на човекот можност да се причести со Светите Христови Тајни. А нема полошо и пострашно нешто од тоа човек да се исповеда пред да се причести и да почувствува дека достојно се причестува, дека правилно ги разбира Светите Христови Таинства.

Кога еднаш човек ќе се почувствува достојно, кога еднаш веќе ќе почувствува дека има право да се причести, тогаш настапува најстрашната духовна болест, која може да го нападне само христијаните. Затоа, во многу земји причестувањето и исповедта не се зависни една од друга. Исповедта се случува во свое време и на свое место, причестувањето се случува за време на Божествената Литургија.

Затоа, оние кои се исповедале да речеме пред недела, две, три, а чија совест е мирна, чии односи со ближните се добри, и чија совест не ги разобличува за некакви гревови, кои знаат страшно и непријатно да тежат на душата, можат скрушено да приоѓаат кон Чашата… Се разбира, секој еден од нас многу е грешен; секој е несовршен. И знаеме дека без помошта Божја, без милоста Божја ние нема да се подобриме.

Зошто е потребно да ги набројуваме гревовите кои Бог и онака ги знае за нас? Зошто да го повторуваме она кое и онака е јасно? Јас се каам за тоа што сум горд човек, но не можам за тоа да се каам секои 15 минути, и покрај тоа што секоја минута јас сум таков горделивец. Кога приоѓам на исповед искрено се каам за тој грев, но заминувајќи од исповедта разбирам дека не сум посмирен, дека не сум го искоренил тој грев до крај.

Затоа, бесмислено би било на секои 5 минути да доаѓам кај свештеникот и да зборувам: „Јас сум грешен, грешен, грешен“.

Mоја работа е да се трудам околу мојот грев. Мојот грев постојано ме самоукорува, и треба секојдневно да внимавам на тоа што ќе Му принесам на Бога на исповед. Но, не можам на Бога секој пат да Му зборувам за тоа; Он и онака тоа го знае. Ќе го кажам тоа следниот пат, кога тој грев одново ќе ме прегази и одново ќе ми ја покаже мојата ништожност и сета моја оддалеченост од Бога. Јас уште искрено се каам за овој грев, но сè додека знам дека јас сум заразен со тој грев, сè додека овој грев не ме принуди да се отргнам од Бога до таа мера да ја почувствувам силината на тоа оддалечувње, тогаш тој грев можеби и не е предмет на мојата постојана исповед, но треба да биде предмет на мојата постојана борба.

Тоа се однесува и на секојдневните гревови. Да речеме, многу е тешко човек да помине еден ден без некого да осуди. Или да помине еден ден, без да изусти макар еден одвишен, празен збор. Тоа што ние овие гревови постојано ќе ги кажуваме на исповед, ништо нема да промени. Наместо секоја вечер пред да одиме на спиење да ја читаме меморираната последна молитва од молитвеното правило во којашто има изобилство за нас непознати зборови, подобро би било да си ја проверуваме совеста и да разбереме дека тој ден гревот повторно нè прегазил, дека тој ден повторно не сме успеале да се задржиме на височините на нашиот христијански призив. На овој начин, ќе Му принесеме покајание на Бога, и тоа ќе биде нашиот духовен труд. Тоа ќе биде токму она што Бог го чека од нас.

Но, ако тој грев секој пат го пребројуваме на исповед, а за тоа ништо не преземаме, тогаш таа исповед се покажува дури многу сомнителна.

Протојереј Алексиј Уминскиј

Оставете коментар

3 Comments on "За исповедта, за верата во Бога…"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted
Okolu ovaa sveta tajna pokajanie i ispoved sekogas imam nedoumica i sum zbuneta ,bidejki imam citano kaj edni otci deka kako sto se plevi zemjata redovno od stetnite trevi taka i covekot treba da se osloboduva od onie grevovi koi gi voocil kaj sebe, so ispoved, a nekade pak imam procitano dovolno e ispoved pred posti i tolku ,i ako nesto incidentno se sluci vo godinata sto e retko.Mozebi taa raznoobraznost vo tolkuvanjata koi se plod na iskustvoto na otcite e polezna, sekoj nekade ke se najde.Mene licno poveke mi koristikako nekoe pravilo da se ima ,na primer ispoved pred… Read more »

Dobro e da se ima nekoja ramka vo vrska so ispovedta , da znae cedoto sto se bara od nego i kolkav e prostorot vo koj moze da se dvizi.
Inaku, samoopravduvanje e ako kazam deka subjektivizmot ne e dozvolen pri borbite (asketikata) .
Sto ke bide ako sekoj si pravi kako saka.Crvjosani plodovi nabrav i gledam ne se dobri za jadenje ni za mene ni za drugite.Prostete.

[…] македонски јази); не постојат небесни сметководители, за исповедта. Се разбира дека овие книги и текстови не се потребни […]

wpDiscuz