За христијанскиот живот

Вистински добар христијански живот може да има само оној кој во себе ја поседува Христовата вера и се труди да живее според таа вера, односно со своите добри дела да ја исполнува Божјата волја. Добрите дела се израз на нашата љубов, а љубовта е основа на целиот христијански живот. „Бог е љубов, и оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него“ (1 Јн. 4, 16); „Зошто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што поверува во Него, да не погине, но да има живот вечен “ (Јн. 3, 16 ). Така Бог на дело ја пројави Својата љубов кон луѓето.

А љубовта која не е проследена со добри дела, не е вистинска љубов, таа е љубов само на зборови. Затоа и словото Божјо вели : „Верата без дела е мртва“ ( Јак. 2, 10 ). Самиот Господ Исус Христос рекол: „Не секој што ми вели: »Господи, Господи« ќе влезе во царството небесно, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен“ (Мат. 7, 21 ). „Зошто ние сме Негова творба, создадени во Христа Исуса за добри дела, што Бог ги определил уште од порано да ги вршиме“ (Еф. 2, 10).

Исто така, ние сме добиле од Бога и посебни средства за да ги разликуваме добрите и лишите дела. Тие средства се внатрешниот Божји закон (совеста) и надворешниот Божји закон (Божјите заповеди).

Совеста се нарекува внатрешна духовна сила во човекот или пројава на духот кај човекот. Таа како внатрешен закон Божји (глас Божји) е присутна кај сите луѓе и ни укажува што е добро, а што е зло, што чесно, а што е нечесно, што е праведно и што не е праведно. Гласот на совеста нѐ обврзува да правиме добро и да отстапуваме од злото. За сите добрини извршени од нас, совеста нè наградува со внатрешен мир и спокојство, а за сите зла нѐ осудува и казнува. Човекот, пак, кој постапува против советите на својата совест, чуствува во себе морален неред, односно грижа и измачување на совеста.

Совеста како духовна сила во човекот бара развој и усовршување во врска со другите душевни сили во човекот, имено со неговиот ум, срце и волја. Умот, срцето и волјата на човекот се помрачиле уште од времето на падот во грев на првите луѓе (Адам и Ева), па оттука и гласот на совеста се покажал слаб и недоволен како појава на духовна сила. И ако човекот не развива во себе духовна сила, тогаш внатрешниот глас во него може постепено да заспие и умре.

Затоа, гледано од овој аспект е јасно дека само едниот внатрешен закон на совеста е недоволен за човекот. Дури во рајот Бог им ја открил на прародителите Својата волја. Затоа и при праведната состојба на човека му бил потребен и надворешен божествен закон. Уште повеќе тој бил потребен за човекот по падот во гревот. За да бидеме секогаш со будна и трезвена свест, Господ Бог ни Го дал надворешниот закон, односно Божјите заповеди.

Овој закон бил даден во поедноставен вид уште во Стариот Завет – во Синајското законодавство, преку пророкот Мојсеј. Главните десет заповеди од овој закон биле напишани на две камени плочи. Темелно и возвишено овие заповеди биле претставени во проповедта на Спасителот на гората, во Неговите девет призиви или повици за блаженство, а за старозаветните десет заповеди истакнал дека и нив треба да ги знаеме и исполнуваме. Самиот рекол: „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам“ (Мат. 5, 17).

На прашањето на еден млад човек: „Што добро да направам за да имам живот вечен?“ – Господ директно му одговорил: „Ако сакаш да имаш вечен живот запази ги заповедите“ (Мат. 19, 16 – 19) . И така, Господ ги учел луѓето да ги исполнуваат овие заповеди и тоа многу посовршено, отколку што ги разбирале оние пред Него, пучувајќи преку параболи и поуки – да не ги нарушуваат заповедите, и тоа не само со своите дела, но и со мислите и желбите – барал од нив чистота на срцето, „бидејќи тие ќе Го видат Бога!“ (Мат. 5, 8).

Извор: Пловдивска Митрополија
Поготвил и превел од бугарски јазик: Петар Петковски, студент по теологија

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz