За градината на срцето

Новиот живот што си го започнал, често се поврзува со градина. Земјата која ја добива градинарот за обработување е дар од Бога, исто како и семето, сончевата топлина, дождот и енергијата кои се потребни за да растат билките. Меѓутоа, целата работа е доверена на градинарот.

Ако земјоделецот сака богата жетва, мора да работи од рано наутро до доцна навечер, да ја плеви, да ја проветрува, наводнува и прска, бидејќи обработувањето на земјата е пропратено со многу опасности кои ја загрозуваат жетвата. Тој мора да работи непрекинато, непрестајно да бдее, да биде постојано внимателен и секогаш подготвен; но сепак, на крајот жетвата зависи од природните услови, односно од Бог. Градината која започнавме да ја обработуваме и над која треба да бдееме е ливадата на нашето срце, а жетвата – вечниот живот.

Вечен, бидејќи не зависи од времето и просторот, како и од било кои услови; тоа е вистински слободен живот, живот на љубовта, милоста и светоста, во која не постојат граници на природата, и заради тоа е вечен. Тоа е духовен живот во доменот на духовноста: а тоа е состојба на битисување. Започнува тука, во овој живот и нема крај, и ниедна сила од овој свет не може да го принуди; единствено може да се најде во човечкото срце.

Осудувај се себеси, вели свети Исаак Сирин и непријателот ќе отстапи како што ќе се принудуваш. Помири се самиот со себеси, и небото и земјата ќе се помират со тебе. Потруди се да влезеш во скриената соба на своето срце и ќе ја видиш небесната соба, бидејќи тоа е една иста соба; кога влегуваш во една ги гледаш и двете. Скалите кои водат во Царството се во тебе, скриени во душата. Отфрли го бремето на гревот и во себе ќе ја здогледаш излезната патека која ќе ти го овозможи воздигнувањето.

Небесната соба за која говори овој светител е другото име за вечниот живот. Уште се нарекува и небесно Царство, Божјо Царство, или едноставно Христос. Да се живее во Христос значи да се живее во вечен живот.

Тито Колијандер
Превод: Александар Божиновски
Извор: Православен Пат бр.31

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz