За еден миг: Рајот

Благоразумниот разбојник

Пасха и Светлата Седмица отсекогаш ме потсетувале на рајската радост. Дверите постојано стојат отворени во Светлата Седмица, потсетувајќи го народот Божји дека Христос за нас го отвори рајот. Ова се некои мисли за ненадејноста и блискоста рајска. Како што старец Клеопа милувал да каже, „Нека ве проголта рајот!“

Егзапостиларот на утрената на Велики Петок е химната: „Благоразумниот разбојник“, со која нашето внимание се насочува кон милоста Божја – која на благоразумниот рабојник му го ветила рајот „уште денес“. Тоа е една од моите најомилени химни од Страстната седмица. Разбојникот, распнат од десната страна Христова, се покајува и се здобива со рајот „за еден миг“. Со тоа се објавува полнотата на Божјата љубов, преку која покајанието дадено во еден миг се преобразува во живот бесмртен. Размислите околу блискоста на рајот се тема и во писанијата на Достоевски. Доколку рајот е толку близу – оти се задоволуваме со нешто помало?

Разбојникот благоразумен,
за еден миг си го удостоил за рајот, Господи:
и мене со крсното дрво просветли ме и спаси ме.

Често се навраќам на овие стихови, затоа што верувам дека често само еден миг нè дели од рајот, дури и тогаш кога сме во искушенија и сме исполнети со секакви помисли. Стоиме еден миг од рајот, затоа што истиот распнат Господ стои покрај нас. Или пак, ќе похулиме на Него со едниот разбојник (макар што оној на кого хулам можеби не излгеда како Христос, но изгледа барем на еден од Неговите браќа). И, додека хулам, рајот повторно стои покрај мене, повикувајќи ме кон небесната цел со зборовите: „Жеден Сум“. За нашата љубов и покајание Тој е жеден – Тој, Кој толку многу претрпе поради љубовта кон луѓето.

Уште еден трогателен пример на таквото покајание може да се најде во „Браќа Карамазови“ на Достоевски. Повеќе пати сум го препрочитувал овој извадок, и несомнено, повторно ќе го исчитувам. Се работи за приказната за братот на старецот Зосима, Маркел, кој го придобил рајот во еден краток миг, приближувајќи се кон смртта.

Ме потсетува на Писмото:

„Оти е речено: »Во благопријатно време те чув и во денот на спасението ти помогнав«. Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!“ (2 Кор 6,2).

Извадок од „Браќа Карамазови“:

… но пристигна лекарот и брзо ѝ прошепоти на драгата мајка дека се работеше за галопирачки напредок [на болеста] и дека тој нема да ја преживи пролетта. Мајка започна да плаче, набљудателно [воглавно за да не го исплаши] започна да бара од него барем малку да пости, и потоа да се причести со Божјите свети тајни, затоа што во тоа време сè уште беше добар. Откако го слушна ова, тој го изгуби трпението и започна да го колне божјиот храм, но потоа се задлабочи во себе… Поминаа три дни, и започна Страстната Седмица. И тогаш, од вторникот вечерта, мојот брат започна да пости и се причести. – Ова го правам, да бидам искрен, за тебе, драга мајко, за да ти угодам и да ги смирам твоите стравови – ѝ рече. Мајка зарида од среќа жал; „значи му се ближи крајот, штом нагло се измени“. Но недолго одеше в црква; состојбата му се влоши, и така, дома го исповедаа и причестуваа. Деновите започнаа да бидат светли, ведри и пријатни – беше доцна Пасха. Саноќ ќе кашлаше, се сеќавам; лошо спиеше, но наутро секогаш ќе се облечеше и се обидуваше да седи во меката фотеља. Така и ќе го запомнам: седејќи таму тивко, кротко, вистински болен, но со ведар и радосен лик. Доживеа целосна духовна преобразба – о, каква чудесна промена неочекувано започна во него! Нашата стара сестра ќе влезеше во неговата соба: „Дозволи ми да го запалам кандилцето пред твојата икона, драг мој“, ќе му речеше. Претходно тој не ѝ дозволуваше да го стори тоа, дури и ќе го дувнеше. „Запали го, драга сестро, запали го, бев сурово чудовиште штом не ти дозволував порано. Штом ќе го запалиш, кажи ги твоите молитви, и јас, радувајќи се за тебе, ќе ги кажам и моите. Тоа значи дека на ист Бог се молиме“. Чудни ни беа тие зборови, и мајка ќе побегнеше во нејзината соба, ридајќи, но враќајќи се повторно при него, ги бришеше очите и се појавуваше со ведар дух. „Драга мајко, не плачи, драга моја“, ѝ велеше. „Имам уште да живеам, ќе се радувам со вас, и мојот живот ќе биде радосен и весел!“ „О, драго дете, каква веселост има за тебе, кога саноќ гориш во бунило, и кашлаш додека градите речиси не ти се распаднат?

„Мамо“, ѝ возвраќаше, „не плачи, животот е рај, и сите ние сме во рајот, но не сакаме да го сфатиме тоа, а доколку се грижиме да го сфатиме, рајот ќе се објави во светот уште утре“. И сите се чудевме на овие негови зборови, како чудесно и мажествено ги кажуваше; се разнежнувавме и липтавме… „Драга мајко, капко од мојта крв“, велеше тој [во тоа време тој беше започнал да користи вакви милувки, неочекувано], „возљубена капко од мојта крв, радосна, мора да научиш навистина, секој од нас е виновен пред секого и за сè. Не знам како би ти го објаснил ова, но го чувствувам, и ме измачува. И како сме можеле да живееме сето ова време лутејќи се еден на друг, незнаејќи го ова?“ [Зборуваше дека сме виновни дури и пред птиците и сето создание]… „Да“, велеше, „сегде околу мене имало толку божествена слава: птици, дрвја, ливади, небо, а јас самиот живеев во бесчестие, самиот бесчестејќи го сето тоа, целосно запоставувајќи ја убавината и славата“. „Премногу гревови си земаш врз себе“, драгата мајка ќе му речеше, плачејќи. „Но мајко драга, радост на животот мој. Од радост плачам, не од скорби; зошто сакам да сум виновен пред нив, ни самиот не знам да ти објаснам, оти јас не знам како да ги љубам. Нека бидам достоен за прекор пред секого, и тогаш сите ќе ми простат, и тоа ќе биде рајот. Не сум ли во рајот сега?“

Отец Стефан Фримен

Оставете коментар

1 Comment on "За еден миг: Рајот"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] За еден миг: Рајот […]

wpDiscuz