За доаѓањето на Синот Човечки

Тогаш ако ви каже некој: „Еве овде е Христос“, или „таму е“, не верувајте! Оти ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, избраните. Ете однапред ви кажав. И така, ако ви речат: „Ете во пустината е Он“ – не излегувајте. „Ете во тајна соба е“ – не верувајте! Зошто, како молњата што излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки.

Матеј 24, 23-27

Оставената од Бога самоодлучлива човекова волја да го избере својот животен пат е воедно и страшно немоќна пред лукавштината на демоните, или со други зборови човекот расположен да флертува со своите искушенија, да си поигрува топло – ладно додека ги прифаќа, загризува, па избегнува, или пак гранитно цврсто им ги затвора портите точно пред нивните зли носеви, е сепак подложен да пружи рака кон предлогот на змијата сè додека таа не се потопи во неповратливата жештина на Езерото. Тој ризик да се биде измамен е запишан длабоко во корените на силно трезвоумие кое секоеутрено ќе опоменува за видливите и оние кои можат само по смрдеата да се идентификуваат стапици, а потоа и дефиниран во сржта на силно безмоволие кое треба да ги рашири прегратките за исповед на прегрешеното, за солзите за измивање на аловината и за молитви за сила да не се падне или веднаш подигне после паѓањето.

Ако ви каже некој дека овде или таму е Христос, не му верувајте. Што би правел Тој во пустината, кога таму веќе три пати го отфрлил Мамона посрамувајќи го во неговите надежи да се излажира и Светлината. Што би правел Тој во тајна соба кога не се сокрил ниту во градината кога пресудата Му беше донесена, кога поучуваше дека тајната ќе се објавува од покривите и од која излезе откако ги пренамени своето Тело и Крв на вечерата со дванаесеттемина. Се појавија лажни христоси и пророци и покажуваат големи знаци и чуда. Се појавија парите со својата соблазнителна моќ да станат богови и во моментот кога се поседуваат и наркотично зависни во моментот кога се посакуваат. Се појавија челници на светот кој наместо во благодет ветен од нивните усти, го водат во бездна која од почетокот наликува на медна кошница со бучни роеви од безброј исполнети желби. Се појавија страстите со модифицирана генетика да ако само еднаш се помирисаат, нивното влијание се вгнезди во мозочната кора и подоцна учествува во секоја мисла до крајно истоштување. Што поголеми знаци и чуда? Да може едно парче хартија или метално топче со лажен сјај го натера човека да го оскрнави својот ближен само за да му ги одземе или за да ги има подолго и повеќе од него. Да може една моќ да роди заблуденост за лет кон висините и истовремено непоученост од падот на сатаната и неговите неангели од сосема истото место. И да можат помислите да се материјализираат во дело, делото во неправда, таа во грев, тој во совест, таа во очај и тој повторно во грев. И мнозина ќе бидат прелажани.

polska-krov

Не се плашете, зошто како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки. Тешко ми оди, си ги повторувам падовите како песна научена наизуст, елејот ми се скусува и фенерот се бори да ги сочува последните одблесоци светлина, а со едното око ѕиркам кон исток од каде ја очекувам молњата. Се молам малку да задоцни за да имам време да ја обелам облекава. Се молам и малку да побрза за да се спасам од ова тело во кое мисла за добро има, но не и волја да се направи. Колебливо е дека ќе биде во ред да ја чекам на врвот од највисоката планина земајќи ја во обѕир прекрстеноста на моиве раце кои во таква положба и не помислуваат да се борат. Подобро ќе биде тоа да го сторам на нивата, поднаведнат во делото на трудот напоено со потта на немрзливоста, како уморен работник кој едвај ја дочекува перницата и благиот сон. И после ќе биде доаѓањето на Синот Човечки. Трубни знаци, густи облаци и еден од нив подножје за Неговите нозе, мноштво ангели кои разлетуваат целејќи ги праведниците кои не треба да умрат… Дали во таа навидум збрка ќе ме здогледа Јагнето и ќе покаже со прст и кон мене? Сè уште со пакосно влијание, гревовите повторно ми се репризираат циклусно и со цел да ме одвлечат од оваа толку очекувана глетка. Припаѓам или не припаѓам, ќе одѕвонува како дилема одново и одново додека се надевам не почуствувам како го губам тлото под нозете и се издигнувам во висините, а истовремено помеѓу меките пердувести крилја и под блескавот ореол ми се смее едно прекрасно ангелче.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz