За детинестата плашливост

Извадок од дваесеттата поука од Лествицата на св. Јован, наречен Схоластик, игумен на светата Синајска Гора

Ако подвигот на добродетелта го минуваш во општежитие или во заедница, плашливоста нема многу да те напаѓа. Но, ако се подвизуваш на пусти места, внимавај со тебе да не завладее овој потомок на суетноста и чедо на неверието.

Плашливоста е детинест табиет во суетна, остарена душа. Плашливоста е отсуство на вера среде исчекување на изненадна несреќа. Стравот е опасност на која се мисли уште пред да настапи. Или, пак, стравот е трепетно чувство на срцето што трепери и тагува поради неизвесни, но можни настани.

Стравот е лишување од цврстата надеж на Бога. Вообразената душа е роб на плашливоста, зашто таа се надева само на себе: таа се бои од секој шум, од секоја сенка.

Оние што плачат и патат поради своите гревови не се плашливи. Стравот ги вади од памет плашливите, што е сосем природно: Господ со право ги остава гордите на цедило, за и ние, другите, да се научиме да не бидеме горди.

Св. Јован Лествичник

Сите плашливци се суетни. Но, не сите храбри луѓе се смиреноумни, зашто се случува и разбојници, и гробократци да не се плашливи.

Не се плаши во глуво доба од ноќта да ги посетуваш токму тие места на кои обично те фаќа страв. Ако и најмалку ѝ попуштиш на оваа детинеста и смешна страст, со неа и ќе остареш. Кога тргнуваш, наоружај се со молитва. Кога пристигнуваш, рашири ги рацете. Со името Исусово бичувај ги противниците: ни на небо, ни на земја, нема посилно оружје. А, штом се ослободиш од оваа болест, усрдно заблагодари Му се на Избавителот. Ако Му бидеш благодарен, ќе те штити навек.

+ + +

Оној што станал Господов слуга, се бои само од својот Господар, а оној што од Бога не се плаши, често се плаши и од својата сенка.

+ + +

Оној што ја победил плашливоста, на Бога Му ги предал животот свој и душата своја.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz