За бракот и семејниот живот

Смисолот на бракот е во побудувањето на радост. Се подразбира дека брачниот живот е најсреќен, најпотполн и најбогат. Тоа е совршена Божествена институција. Божествената замисла, поради тоа, се состои во тоа дека бракот носи среќa, дека тој го прави животот на мажот и жената попотполн, за никој од нив да не биде поразен, туку и двајцата да победат. Ако бракот сепак не стане среќен и не го чини животот побогат и попотполн, вината не е во самиот брачен сојуз, туку до луѓето соединети во него.

+ + +

Бракот е Божествен обред. Тој бил дел од промислата Божја при создавањето на човекот. Тој е најблиска и најсвета врска на земјата.

+ + +

После склопувањето на брак, првата и главна обврска на мажот е кон жената, а на жената – кон мажот. Тие мора да живеат еден за друг, еден за друг да го дадат животот. Порано и двајцата биле несовршени. Бракот е соединување на две половини во единствена целина. Двата животи се поврзани во еден толку тесен сојуз, што веќе не постојат два, ами еден живот. И двајцата до крајот на своите животи ја носат светата одговорност на среќа и најголемо богатство за оној другиот.

+ + +

Првата лекција што човек треба да ја научи и да ја исполни е трпението. На почетокот од семејниот живот се откриваат, покрај добрите страни од карактерот, и недостатоците и специфичните навики, вкусови и темпераменти за кои другата половина не ни претпоставувала дека постојат. Понекогаш се чини дека е невозможно да се навикнеме едни на други, дека конфликтите ќе бидат вечни и безнадежни, но трпението и љубовта совладуваат сè, и двата животи се слеваат во еден, поблагороден, посилен, попотполн и побогат, и тој живот ќе продолжи во мир и спокојство.

+ + +

Уште една тајна на среќата во семејниот живот е внимателноста на еден кон друг. Мажот и жената мора постојано еден кон друг да покажуваат знаци на најнежно внимание и љубов. Среќата во животот се состои од посебните минути, од ситните задоволства кои брзо се забораваат, од бакнежите, од насмевките, од добриот поглед, срдечниот комплимент и безбројните мали, но добри мисли и искрени чувства. На љубовта исто така ѝ е потребен нејзиниот леб секојдневен.

+ + +

Ако еден сопружник го почитува другиот, и тој е воздигнат, а ако не, тогаш и тој е понижен.

+ + +

Чистотата на помислите и чистотата на душата е она што навистина облагородува.

Света маченичка и царица Александра Т. Романова

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz