За Бога, за Христа, за другите религии

1. Илјадапати е полесно човек да рече дека неговата религија е сосем погрешна, отколку да признае дека неговото мислење и неговиот живот се погрешни. Многу е полесно човек да ја напушти својата религија, отколку да го напушти егото. Луѓето постојано се во потрага по религија која нема да им го загрози егото.

2. Како студент, го слушав својот професор како постојано вели: „Сите оние што одат в црква се христијани“. Еднаш, кога веќе не можев да се воздржам, му реков: „Според вашиот начин на размислување, секој човек што се наоѓа во гаража е автомобил! Што заедничко има физичкото присуство на човека в црква со христијанската вера?! Христијанин е оној кој правилно Го исповеда Христа, со збор и дело!“

3. Исто така, додека бев на факултет, присуствував на една дебата за Бога. Воопшто не ми беше интересно. Но затоа, пак, вниманието целосно ми го привлече една убава девојка, христијанка. До тој момент сметав дека сите христијани се глупави. Но, тогаш сфатив дека не било баш така. Посрамен од таквите мисли, но и сакајќи да врзам муабет со неа, тивко ѝ прошепотив: „Би била ли добра, та да ми кажеш што извршило најголемо влијание во твојот живот? Зошто толку многу се разликуваш од другите колеги и професори?“

Таа ме погледна директно во очи, и со блага сериозност кажа само два збора, и тоа нешто што никако не го очекував како одговор: „Исус Христос“.

– Леле, жити Бога! Престанете веќе со овие работи! Ми се повраќа од вашата религија! Ми се повраќа од Црквата, и побожните книги, затоа што сè што е поврзано со религија како да венее! – избувнав јас.

– Но јас не спомнав никаква религија. Реков: Исус Христос.

Дотогаш не бев чул некој да прави ваква разлика. А таа продолжи:

– Христијанството не е религија. Религијата е обид човекот да го пронајде својот пат до Бога. Христијанството го прави токму обратното: тоа постојано благовести за обидот на Бога да му се приближи на човека, зарем не сфаќаш!

Митрополит Мелетиј Каламарас

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz