Warum? Hier ist kein warum.

Петто послание до нас, самите: Аушвиц

birkenau

Има една кратка сторија (меѓу многуте) од логорите на смртта каков што бил Аушвиц: еден затвореник, изгорен од жедта, посегнал по еден мразулец кој висел на стреата, за колку-толку да вкуси капка вода. Еден стражар го забележал и му го отргнал мразулецот од рацете. Затвореникот го прашал: „Зошто?“ Стражарот му одговорил: „Овде нема зошто“.

Сега, не сакам да навлегувам во сѐ она што се знае за овие логори, за целата историја, за севкупното зло кое е направено таму, за сѐ она што го направи човекот да биде нечовек, за најдолните точки на нехуманоста, на невините души, на слабоста човекова од двете страни, како од немоќ, така и од злото кое навлегло во него…. Да не се повтори.

Сакам да нагласам една друга страна. Во овие логори луѓето биле убивани, малтретирани, злоупотребувани, мачени, искористувани, принудени да работат од утро до мрак и тоа најтешки и најниски физички работи, во нехигиенски услови, без храна, топла облека, топла постела и сл. И некои преживеале, Со една чинија супа (односно ладна вода со сол и едно зрно грашок внатре) и една корка сув, тврд леб со непознати состојки во него, и некоја дневна доза на вода.

Што правиме ние денес и што се случува со нас во денешнината?

Храна во изобилие, месо, сувомеснати, колбаси, чорби, пици, млеко, сирења и кашкавали, риби и октоподи, зеленчук и овошје нон-стоп, лубеница среде зима, а на лето жолта дуња. Па, во овој ресторан, па во оној, оваа кафана, таа гостилница, кафиќ до кафиќ, па не ни се допаѓа пицата, па не нѐ ујдисува пачата, бурекот не бил добар, симит бурекот уште полош , лигњите не биле добри, оризот не бил доварен, па без кари не седнуваме да јадеме… па, вратот бил многу мрсен, тегаво било пилешкото, пиперката не била допечена. Од мама не јадам, од баба не можам, па хамбургерот не бил со сѐ, па зошто ми стави мајонез, чоколадото не било со цели лешници, еурокремот не бил мешан, баклавата не била со ф’стаци, млекото не било чоколадно. И сѐ така, и сѐ по ред.

А немаме вода во очите. Немаме за од први до први. Не знаеме што јадеме, не знаеме колку јадеме. Сомунот на вудве го тепаме. Кај ке ни биде крајот, или почетокот на крајот. Пред нашите очи контејнерите се полни со храна и за жал со луѓе кои ја бараат таа храна. Само кај нас се продава стар леб за кучињата.

Заборавивме на Бога. Заборавивме на сиромасите. Заборавивме на немаштијата. Заборавивме на воздржаноста. Заборавивме на постот. Заборавивме на милосрдието. На Православието како вера и начин на живот. Не ни сакаме да се смириме, да се воздржиме, да се соземеме, да се пречекираме што, како, зошто, што е добро, што е доволно, што е потребно, што е со мера, што е нормално.

А за пиењето и опивањето и да не говориме. За немаштијата, за оскудноста, за немањето, за скромноста.

Да се запрашаме, како се седнува на масата, на трпезата, како се пристапува на храната, на водата, со која почит, со каков однос? Што се јаде и на што се мисли, за што се зборува? Дали се молиме, дали благодариме? Кој сето тоа ни го дава и Кој ни го оживотворува пред нашите очи, Кој?

Еднаш, во една прилика бев на ручек со едни пријатели – соработници. Меѓу нив имаше и еден богат човек, бизнисмен, муслиман. Кога заврши ручекот тој промрморе неколку зборови. Јас го запрашав што кажа. А тој рече: „Го молам Бога, барем половина од ова што го јадевме да им го дава на тие што немаат.“

Замислете. Барем помислил, се помолил, проговорил, благословил.

Нашиот Бог е милостив, нѐ учи, нѐ поправа, прави да бидеме добри, сака да бидеме добри, а не само чревоугодници.

Не можеме денес раат и во мир да поминеме едно деноноќие дури ни по три обемни оброци плус две ужинки. И пак малку ни е, и ќе се скараме на крај. Како и на што ги учиме нашите деца? Што ке им оставиме ним?

Бог најмногу се спознава или најпрво се спознава од домашната црква, домот, од трпезата. Од почитта кон лебот и солта, се огледа нашата почит кон Бога.

После сето тоа немаме, не можеме, не знаеме, друг ни е крив. Зошто? Препрочитајте го насловот …

Господ Бог на помош.

Ѓорги Кочовски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz