Взаемна молитва

Пак ви велам, ако двајца од вас се согласат на земјата да помолат нешто, што и да било, ќе им биде дадено од Мојот Отец небесен, зошто каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив.

Матеј 18, 19-20

Колку едноставен, богат и лесен предлог по својата суштина, милосрдност и вљубеност, но многу тежок до реализација поради душите потопени во суета и континуирано разноумие. Ако барем двајца од нас се согласат да се помолат нешто заедно, што и да било, ќе им биде дадено од нашиот Отец небесен. Веројатно акцентот на бремето во извршувањето на ова се става на желбите на тие двајца кои ќе мораат да се слеат во една заедничка молитва, на нивниот став тоа да го сторат многу силно и искрено, поттурнувајќи ги сите нивни досегашни индивидуитети и приоритети во позадина, и на нивниот статус почетници во долгата трка по венец нетрулежен која претпочита исконски копнеж кон нераспадливоста на она што би се добило како резултат од молитвата. Како што реков, многу едноставно, како и преместувањето на планини со вера колку малечко зрно синапово.

Можат ли двајца сопружници да се согласат на земјата и да помолат нешто? Ако сопругот посака новиот автомобил да биде од германска марка, таа нема да се согласува со потемната половина од нијансата на бојата на предните седишта. Ако таа посака летниот одмор да го поминат до мирисот на палми и кокос, сопругот нема да се согласува за врелината на сончевите зраци кои му ги унакажуваат мускулите на неговиот абдомен. Ако тој сака неговото прво машко дете да игра фудбал, сопругата ќе настојува да свири на виолина. И така во недоглед. Која и каде ќе биде точката на усогласување, на преклонување и покајување, на солзи и непрекината молба да се разговара со Отецот за нешто што е духовен недостаток и неопходност за понатомошно дишење, спокој и поглед кон сонцето со секојаутринска благодарност? Не знам каде е, но веројатно станува видлива кога светот престанува да се врти, страстите се смрзнуваат и душата започнува да не трепери.

Можат ли двајца деловни партнери да се согласат на земјата и да помолат нешто? Ако првиот го посака профитот за себе, вториот нема да се согласува со сопствените планирани, но неостварени инвестиции. Ако вториот набави нова луксузна куќа, првиот ќе се сомнева дека е краден. Ако истовремено си посакаат добро утро и двата ќе се прашуваат за скриените мисли на другиот и нивното влијание се да тргне наопаку. Која им е, и каде е нивната точка на усогласување? Можеби онаа на состанокот во Негово име на кој ќе се одлучи дека материјалниот баланс во книгите е само чкртаница наспроти нивната взаемна почит и разбирање.

molitva

Можат ли двајца браќа или сестри да се согласат на земјата и да помолат нешто? Ако едниот посака дел од семејното наследство, гредата во окото на другиот ќе му попречи да гледа дека тој е многу поголемиот. Ако едната ги добие најновите чевли со вртоглави потпетици, другата ќе ги гризе усните до црнило погледнувајќи во своите веќе четири часа износени. Која им е точката на усогласување на кутрите, на чија поголема ближност не им помогнала ниту заедничката крв, ниту истите гради кои ги заспивале? Можеби онаа на која Тој ќе застане посреде нив и ќе ги допре на слепоочницата, по разумот, до срцето за да се откамени и зачука посилно и нетрпеливо да ја препознае љубовта.

Да се помолиме двајца согласно на земјата за нешто да ни биде дадено од нашиот Отец. За да сме сиромашни што и корката леб ќе ни биде тешко дофатлива, и ќе се одмориме од помислите за препечена кокошка. За да сме скршени до дното како не би го охрабриле телото да ни стане господар и не вовлече во огнената стихија. За да го завртиме и другиот образ кога ни го повредија егото, навредија суетата и жигосаа благословот и подголтнеме горчливо со солзи дека тоа требаше да го направиме посмирено како Јагнето. За да дојде Тој посреде нас и не именува секој поединечно по она што сме познати, по она каде ќе отидеме и како се ни беше простено. И за да ги изговараме истите зборови, со истите чувства, со истата трпеливост до свршетокот на светот.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz