Вселенскиот патријарх ќе присуствува на папската интронизациона миса

Неговата сесветост, Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј I ќе присуствува на интронизацијата на новоизбраниот папа Фрањо. Информативната служба при Вселенската Патријаршија ја објави оваа вест вчера, потенцирајќи дека се работи за преседан непознат во Црквата по Големиот раскол од 1054 година, а сè во знак на приближување и сехристијанско обединување.

Патријархот Вартоломеј ќе биде придружуван од неговото Високопреосвештенство, митрополитот Пергамски Јован (кој воедно е и извршител на функцијата ко-претседател на Заедничката меѓународна комисија за богословски дијалог меѓу Римо-Католичката и Православната Црква), како и г. Терасиј, митрополит на Буенос Аирес и г. Генадиј, митрополит на Лимурис (Италија).

Дијалогот меѓу православните и римо-католиците доживеа позабрзан развој по Вториот Ватикански собор, по што следеше привидно заладување на односите. За време на службата на претходниот папа, Бенедикт XVI, привременото затишје во дијалогот беше прекинато. Обидувајќи се да го премости догматскиот јаз, којшто е повеќе од очигледен, Бенедикт предложи ново толкување на римскиот примат, неумесно посочувајќи примери од животот на Црквата во првиот милениум.

Во меѓувреме, римо-католичкиот екуменизам наидува на отпор од Третиот Рим. Имено, претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Руската Православна Црква, митрополитот Иларион во едно интервју нагласи дека до средба меѓу Московскиот патријарх Кирил и папата може да дојде, но „времето и местото ќе зависат од решавањето на последиците од прозелитизмот и унијатството“.

Сепак, според најавите, и митрополитот Иларион ќе присуствува на интронизацијата на 19 март оваа година.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz