Време за пост

Тогаш дојдоа при Него учениците Јованови и рекоа: „Зошто ние и фарисеите постиме многу, а Твоите ученици не постат?“ А Исус им рече: „Зар можат сватовите да бидат нажалени додека е со нив младоженецот? Но, ќе дојдат дни, кога младоженецот ќе се оттргне од нив, па тогаш и тие ќе постат”.

Матеј 9, 14-15

Време е за пост. Си заминал Младоженецот од нашиот храм и колку и да е тешко да се прифати, тоа и беше разбирливо после сиот оној актерски пристап во нашиот живот и отпадот кој останал како симбол на распаднато светољубие. Си замина Тој, но за среќа не ги понесол и инструкциите од нашата душа, кои уште еднаш потемелно протолкувани можеби и ќе помогнат да започнеме. Ако логиката вели дека започнувањето е акција која се покренува од некоја нулта точка, новиот наш почеток ќе ја побие разумноста на таа логика и ќе се обиде да започне од негативата пред таа точка, сè со цел да го брише патот до нулата, а дури потоа да се најде на стартот на новото случување. Бидејќи животот не е едноставна компјутерска програма подложна на бришење, неговите записи се вечни и не можат ниту да се прецртаат, ни преостанува само методот на покајание. Силен напор за согледување на погрешните записи, река од солзи за нивно измивање и ветувања дека нема повторно да се впишуваат. Тоа е покајанието кое уверено дека и не е доволно способно самото да си го исценира сопственото опростување, целовремено се потпира на крвта на Младоженецот, која повеќе од незалудно беше пролеана да чисти. Ете, тоа е веќе добар почеток, иако близу до нулата. И време е за пост. Пост од две парчиња леб кои го презаситиле телото со помисли дека нема да му биде доволно и кога би го проголтало половина свет. Пост од погледот кон туѓинката, кон нејзините телесни пропорции измешан со мирисот од илузијата како похотта би се случувала. Пост од грижата дека се нема во количина зацртана во нашиот план и дека кај соседот истото е со поголем квалитет. Пост од волјата да се одземе туѓо и да се биде со него без почит кон црното под ноктите. Пост од маската да се биде добротвор само пред воздишките од луѓето или со папагалско брборење низ религијата. Пост од злото длабоко во коските, подготвено да наштети на оние кои се подготвуваат за ангели, и подготвено да го извалка образот од чие Огледало сме го наследиле. Пост од анархијата во разумот, плодна да нè натера да тргнеме по поширокиот пат, и плодна да нè убеди дека стапицата е само место за релаксирање. И пост од самите себеси како структура неповратно заблудена со сомнежот дека се живее во тесна кожа.

blagoslov

Не е време за пост. Младоженецот е со нас и ние не сме нажалени. Двете парчиња леб со лист од марулка и лук се благословени и не го изненадиле телото колку малку му е доволно да не биде вечен бунтовник. Ќе нема потреба да се мерат пропорциите на туѓинката или да се вдишува нејзиниот мирис кога драгоценоста во сопствениот дом само со сопствената сенка го дефинира поимот љубов. Црната завист кон оние кои се посреќни ќе биде само смешно минато за нашите конфузни мисли, а нејзината пакосна платформа ќе биде засадена со многу радост за насмевнатото човештво. Крадењето и онака ќе стане нонсенс во едно привремено утописко гледање на светот каде ќе важи правилото: „секому според потребите”, секако акцентирајќи го зборот потреба како лимитиран извор заради скромност во побарувањата. Ќе се прави добро во изобилие, но тоа ќе го знае само левата рака и Таткото. Ќе немаме други богови освен Него и ќе Го славиме во нашата скришна соба, а не јавно по раскрсниците каде се мамат заведените. Злото ќе се влечи само од архивите за да биде опомена при преминот преку бездната и тага по образот по Чие подобие сме го наследиле и извалкале. Протерување на анархијата од сите пори и забрана за влез секаде онаму каде нема да се претстави како мирна бура. И помирување со самите себе како најголем непријател и пречка до Небото.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz