За враќањето во светот по литургија

Настанот за којшто се говори во овонеделното Свето Евангелие се случил веднаш по Преображението. Имено, на Преображението на гората Тавор, тројцата од Господовите ученици – Петар, Јаков и Јован Го видоа нашиот Господ Исус Христос каков што Он навистина е, облечен во предвечната слава Божја. Тие познаа дека Тој е Цар и Бог, како што ние исповедаме на крштението. Христос уште им говореше дека „ќе изврши сè што беше рекол Бог“.

А сепак, слегувајќи од гората и движејќи се меѓу обичниот народ, изгледаше дека ѓаволот сè уште царува, како што и бил опишан, како бог и владетел на овој свет. Имало едно демоноопседнато момче, и учениците Христови не можеле да го исцелат. Сè ќе било извршено како што беше рекол Бог, но учениците Христови не можеле да исцелат едно момче.

Исцелување на момчето
Исцелување на момчето

Христос тоа го припишал на нивното неверие. Го виделе преобразен на гората, ја виделе Неговата слава, како што Јован Богослов ни раскажува „и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот.“

Но, назад во секојдневниот свет, нивната вера била преслаба, така што самиот Христос го изгонил демонот што го измачувал детето. И кога учениците Го запрашале зошто не биле способни да го изгонат демонот, Христос им повторил дека тоа се случило поради нивната слаба вера, напоменувајќи дека тој род се изгонува само со молитва и пост.

И ние денес сме како овие ученици. Ние стоиме на Божествена Литургија, што е исто како да сме на гората на Преображението. Ги гледаме светите икони кои ни Го покажуваат Христа Каков што е, во предвечната слава на Отецот. Ги гледаме иконите на ангелите и светиите околу нас. Светителите се мажи и жени кои, како и нас, оделе по земјата; но, нивната вера растела, и биле преобразени, преобразени така што славата и благодатта на нашиот Господ Исус Христос зрачела преку нив. Иконите ни овозможуваат да го видиме она што е невидливо, дека сите ние сме окружени со еден голем облак на сведоци, ангели и светители. Ние сме на Гората, и ја воспеваме славата Господова, се причестуваме со Светите Тајни, Го примаме самиот Господ Исус Христос, за да можеме да бидеме преобразени.

Но, што се случува по заминувањето оттука, враќањето во светот по литургија?

Многу често нашата вера се намалува, како одамна верата на овие Христови ученици. Соочени сме со еден свет во кој демонот изгледа моќен, а ние сме слаби. Гледаме како луѓето страдаат како последница на злото од овој свет, а ние сме немоќни да им помогнеме.

За демоноопседнатото момче, Христос рекол: „Овој род со ништо друго не се изгонува, освен со молитва и пост“.

Многу често сме невнимателни во нашите молитви: брзајќи да ги завршиме, талкаме и сме неусрдни. Зафатени сме, или изморени, или доцна сме се разбудиле, па молитвата ја оставаме за подоцна, кога ќе има време, а тоа време никогаш не доаѓа. Така, денот поминува без и малку да се помолиме.

Рамнодушно стоиме на Божествената Литургија, неуредно се подговуваме за Причест, и со суво и ладно срце се причестуваме. Исто толку млитави сме и во постот. Некои од нас не го ни пазат евхаристискиот пост*, а камо ли постот во среда и петок, како и четирите поголеми пости.

Ако и малку се молиме и постиме секој ден, нашата вера ќе зајакне. И, како што зајакнува, ќе можеме да станеме сведоци и алатки на Божјата сила, спротивставувајќи му се на светот.

Затоа, да одлучиме уште денес, без мрзеливост, туку со радост, да се молиме малку повеќе и подобро.

Амин.

отец ѓакон Стефан Хејс

* се мисли на постот од зајдисонце или полноќ, па до самото Причестување на литургија следниот ден

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz