В. П. Вартоломеј: не сме предавници на Православието

Силна порака беше испратена на повеќе страни до сите помесни Цркви од Вселенскиот патријарх Вартоломеј во врска со проблемот на екуменистичкиот дијалог.

Обраќајќи се до Бугарскиот патријарх Неофит, кој е во посета на Вселенската Патријаршија, г. г. Вартоломеј истакна дека ниту е предавник на Православието, ниту пак, ги поддржува екуменистичките концепти, како што го обвинуваат. „Преку нашата стратегија ние ниту сме предавници на Православието, како што нè критикуваат, ниту пак ги поддржуваме екуменистичките концепти, туку на хетеродоксните и на сите им ја објавуваме вистината на Православието“, беше дециден г.г. Вартоломеј.

Вселенскиот патријарх детално се осврна на реакциите што се јавуваат во врска со богословскиот дијалог во Бугарија и другите земји, посочувајќи дека овие акции се насочени кон взаемното разбирање и благовременото прифаќање „на Православната вера од страна на иноверните“.

„Нашата цел не е, како што се пишува во Бугарија и на други места, создавање на взаемно прифатлив ‘конгломерат’ на верувања. Значи, преку екуменистичкото движење ние не се стремиме кон прифаќање на една ‘христијанско-синкретистичка религија’, туку кон продлабочување на Православната вера и социјална соработка со оние кои го повикуваат Христовото име“, дополни патријархот.

Тој исто така додаде: „Секако, како Православни, како оние кои ја имаат полнотата на вистината, не се плашиме дека ќе бидеме погодени од догматските сфаќања на нашите иноверни браќа“.

Проблемот со Вселенскиот Собор

Вселенскиот патријарх не заборави да го спомне сериозниот проблем во меѓуправославните односи, проблемите поради кои започна процедурата за свикување на Свет Вселенски собор, на којшто ќе се соберат сите православни поглавари за да проговорат за нештата кои се во заеднички интерес.

„Сепак, во последно време условите се подобрија, а созреа и потребата за единство и соработка. Ова во голема мера ги олесни подготовките за свикување на Светиот и Велик собор на нашата Православна Црква, чијашто подготовка, иако наиде на несогласувања, ја покажа желбата за надминување на пречките, како и неуништливите и искрени духовни врски кои нераскинливо нè поврзуваат како помесни Православни Цркви, една кон друга, но и сите кон првата – Вселенската Патријаршија“, продолжи патријархот.

Тој нагласи и дека помесните Православни Цркви делат еден заеднички Путир, и различните ставови не го разрушуваат ова единство.

Оставете коментар

1 Comment on "В. П. Вартоломеј: не сме предавници на Православието"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Се е убаво што кажал, но тоа не му дава право да служи Литургија со отпадник, во конкретниот случај со папата

wpDiscuz