Вознесение Христово

Вознесение

Четириесет дена по Своето воскреснување, Христос се вознесе на Небесата, каде што беше претходно, според зборовите што Он Самиот им ги кажа на Своите ученици пред Своето страдање: Ова ли ве соблазнува? А, ако Го видите Синот Човечки да се искачува таму каде што беше претходно? (Јн. 6, 62). Секако, тоа не значи дека Христос, како Бог, не бил на Небесата за време на Своето вочовечување, туку дека ќе се вознесе и со човечкото тело. Впрочем, Неговото слегување од Небесата се подразбира како Божествено снисходење, а не како просторно преместување.

Во периодот помеѓу Неговото воскресение и вознесение, многу пати им се јавувал на учениците, на кои им ги откривал тајните на Царството Божјо, според зборовите на евангелистот Лука. На кои им се претстави жив по Своето страдање со многу верни докази, јавувајќи им се преку четириесетте дни и зборувајќи им за Царството Божјо (Дела 1, 3).

Господовиот празник Вознесение има големо значение и важност за христијанскиот и духовниот живот, затоа што е поврзан со обожувањето на секој човек. Во продолжение, прикажувајќи ги централните христолошки моменти на овој голем Господов празник, ќе ја констатираме и неговата голема вредност.

Најпрво треба да видиме што точно вели Светото Писмо за Божественото Вознесение. За овој голем Господов настан пророкува Стариот завет, а го прикажува Новиот завет. Нема да ги изложиме сите цитати, туку најиндикативните, затоа што во анализата што следиќе видиме и други цитати во кои се зборува за Христовото Вознесение.

Како што за сите Господови настани имаме пророштва во Стариот завет, истото се случува и со Божественото Вознесение. Пророкот Езекиил имал видение, кое се однесува на Христовото вознесение: И славата Господова се подигна од прагот на домот, па застана над херувимите. И херувимите ги подигнаа крилјата свои и се подигнаа од земјата пред очите мои. Кога тргнаа, и тркалата беа до нив; па застанаа при влезот на источната врата од Господовиот дом, и славата на Бога Израилев беше над нив одозгора (Ез. 10, 18 – 19).

Пророштвото кое се однесува на овој голем Господов настан, се забележува во Давидовите псалми. Во еден од нив се вели: Се вознесе Бог при восклици, Господ во трубен звук (Пс. 46, 5). А во друг псалм се вели: Ги приклони Он Небесата и слезе, а мрак падна под нозете Негови. И седна на херувими, па полета и се понесе на ветерните крилја (Пс. 17, 9 – 10).

Познато е дека Божјите откровенија во Стариот завет се откровенија на невоплотениот Логос. Тоа што се пророкуваше во Стариот завет, се реализира во Новиот завет со воплотувањето на Логосот Божји. Така, многупати во Новиот завет станува збор за Христовото Вознесение. Ќе го видиме тоа во три конкретни точки.

Прво, во учењето на Самиот Христос. Во една Своја беседа кон учениците, непосредно пред страдањето, го кажува следново: Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и одам при Отецот (Јн. 16, 28). И во еден друг случај Христос потврди: Никој не се издигна на Небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од Небото и Кој пребива на Небото (Јн. 3, 13).

Второ, Вознесението го гледаме во раскажувањата на евангелистите, кои се однесуваат на овој настан. Конкретно го наведуваат евангелистот Марко (Мк. 16, 19), а евангелистот Лукаго наведува и во своето Евангелие (Лк. 24, 50 – 53), и во Делата Апостолски (Дела 1, 3 и 9 – 11). Деталите за настанот на Вознесението и за начинот на кој се случил, се опишуваат во книгата Делата Апостолски, што ќе видиме во продолжение.

Трето, постојат многу апостолски цитати во кои се гледа сигурноста на апостолите за овој настан. Секако, Вознесението во древната Црква претставувало една од карактеристичните точки на Крштелните символи, т.е. се содржело во исповедањето на верата пред Крштението. Апостолот Павле, осврнувајќи се на централните моменти на Христовото искупително дело, односно на делото на Божјиот домострој, го опфаќа и Вознесението: Бог се јави во тело, посведочен беше од Духот, се покажа на ангелите, беше проповедан на народите, светот Му поверува, и се вознесе во слава (1 Тим. 3, 16). Осврнувајќи се на силата на Отецот, вели дека таа Он ја покажа во Христа кога Го воскресна од мртвите и Го постави од Својата десна страна на Небесата (Ефес. 1, 20). Секако, на друго место кажавме дека силата на Отецот е сила и на Синот. Христос, откако нè очисти од гревовите, седна оддесно на величието во висините (Евр. 1, 3), и тоа ветување им го даде на оние кои ќе се соединат со Него, дека и тие ќе седнат на Престолот на Неговиот Отец: На оној што победува, ќе му дадам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Својот Отец на Неговиот престол (Откр. 3, 21).

Од цитатите што беа изложени, многу добро се гледа дека Црквата му дава големо значење на настанот на Вознесението, затоа што, како што ќе видиме подолу, тоа ја изразува најдлабоката смисла на духовниот живот.

Митрополит Јеротеј Влахос
„Господовите празници“, СПЕ 2012
Превод: Отец Атанасиј Арсоски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz